Достапни линкови

Во Турција прислушувани пет милиони луѓе


Во Турција прислушувани пет милиони луѓе
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:38 0:00

Во Турција прислушувани пет милиони луѓе

Околу пет милиони Турци биле прислушувани само во една година, изјави турскиот министер за внатрешни работи Ефкан Ала. Деновиве десетина луѓе беа приведени под сомневање за илегално прислушување. Тоа е уште еден потег против Фетула Ѓулен, главниот непријател на претседателот Ердоган.

Министерот Ала за скандалот ги обвини приврзаницитена исламскиот свештеник Фетула Ѓулен кој живее во Соединетите Држави.

„Има одлуки за прислушување на едно лице, но тоа разговара со дваесетина други. Значи биле прислушувани пет милиони луѓе. Сите овие разговори беа користени за уцени и закани“, изјави тој за државната новинска агенција Анадолу.

Обвинувајќи ги „паралелните структури“, термин што се употребува за приврзаниците на Ѓулен, министерот Ала вели дека дозволите за прислушување на 250 илјади луѓе биле злоупотребени.

Има одлуки за прислушување на едно лице, но тоа разговара со дваесетина други. Значи биле прислушувани пет милиони луѓе. Сите овие разговори беа користени за уцени и закани.
Ефкан Ала, министер за внатрешни работи на Турција.

„Нивната цел беа претседателот, премиерот, Уставниот суд, Генералштабот, министерствата, невладини организации, бизнисмени и партии. Ова е неверојатно“, наведува министерот Ала, додавајќи дека повеќето од инволвираните во прислушувањето биле од полицијата.

Неколкумина осомничени се уапсени во минатиот месец во масовната истрага за шпионажа, односно за прислушување и на претседателот Ердоган.

Тоа било во врска со истрагата за корупција на најблиските негови соработници. Дел од овие прислушувани разговори во декември 2013 година се појавија на интернет.

Ердоган тогаш оцени дека зад оваа активност бил Ѓулен со цел да предизвика пад на владата.

Турскиот суд во декември издаде потерница по исламскиот свештеник кој живее во само наметнат егзил во Пенсилванија од 1999 година.

Со гледање на секој критички глас како непријателски, или уште полошо какопредавнички, тие ја водат земјата кон тоталитаризам.
Фетула Ѓулен, противник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган на тоа одговори со чистки во државниот апарат, прераспределба на илјадници полицајци и стотици судии и обвинители за кои се сметаше дека му се лојални на Ѓулен.

„Сега влеговме во нивните дувла. Свесни сме за напорите да се поврзе нашата земја со тероризмот во меѓународната заедница. Свесни сме за обединетоста на круговите во и надвор од Турција за да ја спречат на нејзиниот зацртан пат“, изјави претседателот Ердоган.

Турските западни сојузници реагираа со предупредувања за, како што беше наведено, ваквата ерозија на владеењето на правото.

Деновиве во острата битка меѓу Ердоган и неговиот некогашен сојузник, турската влада му го укина пасошот на Ѓулен кој претходно го критикуваше Ердоган дека ја води земјата во тоталитаризам.

Во неговиот напис во „Њујорк тајмс“, Ѓулен го обвинува Ердоган кој останува многу популарен во Турција, дека го користи неговиот изборен успех за да го игнорира Уставот и да ги потисне оние што не се согласуваат со него.

„Со гледање на секој критички глас како непријателски, или уште полошо какопредавнички, тие ја водат земјата кон тоталитаризам“, пишува Фетула Ѓулен.

Одземањето на пасошот би можело да значи дека Анкара се подготвува да издаде барање за екстрадиција на Ѓулен. Но, според некои наводи, Вашингтон би го отфрлил.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG