Достапни линкови

Лазаревик - Случајот на малата Тамара да не се повтори


Доктор Владимир Лазаревик, експерт за јавно здравство и основач на интернет мрежата Хелтгрупер.

Доктор Владимир Лазаревик, експерт за јавно здравство и основач на интернет мрежата Хелтгрупер.

Во Македонија нема воспоставено јасен принцип на правична дистрибуција на парите во здравството и тоа особено се пресликува во моментите кога треба да се издвојат одредени средства за лекување и тоа се случува во континуитет, вели во краток разговор за Радио Слободна Европа, основачот на Хелтгрупер, Владимир Лазаревик. Според него, случајот на Тамара е само еден со кој е запознаена јавноста, а ги има многу.

Колку случаите како Тамара и други кои се појавуваат во јавноста кога родителите немаат друг избор освен да бараат пари од граѓаните ја потврдуваат нефункционалноста на системот во постапувањето по вакви случаи?

Тоа е проблем во Македонија којшто се провлекува со години, да не речам со децении, од причини што кај нас нема воспоставено јасен принцип на правична дистрибуција на парите коишто се наменети за здравството и за здравјето на граѓаните. Тоа конкретно се пресликува во моментите кога треба да се одвојат поголеми или помали средства за лекување на определени пациенти, дали се деца, дали се возрасни граѓани, тоа е небитно и тоа се случува во континуитет.

Сега е случајот на којшто бевме сведоци во изминатите денови за Тамара, којашто почина, тоа е практично само еден случај кој македонската јавност имаше можност да го види, меѓутоа има многу други случаи кои граѓаните не се во можност да ги видат од причини што не секој родител има можност на некаков начин да го промовира својот проблем и за него да побара решение. Тоа е проблем којшто се провлекува, пред се, затоа што ние немаме воспоставено јасен принцип кога е фер да кажеме „НЕ“, затоа што во здравството, мора да знаеме, дека нема ниту една држава која има доволно пари да ги покрие сите трошоци, меѓутоа она што државите прават е да се договорат што е она што мора да го покријат и што е она што мора да го рационализираат, некаде мора да се стави граница.

Ќе ви дадам пример, за да можеме да бидеме фер кон сите деца, во конкретниот случај, ние мораме да знаеме како ќе одлучиме да бидеме конзистентни во нашите одлуки кога праќаме на лекување во странство. Поточно ако денеска на едно дете му дадеме пари за лекување во странство во висина од 30 илјади евра за да му го продолжиме животот, ние не можеме на некои друго дете коешто ќе се појави утре да му кажеме- извини за вас нема пари!. Значи одлуките коишто ќе бидат донесени треба да бидат конзистентни на јасни принципи за кои треба да се договорат клучните актери во општеството, а тоа се осигурениците во конкретниот случај, затоа што од тие пари се трошат, а тоа кај нас не се прави. Кај нас се прави да речеме правнички пристап во одлуката кој да се лекува во странство, се носи одлука врз основа на комисии, првостепена, второстепена и основата за таа одлука е дали лекувањето дома не може да се реализира и дали ќе биде успешно лекувањето во странство, меѓутоа не се зема в предвид цената на тоа лекување и често пати се случува да се донесе одлука за одреден пациент да се платат стотици илјади евра, додека за друг пациент се носи одлука да се платат или да не се платат многу помалку пари и заради тоа се јавуваат овие проблеми, коишто сега засега не се гледа начин како ќе се надминат.

Колку претставува и тоа проблем, откако ќе се донесе одлуката за финансиска помош, потоа процедурата дополнително се одолговлекува?

Тоа е исто проблем којшто во конкретнава ситуација надлежните институции очигледно не ја завршиле работата соодветно со пренесување на одговорноста од една кон друга, кој кога треба да донесе одлука и колку време е потребно да се заврши таа процедура. Слушајќи ги изјавите на овластените лица од Министерството и од Фондот, тие велат дека направиле се што можат и дека било потребно да се направи договор со соодветна установа. Тоа е така, значи да се разбереме, случајот со Тамара е специфичен случај, којшто не може да се оперира било каде и било која друга здравствена установа мора да прифати да ја направи таа интервенција, значи јас не можам да ги правдам, не можам ниту да ги осудам, затоа што не сум бил вклучен, меѓутоа за каков било вид на сложена интервенција потребно е да добиете согласност од дотичната установа, за да таа интервенција се реализира и очигледно дека тука не е успеано да се направи да се спаси животот на детето, тоа било основната причина. Детето почина и сега како и да ја гледаме работата треба да се анализира да не се случи тоа повторно и да се најде дали има одговорност и чија е одговорноста во конкретниот случај.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG