Достапни линкови

Пелагонија ќе роди четвртина жито


Земјоделците кренаа раце од нивите, велат дека штетите се огромни. Ако Пелагонија произведува 80.000 тони житни култури, пред се пченица, сега прашање е дали ќе има 20 000 тони, велат од подрачното одделение за земјоделство.

Со милиони евра ќе се проценуваат штетите во земјоделството нанесени од поплавите во Пелагониско. Во најголемата житница во земјава, Пелагонија, водата оштети илјадници хектари со пченица засеана есента, подготвени површини за пролетна сеидба, ниви со маслена репка, сончоглед . Дел од растенијата скапаа со денови останувајќи под вода, а земјоделските култури дополнително ги оштетија и насосите со тиња од Црна Река.

Банкрот. За десет години не ќе можеме да кренавме глава. Сто отсто од полињата се под вода, а беа посеани со житарици. Црна не е исчистена со години и затоа имавме поплави.
Земјоделец од Пелагонија.

„Од нивите кренавме раце. Нема да има годинава бериќет. Цел атар беше поплавен. Пченица, сончоглед се е оштетено.“

„Тутун имавме непредаден, го подигнавме за да не се изводени, но не знаеме дали ќе мине без штети.“

Поплави во најголемата житница во Македонија.
Поплави во најголемата житница во Македонија.

„Банкрот. За десет години не ќе можеме да кренавме глава. Сто отсто од полињата се под вода, а беа посеани со житарици. Црна не е исчистена со години и затоа имавме поплави“, реагираат оштетени земјоделци од Пелагонија.

Кај пченицата коренот е презаситен, нема воздух и скапува. Штетата ќе биде огромна. Ако Пелагонија произведува 80.000 тони житни култури, пред се пченица, сега прашање е дали ќе има 20 000 тони.
Илија Србиновски, подрачен началник за земјоделство во Битола.

Од земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ кој е најголем произведувач на храна во Македонија под вода беа 9.000 хектари, од кои голем дел ќе бидат оштетени. Најголеми штети се очекуваат кај маслената репка која најмалку трпи влага, односно само три дена, потоа кај житото кое издржува под вода осум до десет дена. Од поплавените површини во комбинатот 4.500 хектари беа со есенски житни култури, пред се пченица, а уште толку површини подготвени за пролетна сеидба, како и 5.000 тони пченка во зрно која поради дождовите на успеаја да ја ожнеат.

Од подрачното одделение за земјоделство истакнаа дека штетите дополнително ќе се утврдуваат откако ќе се повлече водата, но ќе бидат големи. Се претпоставува дека житницата ќе даде четвртина од родот кој се произведувал минатите години.

„Кај пченицата коренот е презаситен, нема воздух и скапува. Штетата ќе биде огромна. Ако Пелагонија произведува 80.000 тони житни култури, пред се пченица, сега прашање е дали ќе има 20 000 тони. Постои опасност и дали ќе може да се засеат пролетните култури, фуражни пченки, пченка во зрно, градинарски култури, индустриски култури. Не знаеме какво време ќе дочекаме понатаму“, изјави Илија Србиновски, подрачен началник за земјоделство во Битола. Штетите до некаде ќе се намалат доколку пролетта биде сушна и што повеќе површини се засеат со пролетни култури.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG