Достапни линкови

Груевски - Не прифаќам закани и уцени од Заев


Премиерот Никола Груевски во денешното обраќање до јавноста по повод кривичната пријава против лидерот на СДСМ Зоран Заев, за „шпионажа и насилство спрема претставници на највисоки државни органи“, рече дека лидерот на опозицијата барал формирање на техничка влада заканувајќи му се со снимени телефонски разговори кои може да го компромитираат државниот врв.

Груевски информира дека од септември до ноември четири пати се сретнал со Заев. На средбите, лидерот на опозицијата побарал формирање техничка влада, но оти тој не прифаќа закани, уцени и местенки.

„Ме информираше дека во соработка со одредена странска разузнавачка служба прибавил снимени телефонски разговори речиси од целиот државен врв, тргнувајќи од Претседателот на државата, Собранието, владата, медиумите и други политички и јавни лица од власта и од опозицијата. Го прашав неколку пати дали е сигурен во тоа што го говори и дали е сигурен дека навистина станува збор за странска разузнавачка служба, на што добив потврдни одговори“, рече Груевски во обраќањето на кое не беа дозволени новинарски прашања.

Груевски рече дека Заев му раскажал неколку телефонски разговори, за кои констатирал дека дел се точни, дел половично точни и дел неточни.

„Сепак, фактот дека дел од нив беа точни укажуваше на сериозноста на ситуацијата“, рече Груевски.

То рече дека Заев не криел дека соработува со странска разузнавачка служба која го снабдила со „нелегално, противзаконски и противуставно стекнат материјал, делумно и монтиран“ за да оствари своја цел. Груевски рече дека ова е голема штета за угледот и имиџот на државата.

„Сакам да ја информирам јавноста дека ќе одговорам на сите прашања во судската постапка која ќе биде јавна и транспарентна и за домашната и за меѓународната јавност и ве повикувам сите да го следите случајот со внимание и да ги гледате доказите и да ги препознаете шпекулациите и местенките“, рече Груевски кој додаде дека вистината ќе излезе на виделина и оти за сè постојат цврсти докази.

XS
SM
MD
LG