Достапни линкови

Владата на Ципрас доби доверба во парламентот


Грчката радикално левичарска влада доби доверба во парламентот пред денешните разговори во Брисел со меѓународните кредитори. За владата гласаа 162 пратеника, додека 137 беа против. Пред гласањето премиерот Алексис Ципрас изјави дека нема враќање на ерата на острите мерки за штедење.

Според Ципрас, грчката влада веќе нема да дозволи странските кредитори да го надгледуваат спроведувањето на спасувачкиот план.

„Без оглед колку Самарас и Шојбле го бараат тоа, ние нема да го продолжиме спасувачкиот пакет. Нема да прифатиме предуслови од познатите мејлови на тројката за дополнителна контрола. Тројката заврши на 25 јануари“, изјави Ципрас пред гласањето во парламентот во врска со условите на меѓународните кредитори: Европската централна банка, Европската унија и ММФ, за спасувачкиот пакет од 240 милијарди евра.

Тој додаде дека Грција бара политичко решение во рамките на Унијата и повтори дека неговата влада нема да прифаќа нови заеми или мерки за штедење.

Се додека народот е на наша страна, нема да бидеме уценувани и не се плашиме од никој. Изгледа дека тие сакаат да си играат со оган, да си играат со поделби и нестабилност и со ширење евроскептицизам во сите европски региони.

„Се додека народот е на наша страна, нема да бидеме уценувани и не се плашиме од никој“, рече Ципрас кој деновиве посети неколку европски центри за да добие поддршка за неговите ветувања.

„Изгледа дека тие сакаат да си играат со оган, да си играат со поделби и нестабилност и со ширење на евроскептицизам во сите европски региони“, оцени Ципрас за некои од европските партнери.

На истата дебата поранешниот премиер Андонис Самарас рече дека грчкиот банкарски систем од декември кога парламентот не успеа да избере шеф на државата загубил 15 милијарди евра.

Самарас беше поразен на предвремените избори на 25 јануари од радикалната левичарска партија Сириза.

„Имањето национална гордост не значи дека имаш право бесконечно да позајмуваш пари од другите и потоа да бараш да ти го намалат долгот и потоа да сакаш да ти дадат нови заеми. Тоа се нарекува национална фантазија“, изјави Самарас.

Намерите на премиерот Ципрас, според анкетите, ги поддржуваат 75 насто од Грците, но досега тие не наидоа на поддршка од европските партнери, особено од Германија чиј министер за финансии Волфганг Шојбле изјави дека Унијата нема да преговара за нова програма со Грција.

Германија исто така ги отфрли како беспредметни најавите на грчката влада дека ќе побара репарации за Втората светска војна.

Шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер по средбата во Берлин со неговиот грчки колега Никос Коѕиас изјави дека Германија била целосно свесна за својата политичка и морална одговорност за тогашните „страшни настани“ во Грција

„Сепак, ние сме цврсто убедени дека сите прашања околу репарациите, вклучувајќи ги и присилните кредити, судски се решени еднаш засекогаш“, рече Штајнмаер.

Берлин смета дека не и должи ништо на Атина откако во 1960 година и исплати 115 милиони германски марки како воена компензација.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG