Достапни линкови

Одлуката на СОНК го урива синдикалното движење


Целосната поддршка за СОНК сега се претвори до целосна осуда, велат од Мултиетничкиот синдикат на образование, зашто според нив штрајкот е прекинат без исполнување на ниедно барање.

Борбата за подобро образование продолжува и покрај прекинот на штрајкот. Дел од наставниците се незадоволни од решението на СОНК да стави крај на штрајкот, особено што не се исполнети барањата. Целосната поддршка за СОНК сега се претвори во целосна осуда, велат од Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО). Сузана Стефановиќ, претседателка на МЕСО, вели дека се крајно револтирани од одлуката, бидејќи е донесена во пресрет на најавени масовни протести низ целата земја, за кој протест поддршка имале не само од членовите на СОНК, туку и од другите наставници кои не се членови и од граѓани, ученици.

Уште повеќе сме револтирани што штрајкот е прекинат без решавање на ниту едно од конкретните барања.
Сузана Стефановиќ, претседателка на МЕСО.
Раководството на СОНК.
Раководството на СОНК.

„Уште повеќе сме револтирани што штрајкот е прекинат без решавање на ниту едно од конкретните барања. Штрајк се прекинува па се остава или во мирување барам да речеа дека е штрајкот до следно договарање, туку повторно имавме „ќе“ договориме, „ќе“ се состанеме, „ќе“ работиме на тој проект, единствено слушнавме дека за една година се одложени казните за наставниците. А имаме и казнети и наградени наставници, дури нашите информации е дека е поголем бројот на наградените, па тоа им одговара, значи овде даваат, таму одземаат и со тоа ништо не направиле, но и тоа не е конкретно решено“, вели Стефановиќ.

Она што раководството на СОНК го направи со одлуката за прекин на штрајкот е во најмала рака дилетантизам од гледна точна на синдикалното организирање.
Здравко Савески, секретар на МЕСО.

Во потпишаната Спогодба меѓу СОНК и Министерството за образование, покрај тоа што нема никаква конкретна придобивка за вработените во образованието, нема одредби дека е постигнат договор да им се исплати плата на вработените кои штрајкуваа, а исто така нема одредби за укинување на крајно штетните одредби за штрајк во основното и средното образование, кои Владата ги воведе во септември 2014 година, велат од Мултиетничкиот синдикат на образование. Од таму додаваат дека наставниците за време на штрајкот се соочиле со најразновидни притисоци, но сепак останале на одлуката.

„Беа етикетирани, се слуша дека некои од нив ќе останат дури и без работа, но тие тоа го издржаа со цел да се изборат да се добие барем едно од тие барања, но не резултираше баш со ништо“, вели Стефановиќ.

Од Мултиетничкиот синдикат за образование велат дека СОНК со одлуката за прекин на штрајкот го сруши синдикалното движење во земјата.

Секретарот на МЕСО, Здравко Савески, вели дека без способно и храбро синдикално раководство нема успешна одбрана на работничките права.

„Она што раководството на СОНК го направи со одлуката за прекин на штрајкот е во најмала рака дилетантизам од гледна точна на синдикалното организирање, да не шпекулираме со нешто повеќе од тоа. Ако нема некоја друга причина зошто го прекинаа штрајкот во образованието, тогаш тоа е показател на нивниот краен дилетантизам“, вели тој.

Савески како проблем го посочува и тоа што СОНК не го стави во мирување штрајкот, туку во прекина.

„Тоа значи дека СОНК самиот ќе се изложи на отпочнување нова процедура за почеток на штрајк, за што одредбите во законот се доста строги“, вели Савески.

Од МЕСО ги повикаа членовите на СОНК добро да размислат на кој синдикат му ја даваат својата доверба и кому му даваат право да води социјален дијалог и да потпишува колективни договори. Мултиетничкиот синдикат за образование е подготвен да ги прифати незадоволните членови на СОНК за заедно да се борат за одбрана на правата и достоинството на вработените во образованието.

Од Наставничкиот пленум преку писмено соопштение потсетуваат дека не се статисти, туку актери во креирањето на иднината на младите. Тие велат дека во основното и во средното образование има многу наталожени проблеми.

„Освен екстерното тестирање имаме уште многу други проблеми врзани со квалитетот и недостатокот на учебниците, но и со недоволно осмислените и несоодветни програми. Досега ништо од спроведените реформи не придонесе во насока на подобрување на состојбата. Токму затоа ние бараме повлекување на екстерните испити и инсистираме да бидеме вклучени во секоја наредна анализа и обработка на законите со наши предлози и мислења“, вели Наставничкиот пленум.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков изјави дека се свесни дека има членови кои не се задоволни, но поголемиот број се задоволни. Тој вели дека се убедени дека барањата ќе се реализираат.

Односите меѓу СОНК и Министерството за образование се на климави нозе подолго време. При крајот на септември беше најавен генерален штрајк, но тој беше ставен во мирување, давајќи им рок на преговорите до крајот на 2014. Но, на почетокот на годинава излегоа со став дека преговорите не вродиле со плод со што повторно се активираше штрајкот, а кој власта не признаваше дека постои сè до предвечерието на најавените протести, кога падна договор за продолжување на социјалниот дијалог и штрајкот беше прекинат.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG