Достапни линкови

logo-print

Заев: Прислушкувани сите по ред, освен Груевски и Мијалков


Најмалку 20 илајди луѓе биле прислушкувани во изминатите неколку години, изјави Заев. СДСМ поднесе кривични пријави против директорот на УБК Сашо Мијалков, директорот на Петатта управа на МВР Горан Груевски и непознати лица во безбедносните служби.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев објави дека најмалку 20 илајди луѓе биле прислушкувани во изминатите неколку години. Тој обвини дека прислушкувањето било масовно и незаконски, а го споведувале неколку луѓе од безбедносните служби по директна наредба на Сашо Мијалков и Никола Груевски. Заев објави аудио на кое нашата новинарка Мирјана Спасовска го бара за изјава и потоа следи целиот нивен разговор.

СДСМ поднесе кривични пријави директорот на УБК Сашо Мијалков, директорот на Петатта управа на МВР, Горан Груевски и непознати лица во безбедносните служби. Како доказни материјали доставиле и аудио снимки на кои е прислушкуван Заев. Тој тврди дека е прислушкуван повеќе од 4 години. Во прислушкуваните разговори нема само разговор меѓу Мијалков и Груевски, што зборува дека тие стојат зад ова, изјави Заев. Тој додава дека опозицијата ја изгубила довербата во правосудниот сситем и дека поднеле кривични пријави, само за да остават трага.

Лидерот на СДСМ, вели дека вакво масовно прислушкување може да спроведат само македонските домашни служби.

Салата во која се одржа пресот беше преполна и од претставници на медиуми и од членови и поддржувачи на опозицијата. По обраќањето на Заев, почна презентацијата на доказите кои ги имаат, во кои се прислушкувани политичари од опозицијата и од власта, како и нивниот коалиционен партнер Али Ахмети и претходниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски, членови на МАНУ и на ИВЗ, новинари, а во деновите што следат јавноста ќе биде запознаена со се што поседуваат тие, најави Заев. Меѓу 11-те денеска објавени разговори, имаше и разговор меѓу вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Случајот со аферата „Пуч“ го следат контроверзии и реакции цела недела. Големи бранувања предизвика соопштението на јавното обвинителство во кое се наведуваше дека било неопходно да се нагласи дека објавувањето на материјали кои што може да станат предмет на натамошната кривична постапка е забрането и казниво со Закон. Тие предупредија да запре објавувањето и емитувањето на ваквите материјали.

Ова предизвика силни реакции од домашните новинарски организации, но и од странските амбасади. Реагираа американската и британската амбасада и претставници на Европската Унија. Амбасадата на САД со загриженост ја проследи изјавата од Канцеларијата на Јавното обвинителство дека “објавувањето на материјали кои може да станат предмет на натамошна кривична постапка е забрането и казниво со закон”, беше наведено во сооштението во кое беше нагласено и дека слободните медиуми се столб на едно демократско општество и медиумите играат клучна улога во презентирањето на информации од јавен интерес, вклучувајќи и информации кои би можеле да укажуваат на злоупотреба на власт и да резултираат со кривични постапки против јавни личности.

Пред ваквото соопштение од јавното обвинителство на јутјуб и во дел медиуми беше објавена снимка на која се слуша како во кабинетот на премиерот лидерот на опозицијата Заев и Груевски разговараат за тоа кој му ги дал материјалите. Сето ова следеше откако минатата сабота премиерот на прес конференција соопшти дека Заев е осомничен во т.н. афера Пуч за две дела-шпионажа и насилство против претставници на највисоките државни органи. Претходно за истата афера беа осомничени поранешниот шеф на контраразузнавачите Зоран Верушевски, неговата сопруга и локален функционер од Струмица, а вчера беа приведени уште две лица, еден се уште вработен во МВР и еден поранешен вработен.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG