Достапни линкови

Очекувам бурна политичка пролет и најверојатно на крај, кога ќе се стишат сите овие работи, ќе се оди на вонредни парламентарни избори, вели Павле Трајанов од Демократскиот сојуз.

По објавувањето на случајот „Пуч“ несомнено ќе бидат предизвикани последици и Македонија ќе влезе во период на поголеми поделби од кои и власта и опозицијата нема да бидат незасегнати, наведуваат политичките партии во своите првични реакции.

Тој е сериозно исплашен, а во страв очите се најголеми, којзнае како ќе реагира.

ДУИ реагира со соопштение во кое наведуваат дека државните институции, а особено обвинителството и судството, овој случај треба да го третираат крајно транспарентно и исто така ја повикуваат меѓународната заедница да биде вклучена во создавањето и градењето демократски процеси.

Тито Петковски од НСДП изјави дека најмногу ќе биде погодена власта бидејќи ќе се открие еден огромен број на криминални дејствија, дополнувајќи дека претпоставува дека Заев нема да се откаже од она што јавно го кажа дека кривичната пријава нема да го спречи да ги објави материјалите што ги поседува.

„Самиот говори дека во нив има практично информации за еден огромен број на криминални дејанија на власта и претпоставувам дека тоа не може да ја остави рамнодушна“, вели Петковски.

Кога власта го губи тлото под нозете, може да посегне по секакви мерки кои најмногу ќе бидат на штета на лидерот на СДСМ Зоран Заев, дополнува Петковски.

„Јасна е пораката само што ја упати до лидерот на СДСМ дека доколку информациите бидат објавени, како што тој рече, некои точни, некои полуточни, некои неточни, дека ќе биде затворен. Во тој контекст е и одземањето на пасошот. Тој е сериозно исплашен, а во страв очите се најголеми, којзнае како ќе реагира“, вели Петковски.

Според Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, кој е дел од владината коалиција, веќе е извесно дека на повидок се нови избори.

Ќе се заоструваат политичките состојби во државата, странскиот фактор, посебно ЕУ ќе се обиде да се надминат овие новонастанати политички состојби, така што очекувам бурна политичка пролет и најверојатно на крај, кога ќе се стишат сите овие работи, ќе се оди на вонредни парламентарни избори.

„Ќе се заоструваат политичките состојби во државата, странскиот фактор, посебно ЕУ ќе се обиде да се надминат овие новонастанати политички состојби, така што очекувам бурна политичка пролет и најверојатно на крај, кога ќе се стишат сите овие работи, ќе се оди на вонредни парламентарни избори“, вели Трајанов.

Тој исто така го повика опозицискиот СДСМ што побргу да ги изнесе во јавноста доказите што се посочуваат, бидејќи тој потег остава само безброј сомнежи.

„Одговорноста е делумно и на СДСМ. Ако и понатаму само најавува, тоа значи дека нема сериозна поткрепа за нивните најави“, вели Трајанов.

Според други партии од опозицијата, во наредниот период неопходно е да се обелоденат сите документи, како што најави Заев, со кои ќе се намали угледот и рејтингот на владата и ќе се демистифицира митот за нејзината непобедливост.

„Во наредниот период ќе ја демаскираме власта и мора опозицијата да ги извади сите документи со кои всушност ќе се види како владееле во изминатиот период“, изјави новиот лидер на ЛДП, Горан Милевски.

Во меѓувреме, случувањата во Македонија будно се следат од надвор. Маја Коцијанчич, портпаролка во Еврпската комисија, ја нагласи важноста од независна истрага по објавувањето на случајот „Пуч“.

„За нас најважно е истрагата да биде независна и транспарентна со целосно почитување на принципот на презумпција на невиност“, вели Коцијанчич.

Инаку, еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан во Македонија треба да пристигне за две недели.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG