Достапни линкови

Невработените хонорарци граѓани од втор ред


Вработените кои земаат плус хонорари ќе плаќаат помалку од оние кои се само хонорарно ангажирани, што значи дека тоа е очигледна социјална дискриминација, вели Здравко Савески од Солидарност.

Со последните промени за законот за хонорарците кои ги предложи владеачката партија ВМРО- ДПМНЕ се прави нова поделба и дискриминација на граѓаните, велат аналитичарите. Овој пат тоа е меѓу вработените кои плус земаат хонорар и луѓето кои земаат само хонорари, вели Здравко Савески од левичарското движење Солидарност. Тој објаснува дека оние работници кои се принудени да работат за хонорар, наместо за плата со новата најава за измени ги иззема од бенефициите кои треба да ги добијат.

Ако некој е вработен и дополнително зема хонорар од 21 илјади денари, тој нема да плаќа придонеси за хонорарот, а ако некој кој не е редовно вработен и е само хонорарно ангажиран ќе земе хонорар од 21 илјади денари, ќе плати придонеси од хонорар на 12 илјади денари.

„Ако некој е вработен и дополнително зема хонорар од 21 илјади денари, тој нема да плаќа придонеси за хонорарот, а ако некој кој не е редовно вработен и е само хонорарно ангажиран ќе земе хонорар од 21 илјади денари, ќе плати придонеси од хонорар на 12 илјади денари, значи автоматски оној што нема плаќа повеќе, отколку оној што има и тоа е очигледна социјална дискриминација“, вели Савески.

Тој вели дека невработените луѓе кои и без тоа се во потешка состојба со тоа што не се вработени, Владата сега ги таргетира како мета за наплаќање дополнително пари.

„Тоа сигурно ќе ги револтира невработените лица бидејќи нив им е преку глава и од дополнителната дискриминација која им ја вршат преку активно барање работа, пасивни баратели, па строги критериуми за евидентирање во Агенцијата за вработување, бришење од евиденцијата и слично, така што овој најнов потег на ВМРО-ДПМНЕ, уште еднаш ги става како граѓани од втор ред во оваа држава.“

Со новите измени се прават само закрпување на основни дупки, но тоа нема да донесе во целоста подобрување на лошиот даночен систем, велат економските аналитичари. Една од нелогичностите што се појавува во последните предлог измени е наплаќањето придонеси за пензиско и здравствено осигурување пензионери кои што ќе заработат хонорар кој е поголем од просечната плата односно до 21.300 денари. Тие ќе плаќаат придонеси само над износот што ја надминува просечната плата.

Еден од главните проблеми во даночниот систем е што богатите се ослободени од голем дел на давачки за разлика од сиромашните. На пример приходот од капитална добивка кој што е голем дел од приходите на најбогатите луѓе се даноци само со персонален данок додека пак платите и хонорарите се оданочуваат и со персонален данок и со придонеси што изнесува речиси 40 отсто од приходот. Треба да се адресира проблемот, а тоа е – лошиот даночен систем а за тоа е потребна темелна даночна реформа, бараат економските аналитичари.

Дискриминацијата на невработени хонорарци е главната причина зошто ќе се оддржи протестот на 13 февруари против законот за хонорарците, истакна Савески.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG