Достапни линкови

Повици за итно примирје во источна Украина


По неуспешните преговори во белорускиот главен град Минск се интензивираат повиците за итен прекин на огнот во источна Украина. Таму продолжуваат жестоките борби за освојување на стратегиски важното место Дебалцеве каде што во последниве денови загинале неколку десетици луѓе, меѓу нив и цивили.

Францускиот претседател Франсоа Оланд, германската канцеларка Ангела Меркел и украинскиот претседател Петро Порошенко изразија жалење за неуспешните преговори во Минск и повикаа на итно запирање на борбите.

Тие посебно се интензивираа во изминативе неколку денови во и околу Дебалцеве, град кој е под контрола на украинската војска, а кој се наоѓа меѓу Доњецк и Луганск, градови кои се во рацете на проруските сепаратисти.

„Народот бега, бидејќи Дебалцеве е под постојани напади. Таму нема вода, струја, греење“, велат граѓаните кои ги напуштиле нивните домови.

На последните мировни преговори во Минск учествуваа претставници од Русија, Украина, ОБСЕ и на самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск, но тие, според министерството за надворешни работи на Србија, која е претседавач на ОБСЕ, не биле подготвени ниту да дискутираат за спроведување на примирјето и за повлекување на тешкото оружје.

Народот бега, бидејќи Дебалцеве е под постојани напади. Таму нема вода, струја, греење.

Претставникот на проруските сепаратисти Денис Пушилин изјави дека тие ги отфрлиле сите ултиматуми и ја обвини Украина за блокирање на мировниот процес.

Претставникот на Украина, поранешниот претседател Леонид Кучма, пак, изјави дека проруските бунтовници поставиле ултиматум и одбиле да дискутираат за планот за итен прекин на огнот.

На мировните преговори во Минск се гледаше како на последна шанса за намалување на насилствата меѓу двете страни.

Западните влади и Украина ја обвинуваат Москва за вооружување и тренирање на бунтовниците кои почнале да разместуваат софистицирано оружје, вклучувајќи тенкови и ракетни лансери. Русија ги отфрла ваквите тврдења.

Во меѓувреме, весникот „Њујорк тајмс“ објави дека американската администрација и воени претставници ја разгледувале можноста од снабдување со одбранбено оружје на Украина чија влада се бори со проруските сепаратисти на истокот на земјата.

Во написот се прецизира дека расте бројот на американски официјални лица, вклучувајќи ги и државниот секретар Џон Кери и командантот на Здружениот штаб на американската војска, генерал Мартин Демпси, кои се за снабдување на Украина со оружје.

Досега администрацијата на Обама ја има ограничено воената помош на Украина само на несмртоносни видови опрема.

Од почетокот на борбите во источна Украина во април минатата година досега загинале над 5 илјади и 100 луѓе.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG