Достапни линкови

Ликовните „записи“ на Јованов на изложба во Кавадарци


Шеесеттина дела, графики, цртежи и слики, ќе бидат претставени на осмата самостојна изложба на Горан Јованов, што овој петок, на 13 февруари, во 19 часот ќе биде отворена во Галеријата на Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци. Во неговите ликовни записи централно место завземаат „интимните, изолирани, меланхолични уметнички светови, наталожени до обременетост со спомените од минатото“, а постановката доаѓа нецели три месеци по онаа во Домот на АРМ во Скопје.

Следејќи го својот уметнички импулс, Горан Јованов останува доследен на ликовниот израз кој рефлектира силно изразен лирски сензибилитет, како метафоричен и поетски однос кон апстрактната форма на сликата и трансцедентноста на човековата суштина. Следствено на тоа, во неговите дека централно место заземаат интимните изолирани меланхолични уметнички светови, наталожени до обременетост со записи од минатото, со крајна тенденција за предизвикување контемплативност на ниво на духовност и изразување на внатрешните искуства, емоции и содржини.

Како и секој млад уметник се чувствувам како „присилен“ од историјата да ги отворам стиловите на минатите уметници и во исто време да експериментирам и да создадам нешто со што би се издвоил.
Горан Јованов, уметник.

Ова ќе го забележи кураторката Маја Чанкуловска Михајловска во текстот за изложбата „Записи“ на м-р Горан Јованов, што нецели три месеци по претставувањето во Домот на АРМ во Скопје, овој петок, на 13 февруари, во 19 часот, ќе биде отворена во Галеријата на Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци. Ќе бидат претставени шеесетина дела, графики, цртежи и слики од неговиот циклус од минатата година за кои ликовниот уметник знае да каже дека се плод на творечката потрага и експериментите со различни техники.

Горан Јованов.
Горан Јованов.

„Како и секој млад уметник се чувствувам како „присилен“ од историјата да ги отворам стиловите на минатите уметници и во исто време да експериментирам и да создадам нешто со што би се издвоил. Да произведам максимум комбинации со што би се изградил како комплетен уметник, а со тоа и самиот да станам дел од историјата на современата уметност“, вели Јованов.

Со оваа изложба сакав да дадам еден импулс на креацијата – од самиот почеток, од првата повлечена линија до финалниот производ. Од цртежот кој темел на моето творештво, до графиките и сликите.
Горан Јованов, уметник.

Тој дополнува дека најважно за оваа најнова постановка е што таа, во некоја рака, најрелеватно го претставува неговиот веќе „позрел творечки ракопис“ и е запис за она што како уметник го дал или оставил досега.

„Со оваа изложба сакав да дадам еден импулс на креацијата – од самиот почеток, од првата повлечена линија до финалниот производ. Од цртежот кој темел на моето творештво, до графиките и сликите. Притоа сугерирам на просторот, на минатото, на играта, на светлото. Ставам акцент на апстрактната асоцијативна изразност и на експресијата на одразот на духовното.“

Роден во Гевгелија во 1982 година, Горан Јованов дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот графика со насока реставрација и конзервација и дизајн во класата на професорот Димитар Малиданов.

Зад себе има седум самостојни изложби и еден ликовен перформанс со поетесата Елена Пренџова ( „Зад виножитото“ , септември 2012 – Кинотека на Македонија), а неговите дела биле претставувани на групните постановки во Берлин, Лоџ, Белград, Нови Сад, Охрид, Битола... Беше учесник на изложбата на македонските уметници која се одржа во Националниот двор на културата во Софија и на Меѓународното биенале на млади уметници од Европа и Медитеранот кое во септември 2009 година се одржа во Скопје.

Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 2006 година, а на 56-та годишна изложба на нашата национална ликовна асоцијација беше добитни на наградата за графика „Димче Николов“.

Николов е член и основач на Мултимедиа центар во Гевгелија, Интернационалниот ликовен карван, Друштво на уметници и љубители на уметноста - “Широка стаза“ и на Здружението на графичари на Македонија.

По претставувањето на овој циклус дела во Кавадарци, изложбата најверојатно ќе биде поставена и во Куманово, а уметникот знае да каже дека ќе продолжи да го следи сопствениот творечки ракопис и дека ќе се потруди да допре до совршеноста на изразот. Вели дека во осмисленоста на делото ќе се обиде да понуди некоја нова порака и себе да се претстави како изграден автор кој е подготвен да го предизвика светот на уметноста и на интернационалната сцена.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG