Достапни линкови

Битолските советници не може да се согласат ни за Боро Чурлевски


Опозицијата предложи спортската сала Младост во Битола да се преименува по македонската ракометна легенда Боро Чурлевски кој почина неодамна, но владејачкото мнозинство побара прво да се консултира семејството и спортската јавност.

Советот на Општина Битола не ја изгласа иницијативата да се донесе одлука за преименување на на спортската сала „Младост“ во Боро Чурлевски, македонска ракометна легенда која почина пред еден месец на 49 години, а зад себе остави големи спортски достигнувања. Иницијативата ја поднесе Габриела Илиевска, советник од опозициската ВМРО-Народна партија, а советничкото мнозинство од владејачката партија одлучи иницијативата да се врати во Комисијата за спорт за по неа да се произнесат семејството и спортската јавност.

Ние не менуваме некој назив од којзнае какво значење, туку менуваме назив „Младост“ во Боро Чурлевски. Малку респект треба да имате, не е битно дали јас ќе го поднесам или некој друг, ова е навистина жално.
Габриела Илиевска, ВМРО-НП.

Чурлевски беше гордост на македонскиот ракомет. Единствениот битолчанец кој играше за југословенската репрезентација на светските првенства, како и капитен на македонската репрезентација на светското првенство во 1999 година. Низ неговата школа многу млади луѓе се задоија со духот на ракометот. И покрај ова, расправата и натегањата по иницијативата траеја над два часа.

Комеморација за починатиот ракометар Боро Чурлевски во Битола.
Комеморација за починатиот ракометар Боро Чурлевски во Битола.

Од опозицијата обвинија дека иницијативата не е изгласана само затоа што доаѓа од советник од нивните редови.

Eтички е да се консултира семејството дали прифаќа, како и спортската јавност дали се согласува. Потоа сите советници да го верифицираме предлогот што ќе го донесе спортската јавност.
Игор Хаџиевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Навистина ми е жал што стигнавме до овој степен. Ние не менуваме некој назив од којзнае какво значење, туку менуваме назив „Младост“ во Боро Чурлевски. Малку респект треба да имате, не е битно дали јас ќе го поднесам или некој друг, ова е навистина жално“, рече Габриела Илиевска од ВМРО-НП.

„За мене тоа ќе значи само добивање на време. За тоа време треба да се изгуби предлагачот, а иницијативата ако повторно се врати во овие клупи да се врати во форма на предлог на некој друг, а не од изворниот предлагач“, изјави Златко Ќурчиевски од СДСМ.

„Секаде низ поранешните југословенски простори спортските сали и новите храмови на спортот се нарекуваат со имиња на познати спортисти. Спортската сала во Загреб е преименувана во Дражен Петровиќ, спортската сала во Задар е Крешимир Ќосиќ, стадионот на Црвена Ѕвезда познат како Маракана сега е стадион на Рајко Митиќ. Нема ни една причина зошто ние да не ја преименуваме спортската сала по името на еден ракометен великан кој живееше и играше на овие простори“, изјави Валентин Груевски од ЛДП.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ образложуваат дека немаат ништо против иницијативата, само сакаат процедурата да биде етички и правно издржана.

„Факт е дека никој нема ништо против иницијативата за преименување на салата во Боро Чурлевски. Исто така факт е дека никој нема ништо против личноста на овој ракометар. Тој беше идол на многу млади. Но, етички е да се консултира семејството дали прифаќа, како и спортската јавност дали се согласува. Потоа сите советници да го верифицираме предлогот што ќе го донесе спортската јавност“, изјави Игор Хаџиевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

За комеморацијата на Чурлевски, битолските спортски работници побараа да се преземат мерки за да не се заборави неговото дело и име.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG