Достапни линкови

Непопуларните закони се менуваат по итна постапка


Илустрација.
Илустрација.

Одлуката на власта за измени на законите за високо образование и за хонорарци дојде непосредно пред опозицијата да ја активира долго најавуваната „бомба“.

Собранието по скратена постапка ќе ги носи измените на Законите за високо образование и на Законот за хонорарци. По протестите, маршовите, јавните негодувања и граѓанскиот активизам, власта во рок од една недела се одлучи да има измени во овие закони.

Врз основа на иницираниот дијалог и она што беше продуцирано како заклучок од самата средба се појави потреба од дополнително одлагање заради дополнително усогласување на дел од одредбите во Законот за високо образование.
Спиро Ристовски, заменик министер за образование.

Одлуката на владата дојде непосредно пред опозицијата да ја активира долго најавуваната „бомба“, што дел од аналитичарите го поврзаа со тоа дека власта сака да ги затвори сите фронтови пред објавувањето на информациите што ги има опозицијата, а граѓанските активисти, пак, велат дека владините одлуки се резултат на граѓанскиот притисок.

Илустрација.
Илустрација.

Предлагачот на измените на Законот за високо образование, заменик министерот за образование Спиро Ристовски, вели дека измените треба да се донесат по скратена постапка бидејќи дел од одредбите треба да стапат на сила во брзо време, а за истите треба дополнителни корекции и консултации.

Ние како пратеничка група ги анализиравме сите забелешки на законите, ги анализиравме сите укажувања, направивме подлабоки консултации со многу засегнати државни институции, претпријатија и субјекти и цениме дека овој сегашен предлог за измени на законот е во насока на задоволување на некој општествен консензус околу потребата од регулирање на оваа област.
Илија Димовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Во текот на изминатата недела владата имаше средба на претходно барање на универзитетскиот Сенат на Универзитет Св. Кирил и Методиј со претставници на Универзитетот, а во рамки на која беа присутни и поголем број професори и студенти. Врз основа на иницираниот дијалог и она што беше продуцирано како заклучок од самата средба се појави потреба од дополнително одлагање заради дополнително усогласување на дел од одредбите во Законот за високо образование“, вели Ристовски.

Средбата во Владата се одржа на 9 февруари, а од Студентскиот пленум тогаш рекоа дека тие биле повикани на итна средба по барање на премиерот.

Од Владата по средбата излегоа со соопштение во кое се вели дека е договорено во периодот што следи да продолжи дискусијата на ниво на работни групи од двете страни во насока на подобрување на пакетот закони за реформи во високото образование, односно носење на нов закон за високо образование. Последните измени во Законот за високо образование беа изгласани на почетокот од годинава.

Веста дека ќе има измени во Законот за хонорарци стигна за време на викендот, по акцијата на хонорарците кои доставија стотици прашања во врска со законот до Министерството за труд и социјала, а во пресрет на најавениот протест закажан за в петок. Еден од подносителите на измените, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, вели дека иако законот е донесен во текот на летните месеци, тогаш немало дебата, ниту, пак, продлабочен интерес за овој закон.

„Таа дебата се случи во текот на месец декември и почетокот на месец јануари, веројатно поврзано со периодот на имплементација на законот. Ние како пратеничка група ги анализиравме сите забелешки на законите, ги анализиравме сите укажувања, направивме подлабоки консултации со многу засегнати државни институции, претпријатија и субјекти и цениме дека овој сегашен предлог за измени на законот е во насока на задоволување на некој општествен консензус околу потребата од регулирање на оваа област“, вели пратеникот Илија Димовски.

Тој вели дека измените треба да се донесат по скратена постапка затоа што Законот е веќе стартуван, а предлага имплементацијата на новите измени да важат исто така од јануари.

Сега измените се доставуваат до матичните комисии и до Законодавно-правната комисија, а амандманите кои ќе произлезат од дебатата, ќе бидат доставени на собраниска седница.

Оние што протестираа против законите за високо образование и за хонорарци велат дека не се задоволни од малото попуштање на владата и бараат повлекување на законите.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG