Достапни линкови

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат законски измени за исплатата на хонорари


Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ до Собранието ќе достави предлог за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, со кој се уважуваат дел од барањата на граѓаните за исплата на хонорари. Со најновите измени и дополнувања на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување се врши прецизирање и олеснување на условите за плаќање на придонеси на надоместоците остварени по основ на договор на дело, авторски договор или друг вид на договор со кој се остварува надоместок. Пратеничката група предлага лицата кои остваруваат приходи од работен однос (вработени лица) и лицата кои остваруваат приходи по основ на пензија (пензионери) да бидат ослободени од обврската за плаќање придонеси доколку остваруваат дополнителни приходи на месечно ниво по основ на договор на дело, авторски договор или друг вид на договор, помали од износот на просечната нето плата исплатена во РМ во претходната година согласно податоците на Државниот завод за статистика (околу 21.300 денари). Овие лица, според предложеното, ќе плаќаат придонеси само на износот кој го надминува овој праг од 21.300 денари. Ова, како што се наведува во соопштението, од причина што овие лица веќе се вклучени во системот на социјално осигурување.

Лицата кои не се во редовен работен однос (невработени лица), а кои остваруваат надоместоци по основ на договор за дело, авторски договор или друг вид на договор, се предлага да бидат ослободени од обврската за плаќање на придонеси до износот на минималната плата утврдена со закон (9.590 денари). Овие лица ќе плаќаат придонеси само на износот кој го надминува овој праг од 9.590 денари. Ова, како што се наведува, е со цел да се заштитат интересите на лицата кои до сега се ангажираа по некој од овие основи, но на кои не им се плаќа пензиско и здравствено осигурување.

Со цел постигнување поголема правичност, со измените на Законот ќе се укине и ограничувањето на највисоката основица за пресметка и плаќање на придонесите како по основ на плата, така и по основ на приходи остварени од договори за дело, авторски договори или друг вид на договор со кој е определен надоместок за извршена работа. Со измените на Законот се предвидува дека придонеси ќе се плаќаат само на веќе исплатени хонорари.

Рокот за поднесување на пријави во месец февруари 2015 година ќе биде до 25-ти во месецот, со цел овие измени да имаат ефект веднаш.

XS
SM
MD
LG