Достапни линкови

Обама: Дипломатија, ама и оружје


Американскиот претседател Барак Обама изјави дека ја разгледува опцијата за испраќање смртоносно одбранбено оружје за Украина доколку не успеат дипломатските напори за решавање на кризата. На нив инсистираат Германија и Франција кои подготвуваат мировен план за истокот на Украина.

Претседателот Обама по разговорите во Вашингтон со германскиот канцелар Ангела Меркел оцени дека било јасно оти Русија не го почитува договореното од Минск, но оти се надева дека се уште е можно дипломатско решение.

Ако дипломатијата не успее побарав од мојот тим да ги разгледа сите опции. Меѓу другите можни опции со цел да ги смениме сметките на Путин е и смртоносното одбранбено оружје. Но засега немам донесено одлука за тоа.

„Ако дипломатијата не успее побарав од мојот тим да ги разгледа сите опции. Меѓу другите можни опции со цел да ги смениме сметките на Путин е и смртоносното одбранбено оружје. Но засега немам донесено одлука за тоа“, изјави Обама.

Меркел, која се противи на снабдувањето на Украина со оружје, призна дека дипломатијата досега не постигнала успех, но додаде дека ваквите напори мора да продолжат.

Продолжуваме со изнаоѓање дипломатско решение иако наидовме на многу пречки. Деновиве ќе видиме дали сите страни се подготвени да преговараат. Секогаш велам дека нема воено решение на овој конфликт.

„Продолжуваме со изнаоѓање дипломатско решение иако наидовме на многу пречки. Деновиве ќе видиме дали сите страни се подготвени да преговараат. Секогаш велам дека нема воено решение на овој конфликт“, рече Меркел, која овој нејзин став го повтори и на средбата во Отава со канадскиот премиер Стивен Харпер.

Во меѓувреме, во источна Украина, главно околу градот Дебалцеве, се интензивираат борбите меѓу украинските сили и проруските бунтовници.

Крвопролевањето особено се зголеми во последниве две недели што ги поттикна новите европски дипломатски маневри, но и повторното спомнување на Обама дека е подготвен да испрати оружје во Украина.

Министрите за надворешни работи на Европската унија ја одобрија проширената листа со руски државјани и проруски сепаратисти на кои им се воведуваат санкции но таа ќе почека на спроведување се додека не се види како ќе се одвиваат предложените нови мировни преговори.

Страните изразија сомневање дека овие преговори би можело да успеат.

Рускиот претседател Владимир Путин за време на посетата на Египет изјави дека украинската влада е таа која треба да ги прекине воените операции во источна Украина.

Претходно украинската војска соопшти дека Русија испратиле дополнителни илјада и 500 војници и над 300 воени возила во источна Украина.

Во минатиот месец украинскиот претседател Петро Порошенко изјави дека околу 9 илјади руски војници се наоѓале во Украина. Русија постојано ги отфрла ваквите наводи.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG