Достапни линкови

Земјоделците обвинуваат дека за да се спаси Прилеп, намерно било прекинато коритото на Црна Река по што се поплави Пелагонија. Надлежните негираат.

Расте напнатоста меѓу пелагониските жители и земјоделци по неколкудневните поплави. При посетата на поплавените региони од страна на претседателот на државата, Ѓорге Иванов тие се пожалија дека наводно намерно биле скинати делови од коритото на Црна Река за да се спаси прилепскиот регион од поплави, по што водата се прелила кон битолските пелагониски села.

По наредба на месните заедници од Тополчани, Тројкрстии Чепригово е скината реката за да се заштитат куќи во Тополчани, а поплавена е цела Пелагонија.

„Претседателе, да го прашаме градоначалникот на Прилеп што бараше завчера вечер овде со луѓе од село Тополчани, а потоа се поплави цела Пелагонија. Нека каже градоначалникот на Прилеп“, реагираа земјоделците.

„Не е точно, никој не дошол да го кине коритото на Црна Река“, велеа од Кризниот штаб.

Но, земјоделците беа настојчиви и извикуваа „ајде да одиме на лице место да видите кај е копано“.

Според земјоделците, коритото било пробиено кај прилепското село Тополчани, по што водата се излила во битолскиот дел на Пелагонија каде се поплавени селата Вашарејца, Ношпал, Радобор, Чарлија, Новаци, а опасност им се заканува и на пониските села во битолскиот крај.

Едиствено се работеше на спасување на населените места Тројкрсти, Тополчани и Чепригово. Никаде не се направени такви интервенции, едноставно природно беше пресечен водостојот на река Црна од големите врнежи.

„На Црна Река под мостот на магистралниот пат Битола-Прилеп коритото е скинато на две места, а на третото место не се познава зашто многу е излеано вода. Над новиот мост кон селото Новоселани, Тројкрсти каде што се излева водата, по наредба на месните заедници од Тополчани, Тројкрстии Чепригово е скината реката за да се заштитат куќи во Тополчани, а поплавена е цела Пелагонија“, изјави Драганчо Терашовски, жител на село Лознани.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески го отфрли ваквите обвинувања како нивистинити и рече дека надојдената вода го скинала коритото на Црна река.

„Значи тоа се паушални информации. Едноставно ние не можеме да дадеме таква наредба, си има надлежни институции и органи. Едиствено се работеше на спасување на населените места Тројкрсти, Тополчани и Чепригово. Никаде не се направени такви интервенции, едноставно природно беше пресечен водостојот на река Црна од големите врнежи“, изјави градоначалникот Ристески.

Инаку, коритото на реката Црна не е исчистено 30 години, па реката не го изджа притисокот на надојдената вода од каналите кои се влеваат во неа. Поради ова се излеаја дел од каналите, а и коритото на реката распука на шест места. Од Владата најавија дека ќе побвараат одговори од Министерството за животна средина задолжно за реките зошто речното корито не било исчистено толку долго време.

„Дискутиравме и на Влада. Министерството за животна средина е задолжено да достави информација кога последен пат била исчистена реката, кој бил надлежен и зошто била неисчистена и покрај тоа што се обезбедило нафта. Донесовме заклучоци да достават и информации за активности што го презеле околу управувањето на браните“, рече Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG