Достапни линкови

Обвинителството не смее да ги замолчува новинарите


Јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Новинарите имаат право и обврска да го бранат јавниот интерес и никој не може да им забрани да си ја работат работата, коментираат новинарските здруженија по предупредувањето на Јавниот обвинител за случајот „Пуч“. Од Јавното обвинителство велат дека одредбите кои предвидуваат тајност во постапката ги има во Законот за кривична постапка и Законот за јавно обвинителство.

Никакви предупредувања на Јавни обвинителства не смеат да бидат оправдување за повлекување од основната задача на новинарството - да го брани јавниот интерес, реагираат дел од новинарските здруженија во земјава по вчерашното соопштение на Јавното обвинителство, во кое се предупредува да запре објавувањето и емитувањето на материјали кои може да станат предмет на натамошна кривична постапка.

Новинарите што ќе дојдат до материјали поврзани со информации за потенцијален судир на интереси, за погрешно информирање на јавноста, преку изјави или постапки на службени лица, за неетично или незаконско однесување на функционери, па дури и за злосторства или за сериозни прекршувања на закон, имаат професионална обврска тоа да го објават.

Од Самостојниот синдикат на новинари апелираат дека новинарите имаат не само право, туку и обврска да откриваат информации за кривични дела и да попречат заведување и манипулирање на јавноста од позиција на моќ.

„Новинарите што ќе дојдат до материјали поврзани со информации за потенцијален судир на интереси, за погрешно информирање на јавноста, преку изјави или постапки на службени лица, за неетично или незаконско однесување на функционери, па дури и за злосторства или за сериозни прекршувања на закон, имаат професионална обврска тоа да го објават“, изјави Тамара Чаусидис, претседател на ССНМ.

Претседателот на Здружението на новинарите, Насер Селмани, вели дека новинарите имаат должност да објавуваат точни информации, да не фалсификуваат и да не сокриваат документи. Новинарскиот кодекс е јасен, вели тој, и се заснова врз слободата на говорот.

ЗНМ ги охрабрува новинарите да не потклекнат на ваквите празни закани коишто немаат никаква законска основа и ги повикува да известуваат согласно етичкиот кодекс на новинарите.

„Ваквите закани од обвинителството се бесмислени, затоа што дрско бара да ја укине улогата на медиумите како коректив на власта во едно демократско општество. ЗНМ ги охрабрува новинарите да не потклекнат на ваквите празни закани коишто немаат никаква законска основа и ги повикува да известуваат согласно етичкиот кодекс на новинарите кој бара новинарите да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана“, вели Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Не можам да поверувам дека Јавното обвинителство може такво нешто да каже, го коментира нивното соопштение, поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски. Основната функција на Јавното обвинителство е да доаѓа до сознанија за сторено кривично дело и да утврдува кој е сторителот, а заканите дека ќе го санкционира секое објавување на нешто што асоцира на недозволена работа, е спротивно на надлежноста и овластувањата на јавниот обвинител.

Опозицијата ги нема презентирано доказите, од каде знае Јавниот обвинител со какви докази располага опозицијата, па да ги забрани и како може на нешто што не го знаеш да бараш мерка, некоја забрана.

„Прво не кажуваат по кој знакон, по законот, друго е ако јас злонамерно објавам нешто во коешто јас не сум сигурен можеби може да биде во сферата на некоја кривична одговорност, но материјали коишто се добиени на било кој начин и ако укажуваат на нешто недозволено во Република Македонија, Јавниот обвинител да го забрани тоа, практично оди и се анулира со сопствената надлежност, изјави Трпеновски.

И понатаму тврдам дека во конкретниот случај јавниот обвинител нема инструмент да запре објавување на нешто што некој го има, а асоцира на некои недозволени работи во земјава, вели Трпеновски. Таков инструмент постои само кога ќе отпочне постапката и ќе се презентираат доказите од двете страни. Ако се утврди дека се работи за материјали со кои се загрозува државната безбедност, тогаш Обвинителството и судот можат да донесат таква одлука за забрана за нивно објавување во јавноста.

„Опозицијата ги нема презентирано доказите, од каде знае Јавниот обвинител со какви докази располага опозицијата, па да ги забрани и како може на нешто што не го знаеш да бараш мерка, некоја забрана.“

Во меѓувреме од Јавното обвинителство ни одговорија дека одредбите кои предвидуваат тајност во постапката ги има во Законот за кривична постапка ( член 289 и член 299) и Законот за јавно обвинителство (член 8 став 3).

Трпеновски вели дека најголемиот судија е јавноста и таа не смее да биде лишена од доказите. Се надева дека медиумите нема да се исплашат од предупредувањата на обвинителството да не ги објават доказите, во моментот кога опозицијата конечно ќе одлучи да ги сподели со јавноста.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG