Достапни линкови

Праизведба на „Змејовата невеста“ на Стојков ВО МОБ


 Прес-конференција по повод премиерата на македонското оперско дело „Змејовата невеста“.
Прес-конференција по повод премиерата на македонското оперско дело „Змејовата невеста“.

„Змејовата невеста“, операта во три чина, за која по текст на Димитар Г. Молеров либретото го напиша композиторот Стојан Стојков, а ја режираше Дејан Пројковски, премиерно ќе биде изведена оваа сабота, на 7 февруари, во 20 часот, во Македонската опера и балет. Во ова музичко сценско дело ќе настапат Катерина Стојановска, Наде Талевска, Кристијан Антовски, Ернес Ибраимовски, Марика Поповиќ, Катерина Весковска, Владимир Саздовски и други, а со оргестарот ќе диригира Саша Николовски – Ѓумар.

По цела една декада од „Лидија од Македонија“ на Ристо Аврамовски, на македонската култура ќе и се случи праизведба на ново, оригинално, домашно големо музичко-сценско дело. Во сабота, на 7 февруари, во Македонската опера и балет, по неколку најави и одложувања, ќе биде изведена „Змејовата невеста“, операта во три чина, за која по текст на Димитар Г. Молеров либретото го напиша композиторот Стојан Стојков, а ја режираше Дејан Пројковски.

Опера не се содава секој ден бидејќи тоа е најсложената форма во музичкото творештво. Таа бара огромен капацитет на знаења на авторот од повеќе жанрови и форми и посебно од областа на композиторската техника.
Стојан Стојков, композитор.

Во предвечерието на ова значајно случување авторот ќе забележи дека ова музичко сценско дело се родило како плод на Божје Уханије кое силно се поврзува со неговиот начин на творечко размислување и музичко изразување. Текстот на Димитар Молеров, вели тој, претставува силно инспиративен литературен материјал кој совршено се совпадна со мојот професионален и личен авторски сензибилитет. Подвлекува дека поетиката на самиот текст, како и целата негова изворност и битовност, го одвеле до најраните сеќавања на слики, звуци и мириси и го вратиле назад во едни Ини времиња кога човекот и природата биле едно, а музиката била нивниот говор. Токму затоа не само текстот, туку и музиката и целиот композиторски јазик и стил, за него се производ на тој исконски израз во кој преовладува лириката, мелодичноста и едноставноста.

„Опера не се содава секој ден бидејќи тоа е најсложената форма во музичкото творештво. Таа бара огромен капацитет на знаења на авторот од повеќе жанрови и форми и посебно од областа на композиторската техника. Јас ги поканувам сите заинтересирани за македонската опера како форма да дојдат и да видат што сме направиле. Се работеше многу. Се вложија и време и средства и мислам дека успеавме на сцена да донесеме една бајковите форма која е издигната врз фолклорни мотиви и која кажува што е битово за мене како творец, за мојот авторски израз и конечно за нас, за афирмација на нашата култура која е еден од стожерите на нашиот идентитет“, ќе рече Стојан Стојков.

Функционираме како едно големо семејство кое што е обединето околу таа огромна игра наречена „Змејова невеста“. Посебно би сакал да и се заблагодарам на Катарина Стојановска, која ја толкува насловната невеста и која, пак, во целиот процес максимално беше вложена во таа актерска игра со нејзините нови и храбри мизансцени да реализираме голем дел од нашите идеи.
Дејан Пројковски, режисер.

А режисерот Дејан Пројковски, пак, ќе запише дека „Змејовата невеста” не е поврзана со прагматичното време. Таа, смета тој, е сон кој трае и кој се простира во вечноста. „Змејовата невеста” е космосот низ кој се движат заљубените души пред и после засекогаш. Вели дека во процесот на подготовка на операта идеја водилка му била една хаику песна од поетот Никола Маџиров - „Паѓаат ѕвезди. Си замислив желба да паднат на меко!“.

„Змејовата невеста“ за мене беше едно соѕвездие кое што свети, сјае и го покажува патот на љубовта.

Пројковски дополнува дека „Змејовата невеста“ е дел од универзалното и универзумот. Потенцира дека љубовта на Змејот и Милка е вон времето, сублимат на минатото, сегашноста и иднината сконцентрирана во една точка наречена безвременост или севременост на љубовта. Говорејќи за процесот на подготовка на претставата тој истакнува дека се обиделе да бидат една нејзина современа реплика, всушност сето она што автентично како звучен идентитет маестрално го има донесено авторот Стојков да го обојат со денешното видување на просторот, костимот и со начинот на игра.

„Функционираме како едно големо семејство кое што е обединето околу таа огромна игра наречена „Змејова невеста“. Посебно би сакал да и се заблагодарам на Катарина Стојановска, која ја толкува насловната невеста и која, пак, во целиот процес максимално беше вложена во таа актерска игра со нејзините нови и храбри мизансцени да реализираме голем дел од нашите идеи. “

А, сопраниостката Стојановска, пак, од своја страна ќе забележи дека е неизмерно среќна што по нејзинотот деби на оперската сцена со улогата на Асија во „Лидија од Македонија“ на Аврамовски пред цели 10 години еве ја со главна улога повторно во македонско дело.

„Мислам дека оваа опера ветува многу. Сработивме дело во кое донесуваме една поинаква естетика, нешто што ние досега не сме го практикувале во МОБ. Има сценски движења и технички елементи кои досега не сме ги практикувале во изведбите на другите дела од репертоарот.“

Инаку, во ова најново музичко сценско дело во продукција на МОБ ќе настапат и солистите Наде Талевска, Кристијан Антовски, Ернес Ибраимовски, Марика Поповиќ, Катерина Весковска, Владимир Саздовски и други.

Кореографијата е на Олга Панго, костимографијата на Марија Пупучевска, сценограф е Валентин Светозарев, а со оркестарот ќе диригира Саша Николовски – Ѓумар.

Од друга страна, „Змејовата невеста“ е една од поголемите музичко-сценски форми која е поддржана од страна на Министерството за култура во насока на поттикнување на домашното творештво и создавање на дела од различни жанрови и за различни музички формации. Затоа не чуди кога министерката Елизабета Канческа – Милеска знае да каже дека делото ќе понуди „симбиоза на традицијата и современоста, една нова естетика која се одликува со кумулативниот музички стил на композиторот Стојан Стојков“. Говорејќи за него таа дополнува дека тој е еден од најплодните македонски автори и творец кој добро и е познат на домашната и светската културна јавност.

„Стојков се смета за еден од највлијателните претставници на неофолклоризмот во македонскиот композиторски стил. Во оваа смисла, уверена сум дека оваа опера со сите свои обележја кои се содржат во самиот идиом на македонскиот фолклор ќе опстои уште многу години на репертоарот на МОБ како дело кое изворно го прикажува македонскиот креативен уметнички израз.“

Канческа-Милевска и со појаснување дека годинава во МОБ ќе проследиме уште една премиерна изведба на голема музичко-сценска форма која беше поддржана во Годишната програма на Министерството, операта „Леандер и Косара“ на композиторот Сони Петровски, по либрето на писателот Петре Бакевски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG