Достапни линкови

Во струшко не смее да се пие водата


Поплави во струшкото село Мислешево.
Поплави во струшкото село Мислешево.

Полавите ја заматија водата, па десетина села во струшко не смеат да пијат вода од водоводите и изворите, оти е загадена. Водата не е исправна ниту во општина Дебарца.

Жителите на десетина села во струшкиот регион не смеат да пијат од водата од селските водоводи, а не се препорачува користење ниту на водата од изворите. Ова е последица од поплавите кои ги зафатија Струга и околината и мешањето на водите.

Водата е забранета за пиење во селата Мислешево, Биџево, Долно Татеши, Велешта, Радолишта и Калишта каде има и микробилошка неисправност.
Атанаско Михаилов, директор на Центарот за јавно здравјево Охрид.

Примероците на вода земени од делови од Струга на први февруарипокажаа дека дел од водата во градскиот водовод и селските водоводи во селата Мислешево, Мороишта и Калишта немаат дезинфекциско средства, а примероците на вода од селата Мороишта и Калишта покажаа и микробиолошка неисправност, рече Атанаско Михаилов директор на Центарот за јавно здравјево Охрид. Во некои од селските средини во водата имало зголемена матност.

„Сите резултати се упатени до Агенцијата за храна и Центарот за управување со кризи и од информациите кои ги имаме од Агенцијата, водата е забранета за пиење во селата Мислешево, Биџево, Долно Татеши, Велешта, Радолишта и Калишта каде има и микробилошка неисправност“, рече Михаилов.

Водата во поплавените области не е за пиење, а бидејќи во некои од примероците од вода нема хлор, а некаде се најдени и бактерии.
Јованка Струлакова Коровешовска, специјалист епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Охрид.

Водата не е исправна ниту во општина Дебарца каде е забранета за употреба, за разлика од Охрид каде според Михаилов таа може да се користи без проблеми.

„Примероците од водата земени на втори февруари од селата во Дебарца кои имаат сопствен водовод како што се Сливово, Слатино, Песочан, Издеглавје, Велмеј, Лешани, Белчишта, Ботун покажаа недостиг на дезинфекциско средство односно немаа хлор. Водата од изворите во селата Сливово, Издеглавје и Подмоље беше со зголемена матност над дозволената и таа вода се забранува за употреба“, рече Михаилов.

Лекарите предупредуваат на можна појава на стомачни вируси поради големите води и поплавите.

„Треба да се пие исправна вода. Водата во поплавените области не е за пиење, а бидејќи во некои од примероците од вода нема хлор, а некаде се најдени и бактерии, поради поплавите и поради мешањето на водата за пиење со атмосферската вода може тоа да биде причина за зголемување на цревните заболувања“, рече Јованка Струлакова Коровешовска, специјалист епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Охрид.

Во струшко деновиве се поплавени повеќе од 300 куќи во повеќе населени места. Од охридскиот центар за јавно здравје информираат дека после повлекувањето на водата во поплавените куќи ќе вршат бесплатна дезинфекција на сите објекти за да можат луѓето нормално да живеат.

XS
SM
MD
LG