Достапни линкови

Коцијанчич: Инсистираме на слобода на изразување и презумпција на невиност


Маја Коцијанчич, портпаролка на високата претставничка на Европската унија за надворешна политика Федерика Могерини.
Маја Коцијанчич, портпаролка на високата претставничка на Европската унија за надворешна политика Федерика Могерини.

Портпаролката на шефицата на европската дипломатија изјави дека инсистираат на почитување на слободата на изразување и кога ќе дојде до каква било истрага да има транспарентност на процесот и почитување на презумпцијата на невиност.

Немаме коментар за специфичната содржина на објавените материјали, но ние веќе ги изразивме нашите зголемени грижи за случувањата во земјата, справувањата со нив и влијанието кое ова прашање го има врз целосната политичка клима. Ова го изјави денеска Маја Коцијанчич, портпаролка на високата претставничка на Европската унија за надворешна политика Федерика Могерини, како одговор на прашањето поврзано со вчерашното објавување на аудио снимки од страна на македонската опозиција.

Инсистираме на почитување на основниот принцип на слобода на изразување и кога ќе дојде до каква било истрага да има транспарентност на процесот и почитување на презумпцијата на невиност на линија со европските и меѓународните стандарди која мора да биде обезбедена.
Маја Коцијанчич, портпаролка на високата претставничка на Европската унија за надворешна политика Федерика Могерини.

Зборувајќи на брифингот во Брисел, таа нагласи дека биле во контакт со сите на теренот, дека делегацијата на Европската унија во земјава била многу активна, а и оти комесарот за проширување Јоханес Хан ќе ја посетел земјата идната недела.

„Можеме само да повториме дека инсистираме на почитување на основниот принцип на слобода на изразување и кога ќе дојде до каква било истрага да има транспарентност на процесот и почитување на презумпцијата на невиност на линија со европските и меѓународните стандарди која мора да биде обезбедена. Ние продолжуваме да инсистираме дека е крајно време политичките актери да покажат одговорност и да се ангажираат во конструктивен дијалог и фокусот да се врати на стратегиските приоритети на земјата и граѓаните“, рече Коцијанчич.

Искажувам длабока загриженост и го осудувам ова грубо прекршување на човековите слободи и права без оглед дали се работи за јавни личности или други лица. Оваа појава е застрашувачка и штети и на прислушкуваните и на сите други граѓани во Република Македонија, а и на самото општество.
Иџет Мемети, Државен правобранител.

Откако Заев вчера на прес-конференција објави единаесет аудио снимки зад кои тврди дека стојат македонските служби, НДП потврди дека снимката на нивниот поранешен лидер Руфи Османи е автентична. Од партијата побараа СДСМ да продолжи да ги објавува материјалите што ги има, нагласувајќи дека прислушувањето на повеќе од 20 илјади граѓани било, како што наведоа, доказ за „невидено лудило во светската историја“.

Демократскиот сојуз, кој е дел од владината коалиција, побара независна, експертска, транспарентна и јавна истрага. Партијата на Павле Трајанов го повика Јавниот обвинител да формира посебен тим кој ќе работел на проверка и документирање на информациите за прислушкување. Од обвинителството денеска немаше конкретна информација дали ќе преземат нешто, оти, како што рече јавниот обвинител Марко Зврлевски, сè уште ја чекале најавената кривична пријава од СДСМ.

Народниот правобранител Иџет Мемети, пак, апелира до сите инволвирани и институции да не си играат со оваа, како што оцени, пресериозна работа.

„Поради информациите дека се прислушувани голем број на граѓани на Република Македонија и во однос на тоа што беше јавно покажано искажувам длабока загриженост и го осудувам ова грубо прекршување на човековите слободи и права без оглед дали се работи за јавни личности или други лица. Оваа појава е застрашувачка и штети и на прислушкуваните и на сите други граѓани во Република Македонија, а и на самото општество“, вели Мемети.

Тој нагласи и дека по ова што се случи не знае дали воопшто може да се каже дека во Македонија постои правото на приватност и правна сигурност на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG