Достапни линкови

Хонорарците до владата: Нема да ви плаќаме!


Не бараме од вас да го повлечете законот, нема да го направите тоа, но нема да ви плаќаме. Доста ни е од глумење лудило, порача преведувачката Марија Џонс.

Нема да ви плаќаме, Законот е неприменлив, лош, дискриминаторски, порачаа учесниците на денешниот протест против плаќањето на придонеси за хонорарите. Организаторите на протестот од власта бараат повлекување на законските измени. Тие бараат и Инспекторатот за труд да врши засилени контроли и на тој начин да се отстранат случаите на прикриен работен однос, односно на работење без договор или врз основа на договор за дело. Како и тоа да нема горна граница на приходи над кои не се плаќаат придонеси, односно тие со највисоките приходи да не бидат ослободени.

Еден наш колега хонорарец, странец, но многу поуспешен од нас, Нил Гајман вели „ непорекливо право на децата и будалите е да кажат дека царот е гол“, затоа јас оттука прифаќам да бидам тој дворски шут и да кажам „Царот е гол и е многу грд“, рече Џонс.

Пред владата првин актерката и пејачка Ана Костовска ја испеа македонската химна, а хонорарци од најразличен профил, граѓански активисти и синдикалци одржаа говори со пораки зошто законот е лош.

Преведувачката Марија Џонс, во својот говор кој наиде на многу овации, цитирајќи ја мислата на Мартин Лутер Кинг дека „Морална обврска е да не се почитуваат лошите закони“, порача да не се плаќаат давачките.

„Не бараме од вас да го повлечете законот, нема да го направите тоа, но нема да ви плаќаме. Доста ни е од глумење лудило. Не учат да јадеме здраво, да правиме селфи пред овие свадбарски торти кои глумат архитектура, а сопствените деца ни се трујат од загаден воздух или умираат бидејќи нема пари за лекување. Еден наш колега хонорарец, странец, но многу поуспешен од нас, Нил Гајман вели: „непорекливо право на децата и будалите е да кажат дека царот е гол“. Затоа јас оттука прифаќам да бидам тој дворски шут и да кажам „Царот е гол и е многу грд“, рече Џонс.

На приказната со царот се задржа и актерот Сашо Тасевски.

„Државата сака да продолжиме да се плашиме за да продолжиме да го вртиме тркалцето во кафезот, зашто не третираат како глувци, и едно те исто, едно те исто. Мамето да му го е**м на царот и сета царска свита“, рече Тасевски.

Актери изведуваа делови од престави кои ја отсликуваат нивната состојба.

Претседателот на Синдикатот за култура Виктор Илиески, вели дека власта се менува, но културните дејци се темел на една држава.

Ваквите одлуки веќе нема да ви поминат, нема да ви поминат. Денес по кој знае кој пат бараме да го земеме достоинственото место на државотворност во насока на почитување на вистинските, а на со сила наметнати вредности.

„Ваквите одлуки веќе нема да ви поминат, нема да ви поминат. Денес, по кој знае кој пат, бараме ние уметниците, актерите, конзерваторите, режисерите, скулпротите, музеалците, сликарите, библиотекарите и сите вработени во културата да го земеме достоинственото место на државотворност во насока на почитување на вистинските, а на со сила наметнати вредности“, рече тој.

Протестот на незадоволните хонорарци започна во паркот Жена-борец спроти Собранието на Македонија, потоа продолжи пред Министерството за труд, па пред Влада и заврши пред УКИМ каде што студентите прогласија автономна студентска зона. На протестот можеа да се забележат новинари, актери, сликари, музичари, луѓе од невладиниот сектор, граѓански активисти, но и луѓе кои дошле само да им дадат поддршка на оние кои протестираат. Тие извикуваа : „Социјална правда“, Нема правда, нема мир“, „Апаши“, а во рацете носеа транспаренти на кои пишуваше: „Не се работи за проценти, за судбини се работи“, „Лоши одлуки носат ЛОШИ луѓе“, „Лебот ни го земавте“, „ДИМЕ мајка ти, те знае ли? “, „Не сте свесни и ние сме бесни! Поздрав Пленумци“, „Си играте со човечки судбини“, „Измените се анестезија, придонесите – ампутација“, „Измените на наш грб, а во ваша корист“....

Пред Министерството за труд и социјална работа, тие го повикаат министерот Диме Спасов „да излезе на тераса и да ја види незадоволната раса.“

Ова е втор протест на незадоволните хонорарци. Тие протестираа и на 22 декември, непосредно пред законот да стапи на сила. А минатиот петок до Министерството за труд доставија стотици прашања кои се наметнаа со стапувањето на сила на законот. Потоа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ излегоа со предлог за измени на законот кој е на сила само еден месец. Измените предвидуваат олеснувања за луѓето кои се вработени и плус земаат пари од хонорари, како и намалување на сумата на кој треба да се плаќаат придонеси. Но оние што протестираа против законот, веднаш ги отфрлија измените. Во меѓувреме Собранието донесе закон со кој се трансформира работниот однос на они кои досега биле волонтери или, пак, работеле со авторски или договор на дело во државните институции, со што тие ќе станат редовно вработени.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG