Достапни линкови

Студентската автономна зона се шири како оган


Студентите денеска прогласија автономна зона и на Техничките факултети, со барање да се повлече новиот закон за високо образование.

Студентите денеска прогласија автономна зона и на Техничките факултети, со барање да се повлече новиот закон за високо образование.

Студентите денеска прогласија автономна зона и на Техничките факултети во Скопје.Тие велат дека студентскиот активизам е жив и се шири како оган.

По Филозофскиот, студентите денеска прогласија автономна зона и на Техничките факултети. Пред да влезат во просториите на Машинскиот факултет преставниците на Студентскиот пленум нагласија дека со оглед на тоа што Законот за високо образование предизвика голем отпор во последниве четири месеци се сомневале дека отстапките од премиерот не биле поради тоа што тој ја согледал апсурдноста на законот, туку како што рекоа биле резултат на пошироката политичка состојба.

Не дозволуваме да не купи ова омекнување на реториката, бидејќи на крајот на краиштата, ништо не ни гарантира дека кога се ќе стивне нема да се заборави она што е ветено, а тоа е усвојување на целосно нов закон за високо образование.

„Дозволете ни да бидеме скептични од оваа ненадејна попустливост. Не дозволуваме да не купи ова омекнување на реториката, бидејќи на крајот на краиштата, ништо не ни гарантира дека кога се ќе стивне нема да се заборави она што е ветено, а тоа е усвојување на целосно нов закон за високо образование.“

„Тука сме да покажеме дека студентите не се само статистичка бројка на Универзитетот, тука сме да покажеме дека студентскиот активизам е жив и се шири како оган“, рекоа студентите кои потоа извикувајќи автономија влегоа во просториите на факултетот.

Претпладнево студентите кои од вчера прогласија автономна зона во објектот на Филозофскиот и Филолошскиот факултет ја прекинаа наставата и на Економскиот факултет при УКИМ.

Ќе останеме во автономната зона се додека не не послуша власта, велат од Студентскиот пленум откако ноќта ја поминаа на Филозофскиот факултет.

„Очекуваме крајниот резултат да не слушнат, да биде укинат законот и ќе почнеме од таму “, вели Марија Грубор од Студентскиот пленум.

И активистот Љуми Бекири вели дека планираат да останат таму се додека не ги слушнеле оние кои што се изгласани и како што додава со наши пари се платени да бидат во собранието и да носат одлуки наместо нас.

„Очекуваме крајниот резултат да биде целосно повлекување на новиот Закон за високо образование и формулирање на нов закон во кој ќе имаме документ дека Студентскиот пленум, Професорскиот пленум сигурно ќе учествуваат во формирање на тој закон“, вели Бекири и додава дека се благодарни од одзивот на граѓаните и граѓанските здруженија на нивниот повик за донирање на храна, облека и средства за хигиена

Во меѓувреме Студентски Парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ преку писмено соопшение наведоа оти сметале дека е е контра правно да се окупира универзитет и да се демонстрира незадоволство, истовремено спречувајќи ги другите студенти нормално и редовно да учествуваат на наставата.

„Го ослободивме факултетот? Но од што? Од нас самите, можеби затоа што повеќе би сакале истиот да го претвориме во место за игра и песни одошто место за наука. Па да науката е и така здодевна. Но да потсетиме, манифестната и примарната функција на факултетите не е да се претворат во арена за конфронтација на политички ставови и интереси, на факултетите се занимаваме со наука и градиме научен профил,“ наведоа од СПУКМ.

Од Министерството за образование и наука пак најавија дека продолжувал дијалогот меѓу Владата и претставниците на академската заедница за подобрување на пакетот реформи што треба да се спроведат во високото образование.

Од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ информираа и дека формирале работна група која треба да учествува во дебатата за подобрување на пакетот реформи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG