Достапни линкови

Мемети - Нерасчистување на прислушувањето ќе остави последици


На Македонија ѝ требаат храбри политички лидери кои навистина ќе ја разрешат оваа ситуација и ќе овозможат граѓаните полесно да дишат, а институциите полесно да работат, вели Народниот правобранител Иџет Мемети во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Мемети колку прислушувањата на 20 илјади лица, кои опозицијата тврди дека ги спровела власта, се грубо прекршување на човековите права и слободи?

Во овој случај засегнато е правото на приватност. Не случајно и меѓународните документи и нашиот правен систем го гарантира истото и го сврстува во едно од фундаменталните човекови права и слободи, правото на приватност и семеен живот. Властите не смеат тоа да го ограничуваат. Во исклучителни случаи може да се ограничи тоа право, односно може да се следи граѓанин, само низ стриктно пропишани правни процедури и тоа многу ригорозни, затоа што многу е битно кога, како, зошто ќе се собираат таквите податоци, а уште побитно е како таквите податоци ќе се чуваат, така што сè што се прави надвор од таа правна регулатива е грубо прекршување на човековите слободи и права. И во конкретниот случај, ако тоа прислушување не е направено на начин утврден со закон, што како што гледаме тоа е доста масовно, сметам дека претставува грубо прекршување на човековите слободи и права, особено на правото на приватност. Јас имав реакција по однос на овој случај и реков дека под голем знак прашалник се става тоа дали во Македонија веќе може да се зборува за правото на приватност и семеен живот, ако на ваков начин масовно се прислушувани граѓани на Република Македонија.

Како надлежните институции треба да реагираат кога на ваков начин им нарушено правото на приватност и правна сигурност на граѓаните?

Секогаш кога има прекршување на правата на граѓаните, да не зборуваме кога тоа е масовна појава, институциите треба брзо и ефикасно да реагираат, сè друго остава сомнежи за недоверба во институциите, така што и овој случај бара многу сериозна работа, брза и професионална, на институциите, инаку ако остане нерасчистено брзо и ефикасно секако дека ќе остави големи последици од секаков аспект и кај граѓаните и воопшто во нашето општество.

Што прислушуваните граѓани може да преземат?

Секако дека тие можат да бараат заштита. Заштитата треба да ја бараат низ институциите на нашиот систем, низ судската власт, можат да се обратат и до институцијата Народен правобранител и во одредена пропишана постапка Народниот правобранител ќе преземе мерки согласно законот за Народниот правобранител.

Што конкретно вие како Народен правобранител може да преземете доколку некој од нив се обрати до вас?

Дозволете да го искажам својот став по ова како граѓаните можат да се штитат, да ги штитат нивните права. Специфична е работата на полицијата во секоја држава, па и во Република Македонија. Сметам дека на Република Македонија и фалат јаки механизми за контрола над работата на полицијата. Ние немаме јак инструмент за цивилна контрола над полицијата, затоа може да ни се случуваат вакви работи и да остануваат не докрај расчистени. Имаме собраниска комисија, но времето, праксата покажува дека таа не може во целост да ја одигра нејзината улога како јак контролор на дирекцијата за безбедност и контраразузнавање, така што системот ни шкрипи во тој дел по однос на тоа што значи инструмент за контрола и заштита. Неколку пати било разговарано и во јавноста, имало и неколку дебати по однос на тоа дали на Македонија и треба надворешен контролен механизам по однос на работата на овој дел на јавниот сектор во полицијата, затоа што ние знаеме, почесто граѓаните се жалат во делот на постапувањето на полицијата кај Народен правобранител и нашиот став секогаш бил дека таа поставеност на тој сектор за внатрешна контрола, само формално го има како таков, тешко дека може да ја игра улогата. Од друга страна, може некој да прашува колку Народниот правобранител со ваква поставеност, со вакви кадровски капацитети и работата на Народниот правобранител со овој мандат што го има и овие можности што ги има е бледа. Не може темелно да врши контрола и поквалитетно да ги штити граѓаните, така што, резимирам, на Македонија ѝ треба многу јак контролен механизам над работата на полицијата. Затоа на почетокот реков дека треба институциите брзо да го расчистат овој случај, затоа што ваков случај ни се повторува уште помасовен, ние имавме пред неколку години и што беше ефектот, како заврши?! Мислам дека немаше никаков ефект или институционална разрешница немаше, освен покренување на една кривична пријава за тогашниот министер за внатрешни работи и тоа така остана, така што, ако проблемите не се решаваат ефективно, навремено и квалитетно, секако дека тие може да се повторуваат уште помасовно и уште повеќе да им наштетат и на граѓаните и на општеството.

Очекувате ли од Јавното обвинителство да реагира по наводите?

Јас мислам дека треба многу повеќе од тоа за да се расчисти до крај, еве да ја кажеме, оваа афера. Ова е пресериозна работа, јас не верувам дека нема капацитети, туку толку и политички е преплетена состојбата по однос на оваа појава, што, ако сите сериозно не го сфатат овој проблем и оваа појава, тешко дека може до крај да се расчисти. Затоа јас повикувам и на разум од сите страни, а и на професионалност на институциите.

Колку снимките што СДСМ тврди дека ги има може да бидат доказ на суд, доколку има некакви инкриминирачки докази во нив?

Не може тие да бидат доказ доколку не се собрани согласно пропишана законска процедура. Затоа Јавното обвинителство треба да го провери тој аспект, меѓутоа прејасни се работите во овој случај. На Македонија ѝ требаат храбри политички лидери кои навистина ќе ја разрешат оваа ситуација и ќе овозможат граѓаните полесно да дишат, а институциите полесно да работат.

На прислушувањето претходеше полициска акција Пуч во која е обвинет лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Колку беше нарушена презумцијата на невиност со појавата на видеото со него и премиерот Никола Груевски?

Во неколку извештаи јас ја искажувам мојата загриженост, односно загриженоста на институцијата Народен правобранител дека овој принцип во Република Македонија често се повредува. Не може и не е во ред МВР да излезе на прес-конференција и да оди во детали, не дека имаат основани сомненија дека одредено лице е извршител на делото, туку како е сторено делото, како да е сторено од лицето кое се гони и почнуваат да го раскажуваат случајот - овој го удри, тој направи така, овој вака... Не е тоа работа на полицијата, затоа што на таков начин, ако граѓаните ја гледаат таа изјава, имаат чувство дека органот зазема страна. Тоа е многу лошо за органите. Ако граѓанинот ја прифати информацијата или известувањето на МВР како такво, тој треба да го прифати како такво, ако тој се сомнева дека овој навива за некоја страна, готово е, тука завршува сè, почнува да расте бројот на граѓани кои не веруваат во таа институција, без разлика која е.

Ако судството е една од најпроблематичните области веќе години наназад, тогаш каков епилог очекувате од случајот Пуч?

Да оставиме судската власт да ги води постапките. Јас можам само да упатам апел дека таквите постапки треба да бидат транспарентни и професионално да се водат.

Во фаза сте на изготвување на годишниот извештај. На што најмногу се жалат граѓаните?

Со жалење констатирам и во овој извештај дека проблемите во Република Македонија во однос на областите или на тоа што ние го контролираме и мониторираме се провлекуваат од година в година. Најголемо покачување или барања за заштита кои се зголемија во извештајната година беа од областа на правосудството, социјалата, за жал, и на финансиите. Сакам да нагласам дека ова е поради тоа што индивидуалните препораки на Народниот правобранител се почитуваат на задоволително ниво, затоа што ние лани констатиравме 1.080 повреди, а 950 наши укажувања или препораки беа прифатени. Останатиот дел на тоа што значи извештај и општи препораки за подобрување на системот, тие не се прифаќаат, односно не се земаат сериозно од страна на властите. Затоа проблемите само се провлекуваат од година в година. Земете го правосудството, земете ја дискриминацијата, земете ги затворите, земете го здравството, социјалата итн. Карактеристика за 2014 е тоа што состојбите констатирани и во изминатите години во однос на делби, во однос на дискриминација, во однос на говор на омраза се шират, стануваат подлабоки, не се решаваат. И покрај сите наши укажувања дека во Република Македонија е загрозена или е на удар слободата на движење на одредени категории или националности - на Ромите и на Албанците во однос на граничните премини, не успеа МВР да не убеди во ниту еден случај дека не е селективно, дека не ги двои граѓаните. Јас ќе ви кажам случај каде што уште повеќе бевме убедени дека се работи за класична дискриминација. Заменикот Народен правобранител, која е Ромка, при патување во странство, била одвоена на страна. Другите нека поминат, ти застани. Зошто? Затоа што имала друга боја на кожата. Што е тоа ако не е класична дискриминација? Јас тоа го третирам и во извештајот. Затоа јас повикувам властите посериозно да ги разгледуваат извештаите на Народниот правобранител, затоа што тие не се само да критикуваат. Тие извештаи критикуваат со цел да поттикнат подобрување на системот и уредување на состојбите.

Зошто власта ги игнорира вашите препораки?

Затоа што најверојатно имаат други приоритети. Еве земете како ги реформираме системите, земете го судскиот систем или јавната администрација или кој сакате систем, еве земете го здравството, образованието. Постојано зборуваме за реформи, а од друга страна ни се појавуваат поголеми и поголеми проблеми. На реформите им недостасува длабока анализа на состојбите за да се детектираат проблемите за да се подобрат, односно да се менуваат системите. Начинот на донесување на закони на таков брз начин, еден закон годишно се менува 10 пати. Тоа создава правна несигурност, не само кај граѓаните, туку и кај тие што го спроведуваат законот. Јавната администрација има многу слаби капацитети за да ги спроведе таквите закони. Ние носиме прописи кои ни остануваат на хартија, граѓанинот го има правото според закон, но прашањето е дали го остварува. Не, затоа што нема создадено други услови кои се потребни за да се спроведе таа правна регулатива.

Според вас, има уназадување на човековите права во земјата?

Видете, јас не можам да дадам генерална оценка дали одиме напред или назад, но секако дека има области каде што работите или стојат на место или има влошување.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG