Достапни линкови

logo-print

Кумановскиот Црвен крст им помага на поплавените


Од Црвениот крст велат дека на поплавените најмногу им треба вода за пиење, како и за употреба во домаќинствата.

Црвениот крст од Куманово уште пред поплавите во овој регион објавил телефонски броеви за донации, за на време да се обезбеди помош за најзагрозените, вели претседателот на кумановскиот Црвен крст, Иле Митковски. Во координација со општинскиот Кризен штаб, Црвен крст како и до сега целосно си ги завршува своите задачи, бидејќи тој е првиот што настапува во собирање помош, додава Митковски.

Редовно на три месеци по списокот добиен од Центарот за социјални работи 200 семејства најзагрозени кои можат да дојдат да земат облека, кога имаме акции може да земат и нешто од храната.

„Од централата на наш повик од тие средства добивме 504 пакети со вода, поделивме по 38 пакети со храна и со средства за хигиена, 15 чифта чизми и 40 ќебиња.“

РСЕ: Не ли е малку тоа?

„Ова е за три дена и не е малку. Кога ги прашувавме луѓето од Опае дали имаат потреба од ќебиња, тие велат дека не им треба. Ним им се поплавени подрумите и имаат потреба од вода, нешто малку храна, инаку ние имаме уште ќебиња. Овој пат навистина поделивме на толку колку што се загрозени.“

Иле Митковски, претседател на Црвениот крст од Куманово.

Иле Митковски, претседател на Црвениот крст од Куманово.

Митковски вели дека жителите од поплавените Пчиња, Клечовце и уште некои други села кон селото Бељаковце имаат проблем со вода за пиење, но и за употреба во домаќинствата.

„Мора на некој начин да се интензивира, но дали само со флаширана вода може да се задоволи. Мислам дека во тие поголеми села треба да се достави и по некоја цистерна која континуирано ќе се дополнува секој ден.“

Митковски појаснува дека луѓето се многу хумани и сакаат да помогнат, но за вакви акции не се собира помош во облека. На пример, во акцијата за помош во Србија собрале облека, а не знаеле каде да ја испратат.

„Што да правиме ние, таа облека ја пративме по градот, на социјални случаи. Треба да се знае што точно е потребно на загрозените.“

Митковски потенцира дека водата е најнеопходна, а во селото Пчиња смета дека и на подолг период зашто таму населението се снабдува од домашни бунари, во кои и онака водата не е здравствено исправна.

Инаку, Црвен крст континуирано учествува во акции за донирање помош. Митковски додава дека во случаи кога е потребно да се соберат пари тогаш тоа наједноствано се прави преку телефонски уплати во социјалниот фонд и тие пари се донираат таму каде што треба. Црвен крст има добра соработка со Центарот за социјални работи.

„Редовно на три месеци по списокот добиен од Центарот за социјални работи 200 семејства најзагрозени кои можат да дојдат да земат облека, кога имаме акции може да земат и нешто од храната“, вели Митковски.

Тој додава дека во Куманово има околу седум илјади луѓе кои се социјални случи, за кои многу тешко може да им се обезбеди се што и треба, но може да им се олесни. Најстрашното е тоа што има работоспособни кои не можат да најдат работа, или ќе најдат работа, а нема плата и остануваат на исхрана од контејнери, додава Митковски.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG