Достапни линкови

Евроинтеграции - што беше тоа?


Средба на вицепремиерот Фатмир Бесими со еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан на 4 декември 2014 во Брисел.
Средба на вицепремиерот Фатмир Бесими со еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан на 4 декември 2014 во Брисел.

Дали проблемот со името останува клучен предуслов за нашите евроатлантски интеграции или во услови на сè подлабока политичка криза, списокот на критични точки кои го блокираат нашето зачленување во евроатлантските институции, загрижувачки расте?

И покрај оптимизмот кај високи претставници на меѓународната заедница дека по изборите во Грција може да се очекува интензивирање на грчко-македонскиот дијалог, па дури и придвижување кон решавање на спорот за името, повеќето домашни аналитичари се согласуваат дека таквите очекувања се нереални.

Јас мислам дека нема да видиме зголемена иницијатива, [...] најверојатно затоа што ќе се случува судир меѓу новата грчка влада и меѓународната заедница во делот на нивните најголеми кредитори.
Стево Пендаровски, универзитетски професор од СДСМ.

Дел од нив велат дека во периодот пред нас Грција ќе биде преокупирана со финансиските проблеми и долгот кон европската тројка, па според тоа прашањето за името ќе биде споредна тема. Професор Стево Пендаровски вели дека во блиска иднина нема да има зголемена иницијатива за интензивирање на македонско-грчкиот дијалог и дека ќе има помалку притисоци за прашањето за името поради можните тензии и судири меѓу новата грчка влада и европската тројка.

Проблеми ќе има во грчката политика кон Европската унија и настанува бура, во таа бура не само што на Ципрас нема да му паѓа на памет да менува што било кон Македонија, туку и Европа нема да бара ништо од него, бидејќи ќе водат војна во врска со кредитите, во врска со отплатите, во врска со каматите и слично.
Ристо Никовски, поранешен дипломат.

„Јас мислам дека нема да видиме зголемена иницијатива, освен овој третиот фактор на меѓународна заедница од Брисел, па и од Америка, во делот за името, значи некакви притискања нема да има, моја проценка е дека тука ќе има помалку притисоци ако претходно воопшто ги имаше изминатите 2-3 години, помалку најверојатно затоа што ќе се случува судир меѓу новата грчка влада и меѓународната заедница во делот на нивните најголеми кредитори и бидејќи се занимаваат само со себе си нема да има таква синхронизација каква што беше владата на Самарас со европската тројка, затоа ќе летаат повеќе искри и ќе има тензија и за името ќе има уште помалку простор од она што до сега го има“, изјави Пендаровски.

Според мое мислење потребна е севкупна свесност на цела Европа, дека нерешавањето на ова прашање може само да наштети, бидејќи на никого нема да помогне, ниту на едните, ниту на другите.
Себастијан Курц, министер за надворешни работи на Австрија.

Во меѓувреме, првиот сигнал за продолжување на преговорите за спорот го испрати шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, преку покана за средба со новиот грчки колега Никос Коѕијас. Попоски изјави дека наскоро ќе биде јасно дали и оваа Влада ќе бега од средби со македонските претставници или ќе биде отворена за дијалог. Влегувањето на партијата на ултранационалистот Панос Каменос во Владата, со условување да не се отвораат националните прашања и да не се преговара за името Македонија, новиот премиер Алексис Ципрас може да го искористи како изговор, вели Попоски, но додава дека тоа нема да ја спречи македонската страна да инсистира на средби и решенија.

Сојузниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија, Себастијан Курц во посета на Република Македонија.
Сојузниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија, Себастијан Курц во посета на Република Македонија.

Поранешниот дипломат Ристо Никовски, пак, е уверен дека прашањето за спорот воопшто не е на агендата на новото грчко раководство.

Ако во следниот период ни се интензивира соработката, билатералните односи, верувам дека ќе биде добар почеток, а дали тоа ќе значи завршување на процесот за преговори, тоа не верувам.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

„Проблеми ќе има во грчката политика кон Европската унија и настанува бура, во таа бура не само што на Ципрас нема да му паѓа на памет да менува што било кон Македонија, туку и Европа нема да бара ништо од него, бидејќи ќе водат војна во врска со кредитите, во врска со отплатите, во врска со каматите и слично“, изјави Никовски.

Никола Попоски, министер за надворешни работи.
Никола Попоски, министер за надворешни работи.

Но, контра ваквите размислувања, некои изјави на меѓународни дипломати покажуваат дека шанси за некакво придвижување постои. При неодамнешната посета во Македонија, австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц изјави дека е нејасно зошто нема никаков напредок во решавање на спорот за името сите овие години, притоа ветувајќи дека Австрија ќе изврши притисок и ќе бара нова динамика со цел да се најде решение за овој повеќедецениски спор.

Новата грчка влада има други приоритети, коишто не само што ги најавува, туку веќе доста интензивно ги спроведува и отворањето на македонското прашање во моментов сигурно не и е врвен приоритет.
Малинка Ристевска-Јорданова, Институт за европска политика.

„Според мое мислење потребна е севкупна свесност на цела Европа, дека нерешавањето на ова прашање може само да наштети, бидејќи на никого нема да помогне, ниту на едните, ниту на другите, за мене е сосема нејасно зошто по овој долг период нема никакво придвижување на работите по однос на овој спор, и едната и другата држава, како вклучени страни имаат многу поважни работи за решавање“, изјави Курц.

Самиот чин на промена на власта во Грција, дури и ако е тоа Сириза, којашто покажа дека е способна за радикални промени во политиките, но прашање е дали ќе се одлучат за радикални промени во овој домен, со оглед на тоа што имаат една десничарска партија како коалиционен партнер.
Бојан Маричиќ, Македонски центар за европско образование.

На иста линија е и политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. Тоа што Грција има нова Влада која не е традиционална и арогантна, ни дава за право барем да се надеваме дека ќе имаме поголема отвореност на Грција за дијалог и соработка. Сепак, предупредува дека фактот што грчкиот министер за надворешни работи е од помалиот коалициски партнер од екстремната десница го отежнува процесот.

„Во секој случај верувам дека ќе имаме поголема отвореност на Грција за дијалог, за соработка, верувам дека не се исклучени сега ни можностите за состаноци на највисоко ниво кои години по ред не ни се случуваат и ако во следниот период ни се интензивира соработката, билатералните односи, верувам дека ќе биде добар почеток, а дали тоа ќе значи завршување на процесот за преговори, тоа не верувам“, изјави Муслиу.

Тоа што очекувам е една разумна политика од новата грчка влада, којашто веројатно не би изгубила ништо на домашен план, затоа што има сериозна поддршка пред конкурентите, не би изгубила ништо доколку дозволи Македонија да започне преговори за членство.
Никола Дујоски, универзитетски професор.

Оптимизам дека спорот за името ќе се реши не гледа Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика. Таа вели дека во моментот и двете засегнати страни имаат други приоритети.

„Новата грчка влада има други приоритети, коишто не само што ги најавува, туку веќе доста интензивно ги спроведува и отворањето на македонското прашање во моментов сигурно не и е врвен приоритет. Од друга страна, од македонската страна гледаме дека приоритет на владата апсолутно не е решавање на прашањето за името, затоа што таа од ден на ден покажува дека нема намера да ги исполни условите за повторување на препораката“, вели Ристевска Јорданова.

И Бојан Маричиќ од Центарот за европско образование смета дека владата на Сириза е порасположен партнер за разговори. Сепак, предупредува дека тој оптимизам не треба да биде претеран, зашто проблемот трае долго време, посочува Маричиќ според кој треба да се земаат предвид и други фактори.

„Според мене треба меѓународниот фактор, пред сè европските институции, значи институциите од ЕУ, но и САД, како водечка членка на НАТО и како една од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН да се ангажираат сериозно за овој проблем навистина да се реши. Самиот чин на промена на власта во Грција, дури и ако е тоа Сириза, којашто покажа дека е способна за радикални промени во политиките, но прашање е дали ќе се одлучат за радикални промени во овој домен, со оглед на тоа што имаат една десничарска партија како коалиционен партнер“, вели Маричиќ.

Ставот на македонската влада е познат. Македонија е подготвена за конструктивен дијалог и соработка во насока на надминување на овој проблем, но компромисот не треба да задира во идентитетските прашања. Министерот Попоски неодамна изјави дека и покрај исчекувањата на меѓународната заедница од забрзување на решавање на спорот веднаш по изборите во Грција, наскоро ќе знаеме дали економската криза и натаму ќе се користи како параван, како што рече, или грчката Влада ќе се посвети на решавање на сите отворени прашања. Универзитетскиот професор Никола Дујоски, пак, вели дека повеќе од дваесетина години речиси и да нема каков било напредок за ова прашање. Токму затоа решение ниту сега не е на повидок, вели тој.

„Тоа што очекувам е една разумна политика од новата грчка влада, којашто веројатно не би изгубила ништо на домашен план, затоа што има сериозна поддршка пред конкурентите, не би изгубила ништо доколку дозволи Македонија да започне преговори за членство. Можеби тоа изгледа вака преурането, можеби изгледа премногу, меѓутоа очекувам, ако не веднаш, но во мандатот на новата грчка власт, да се случи токму тоа“, вели Дујоски.

И додека факторот време ќе одлучи затоа дали средбите меѓу грчкиот и македонскиот државен врв ќе зачестат, домашните експерти претпазливи околу можните позиции на СИРИЗА кон спорот за името. Пендаровски уверува дека Ципрас нема да помине преку веќе утврдените црвени линии на грчката држава, а на иста линија е и Никовски.

„Во тој дел ќе имаме илузија ако мислиме дека тој ќе помине преку тој Рубикон на грчката политика и ќе рече нема да се држиме стриктно до позицијата која ја преведуваат како ерга омнес“, вели Пендаровски.

„Тоа кај нив е цврст консензус и не само тоа, Ципрас, кој беше напаѓан дека имал поинаков став кон Македонија, ќе мора максимално да внимава да не биде повторно на мета“, вели Никовски.

Но, дали евентуалниот прогрес во преговорите со Грција ќе ни ги зголеми шансите за отворање преговори со Европската унија и зачленување во НАТО. Експертите предупредуваат дека иако е клучен проблем за блокадата на македонските евроатлантски интеграции, проблемот со името не е единствениот. Во период на длабока политичка криза и непостоење на политички дијалог, кога постојано се потенцираат проблемите со медиумските слободи и притисоците врз работата на судот, ги прашавме нашите соговорници за тоа какви се перспективите на македонските евроинтеграции.

„Не само што ги влошува нашите шанси, туку нè води кон една многу пасивна позиција во меѓународните односи во коишто ризикуваме изолација и ризикуваме да не бидеме третирани на никаков поинаков начин, освен како земја којашто нема демократски капацитет, а има потенцијал за генерирање кризи“, вели Ристевска-Јорданова.

Имајќи ја предвид загриженоста што ја покажаа сите релевантни фактори околу актуелната политичка ситуација во земјава, неспорно е дека Македонија ќе претрпи штета на патот кон Европската унија и НАТО, се согласува и Маричиќ.

„Ако оваа ситуација продолжи, многу е извесно дека ја губиме препораката за преговори, бидејќи бевме опоменати во последниот извештај за напредокот дека треба да се направи многу повеќе, итна акција на планот на деполитизација на институциите, на планот на подобрување на владеењето на правото и на независноста на судството“, вели Маричиќ.

Професор Дујоски, пак, смета дека во моментот ниту една друга пречка освен спорот за името не е толку голема за да отпочнат преговорите за членство во Европската унија.

„Ние можеме да добиеме датум за преговори, па тоа може потоа да се одолговлекува, започнување на аналитичката фаза или отворањето на поглавјата, веројатно некои од поглавјата, особено оние најзначајните, 23 и 24, коишто се однесуваат на владеењето на правото, на политичкиот систем, на односите во власта“, вели Дујоски.

Забелешките за кои неколку години по ред реагираат од Брисел особено преку извештаите за напредок на нашата земја се сами по себе сериозен проблем за Македонија, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. Додава дека актуелната политичка ситуација во земјава дополнително ќе го отежнат нашиот евроинтегративен пат.

„Ние веќе имавме некои најави и ставови од членови на нашата влада дека е можно и да не добиеме препорака за почнување на преговорите, а после овие случувања во последните денови, шансите тоа да се случи се уште поголеми“, вели Муслиу.

Во низата области кои ни се посочени како критични и на кои мора посветено и недвојбено да работиме, експертите предупредуваат дека политизацијата на институциите која ја доведува во прашање довербата на граѓаните кон нив е една од најалармантните. Дујоски посочува дека отсуството на опозицијата во парламентот е подеднакво загрижувачка компонента, која го доведува во прашање квалитетот на законите што се донесуваат. Ристевска укажува и на препораките на Советот на ЕУ во делот на контрола на државните институции, отсуството на независно судство, медиумски слободи и меѓуетничките односи.

„Судството исто така е горливо прашање, тоа се прашања коишто секојдневно ќе бидат отворани тогаш кога ќе започнеме преговори и ништо нема да остане како што е сега, и слободата на медиуми, па дури и меѓуетничките односи, сè се тоа прашања коишто имаат соодветно значење за државата. Не може да се издвои дека едно прашање би можело да се стави на страна за да се разговара за него во некое подобро време, не туку сè се решава во пакет“, вели Дујоски.
„Ова беа критичните точки коишто беа наведени во заклучоците на Советот и за коишто се очекуваше, односно се бараше од македонската влада да има напредок, секако и дијалогот меѓу опозицијата и владејачкото мнозинство, односно ункционирањето на македонското собрание, онака како што доликува на парламентарна демократија. Значи тие пет клучни точки како услов за повторување на препораката“, вели Ристевска Јорданова.

Во меѓувреме. пак, последните истражувања на Центарот за европско образование покажале дека над 90 проценти од Албанците во земјава сметаат дека членството во ЕУ би била добра работа, додека тоа мислење го делат само 54 проценти од испитаните Македонци. Кај Македонците, пак, ставот кон ЕУ е определен од партијата, односно симпатизерите на СДСМ имаат сличен став со Албанците, односно за 68 проценти од нив членството во Унијата е подобра работа. Кај симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ тој процент изнесува 53 насто.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG