Достапни линкови

Преку едукација до посреќен и поисполнет живот


Марија Матовска, проект координатор во ХЕРА.

Марија Матовска, проект координатор во ХЕРА.

Потребни се сеопфатни програми за сексуално, репродуктивно здравје и права за сите млади луѓе, вклучувајќи ги и луѓето со попреченост, изработена на едукативни материјали и обуки ни се повеќе од потребни, пишува Марија Матовска, проект координатор во ХЕРА, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

„Искрен да бидам, сакам да имам девојка. Сакам некој покрај мене, кој ќе биде заинтересиран за мене. Кај нас сексуалноста кај лицата со интелектуална попреченост е табу тема и има големи предрасуди за разговори на оваа тема“ - вака мојот брат Александар Матовски Цако го одговара прашањето за сексуалноста и лицата со попреченост во едно неодамнешно интервју во он-лајн магазинот Инбокс 7.

Мораме да се заложиме и со заеднички напори да работиме во насока на унапредување на основните човекови права на лицата со попреченост. Доколку ги задоволиме правата на сите сегменти во општеството ќе ја постигнеме ултимативната цел кон која сите ние се стремиме - посреќно, поздраво, поисполнето и попродуктивно општество.

Цако е млад дечко кој наскоро ќе наполни 24 години, оди на факултет, спортува, пишува поезија, има своја емисија и меѓу другото, има и Даунов синдром. Но, Цако е исто така среќен дека се родил во семејство како нашето, каде може отворено да се зборува за сексуалноста и сексуалното и репродуктивно здравје. Кај нас никогаш не постоеле теми за кои било забрането да се зборува. Моите родители, а и јас како долгогодишен член, волонтер и тренер во ХЕРА сме разговарале за тоа што е пубертет, за врски и односи, како треба да се однесуваме дома, а како надвор, што е мастурбација и слично.

Сепак, и покрај сето ова, мојата перцепција, во поглед на моето семејство и разговорите за сексуалноста се промени на денот кога мојата пријателка Бисера реши својата магистерска теза да ја посвети на евалуација на програмата која ХЕРА ја спроведува во однос сексуалноста и лицата со попреченост.

Како испитаник во ова истражување се приклучи и мојот брат Цако. Целиот процес се одвиваше во три фази - пополнување на пред-тест прашалник, едукативни сесии и пополнување на пост-тест прашалник од страна на испитаниците. Јас бев убедена дека Цако ќе ги знае сите одговори на прашањата во пред-тестот, бидејќи, нели, сме ги разговарале дома во неформална атмосфера, темата секогаш ни била блиска, но јас го заборавив фактот дека Цако, како и многу други, никогаш не поминал цела сеопфатна програма која ги опфаќа сите теми и аспекти на сексуалното и репродуктивно здравје. Цако покажа лоши резултати на пред-тестот, кои ги коригираше откако помина низ процесот на едукативните сесии. Едукациите на Цако му помогнаа да научи многу нови работи, а мене ова ми остави простор за размислување. Ако Цако не ги има базичните информации за сексуалното и репродуктивно здравје, што се случува со оние млади, кои не познаваат едукатори кои може да им ги дадат потребните информации, чии родители или старатели не се подготвени да разговараат за овие теми, не знаат или пак не можат да пристапат на интернет...?

Најпрво, време е да се разбудиме и да сфатиме, како што истакнува мојата колешка Весна Матевска во едно интервју за РСЕ, дека лицата со попреченост имаат право на сексуална врска и треба да имаат пристап до информации и сервиси за сексуалност, контрацепција и грижа за сексуално и репродуктивно здравје како и секој друг човек. Односно, лицата со попреченост имаат еднакви сексуални права и репродуктивни права, кои не се ништо друго туку човекови права поврзани со сексуалниот и репродуктивниот живот.

Понатаму, мораме да се заложиме и со заеднички напори да работиме во насока на унапредување на основните човекови права на лицата со попреченост. Доколку ги задоволиме правата на сите сегменти во општеството ќе ја постигнеме ултимативната цел кон која сите ние се стремиме - посреќно, поздраво, поисполнето и попродуктивно општество.

Напорите на семејствата и невладиниот сектор ќе бидат залудни ако не се создаде клима на ниво на цела држава која би нудела еднаков третман на сите луѓе. Сеопфатни програми за сексуално, репродуктивно здравје и права за сите млади луѓе, вклучувајќи ги и луѓето со попреченост, изработена на едукативни материјали и обуки ни се повеќе од потребни.

Оттаму се наметнува прашањето што може да се направи во моментов? Оваа проблематика може да биде разгледувана на неколку нивоа. Во прв ред се семејствата и заедниците во кои живеат самите лицата со попреченост. Луѓето со кои овие лица го поминуваат поголемиот дел од своето време треба да бидат отворени за прашања и разговор во однос на најприродните и највообичаени потреби - љубов, нежност, врска, секс, задоволство. Понатаму се наоѓа соработката со граѓанскиот сектор и организациите кои работат на полето на сексуалното и репродуктивно здравје, како ХЕРА, кои се задолжени да испорачуваат едукации, информации и потребни материјали и ресурси за самите лица со попреченост, за нивните родители или старатели и за лицата кои работат директно со младите луѓе со попреченост. Улогата на граѓанскиот сектор се состои и во постојано потсетување на јавноста за потребите на овие лица и потсетување на државата дека е крајно време да се преземат системски решенија. Напорите на семејствата и невладиниот сектор ќе бидат залудни ако не се создаде клима на ниво на цела држава која би нудела еднаков третман на сите луѓе. Сеопфатни програми за сексуално, репродуктивно здравје и права за сите млади луѓе, вклучувајќи ги и луѓето со попреченост, изработена на едукативни материјали и обуки ни се повеќе од потребни.

Лицата со попреченост се тука, имаат свои права и имаат потреба од едукација и образование за сексуално и репродуктивно здравје. Промените може само да се случат доколку имаме заедничка соработка со надлежните институции (Завод за социјални дејности, МТСП и МОН) во насока на воведување сеопфатно сексуално образование во дневните центри и специјалните заводи за лица со попреченост, како и во специјалните основни и средни училишта.

Да им овозможиме и помогнеме на сите лица да уживаат во своите права, да уживаат во животот, да бидат среќни и исполнети. Да се обидеме на сите да им понудиме и обезбедиме она што Цако го има денес- информација, едукација и знаење. Само на тој начин ќе придонесеме кон осамостојување на овие лица и нивна себе реализација.

За сите заинтересирани страни, стоиме отворени за прашања и идна соработка!

XS
SM
MD
LG