Достапни линкови

Кавадаречкиот витез на шегата со книга „ Ѕидот на Паја“


„Ѕидот на Паја“ е насловена книгата на Златко Вузевски чија промоција е предвидено да се одржи во понеделник, на 2 февруари, со почеток во 20 часот, во Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци. Станува збор за збирка на запишани и оригинални вицови и шеги на кавадаречки дијалект на авторот објавувани на една од најпопуларните интернет страници за хумор во Македонија - „Глупости 100% - Паја“.

Златко Вузевски Паја, според зборовите на неговите сограѓани, со децении наназад е еден од последните урбани херои на Кавадарци. Творец кој за целото тоа време ги издржал атаците на малограѓанштината и кој през годините, со својот позитивен приод кон секојдневието на средината, успеал да се издигне над вртлозите на просечноста и летаргијата.

Паја е лик кому времето речиси ништо не му може. Тој е редок човек кој и во најтешките моменти преку хуморот, особено оригиналните вицови и шеги кажани на кавадаречки дијалект, успева да внесе една фина насмевка кај неговите слушатели и особено кај неговите читатели на популарните социјални мрежи. .

Бил соработник и автор на текстовите на песните на дузина кавадаречки рок музичари и бендови, креатор на програмите на најпознатите тамошни клубови ( прочуени се неговите блуз и рок вечери), а денес на една од социјалните мрежи (Фејсбук) ја има и веројатно најпопуларната група во Македонија посветена на хуморот - „Глупости 100% - Паја“, која брои над 25 илјади членови.

Затоа „Ѕидот на Паја“, како што ќе забележат неговите „соборци“ од даденото (суб)културно милје во пресрет на промоцијата што треба да се одржи овој понеделник, на 2 февруари, во Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци, нималку не е обична книга со вицови.

Впрочем, нејзината содржина најдобро ја опишува самиот автор Златко Вузевски Паја, кој на последните страници од неа, меѓу другото, ќе запише:

„Да се разбериме – најзаслужни за излевањето на ваа книга се 25 иљади членови на фејсбук фан групата „Глупости 100% - Паја“. Нема потреба да се лажиме, ми годе тоа. Посебно шо ја сметам дека вицот е сериозна работа и нема заебанции со него. Оти и смеењето е сериозна работа. Треба да имаш душа и троа мозок, па да ти функционира смеалото, ама баш онака од срце...“ .

Инаку, чинот на промоција на збирката е замислен како пријателска дружба или перформанс на кој, на свој начин, ќе говорат и свират познати градски урбани ликови, медиумски креативци, музички и драмски уметници.

„Паја е лик кому времето речиси ништо не му може. Тој е редок човек кој и во најтешките моменти преку хуморот, особено оригиналните вицови и шеги кажани на кавадаречки дијалект, успева да внесе една фина насмевка кај неговите слушатели и особено кај неговите читатели на популарните социјални мрежи. Инаку, Златко Вузевски Паја е прогласен и за Витез на вицот и шегата на една десетгодишна манифестација „Дедо цепе бурина“ која во Кавадарци се организира на Коледе и може да се каже дека иако оваа титула е неформална, сепак е заслужена и тој досега е единствениот носител на таква титула“, ќе рече Марјан Тодоровски, еден од неговите пријатели и програмски уредник во Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци.

Тој истакнува дека за нивната средина ова е несекојдневен (суб)културен настан и дополнува дека во подготовката на книгата, со свои илустрации, се вклучени и неколку тамошни ликовни уметници како Ристо Соколов, кој патем е потписник на илустрацијата на насловната страница на „Ѕидот на Паја“, а тука се и младите Трајче Јованов, Никола Ивановски и Билјана Соколова.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG