Достапни линкови

Владата ги собира и трошките од граѓаните


Легализација на довоградби, откуп на дворови, откуп на општествени станови, казни, давачки. Владата е креативна кога треба да го собере и последниот денар од граѓаните.

На околу 2.500 корисници на општествени станови во наредниот месец и пол ќе им бидат презентирани можностите што им се нудат за да го откупат или да склучат договор за закуп за станот. Се работи за општествени станови добиени во 90-тите години, станови за лица со ниски примања доделени од 2006 година и дивовселени станови, односно станови каде се вселени лица без соодветен акт.

Многу давачки, претерано, а граѓаните наемаат за да преживеат, немаат за јадење, а камоли давачки да плаќаат.

Владата претходно на граѓаните им овозможи да го откупат дворното земјиште на индивидуални куќи и станбени згради за по едно евро за метар квадратен. На оваа мерка ѝ претходеше легализацијата на дивоградбите, при што досега над 100 илјади семејства добиле имотен лист.

Граѓаните ги прашавме за оние мерки на владата кои лично ги засегаат, како откупот на дворно место. Повеќето од нив велат дека се оптоварени со давачки.

Едноставно речено сакаат да ги соберат сите пари, да не остане за оние кои би дошле на нивно место во една нова влада.

„Верувајте премногу сме оптоварени, јас имам пензија, а знаете какви се пензиите. Во Центар живеам, го платив местото со законот, меѓутоа мене Општина Центар под пенџере ми го узурпира моето место, што сум го платил, сега не можам да си паркирам кола или општината зема данок за тоа што направи паркинг плац и сега тоа ме оптоварува оти ми се паркираат коли под пенџере, јас живеам на приземје.“

„Многу давачки, претерано, а граѓаните наемаат за да преживеат, немаат за јадење, а камоли давачки да плаќаат.“

Многу други мерки и потези коишто ги влече владата ја покажува нивната очајничка потреба да собере што е можно повеќе пари на кој начин знае и умее.

„Сепак се тоа закони кои важат и во другите земји во Европа, тоа не е извадено од ракав, не е само – еј ми текнало јас да им плаќам на луѓето за дворната површина и Европа го наметнува тоа. И ако не се почитува тоа утре некој може пред вашата тераса да направи зграда или фабрика.“

Илустрација.

Илустрација.

„Реално не само со тоа, мислам дека со сè се оптоварува буџетот на семејството. Откупување на земјиштето за двор, или за плац или за што било, тоа се работи коишто се неопходни, меѓутоа не секој може да си го дозволи тоа“, велат анкетираните граѓани во центарот на Скопје.

Вие може да полните колку сакате вода, ама полните во решето, а не во стомна, и вие кога полните вода во решето, колку и повеќе да сипате вода, можете само да имате илузија дека во садот има вода, вие треба да го смените садот. Ние полниме во решето и затоа сме сиромашни со години.

Економскиот аналитичар Слободан Најдовски вели дека последната мерка за откуп или закуп на општествените станови е само уште една во низата на владата за по секоја цена да го полни буџетот и да може да го земе и последниот денар од граѓаните.

„Едноставно речено сакаат да ги соберат сите пари, да не остане за оние кои би дошле на нивно место во една нова влада. Мене воопшто не ме изненадува ваквиот пристап на владата за притисок за максимално прибирање на парите од граѓаните со оглед на тоа ако се имаат податоците од прибирањето на приходите во буџетот од минатата година ќе видиме дека владата и покрај неможноста, односно законските ограничувања, таа го надминала и онака високиот дефицит којшто беше одреден со буџетот“, вели економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

Државата е иновативна во делот на собирање на јавни приходи кои за жал не се во склоп на развојните политики и во склоп на помагање на реалниот сектор од каде потоа би имал позитивен ефект.

Потпретседателот на СДСМ Ванчо Узунов вели дека сето ова покажува оти очајничка е потребата на владата да собере што повеќе пари во буџетот или во буџетите на јавните претпријатија.

„Многу други мерки и потези коишто ги влече владата ја покажува нивната очајничка потреба да собере што е можно повеќе пари на кој начин знае и умее, без разлика дали е тоа чесно или фер од граѓаните за да го наполни буџетот и да може да ги остварува своите обврски“, вели Узунов.

Поранешниот заменик министер за економија Зоран Витанов вели дека државата ќе мора во иднина буквално сè што може да продаде, затоа што и онака се задолжуваме и долгот постојано расте.

„И тоа не е страшно, и да се задолжува не е страшно доколку инвестираме во капитални инвестиции, ама владата инвестира во кичерај, инвестира во непотребни работи. Дај еднаш веќе да престанеме да трошиме, премногу трошиме нефункционално, премногу трошиме без да инвестираме“, вели тој.

Според Витанов, не може со вакви мерки да се полни буџетот.

„Затоа што ѓумчето ни е скапано и водата ни истекува, вие може да полните колку сакате вода, ама полните во решето, а не во стомна, и вие кога полните вода во решето, колку и повеќе да сипате вода, можете само да имате илузија дека во садот има вода, вие треба да го смените садот. Ние полниме во решето и затоа сме сиромашни со години, а го преполнуваме постојано буџетот. Го продадовме ЕВН, го продадовме Телекомот, двете златни кокошки ги продадовме, го продадовме и земјиштето, го легализиравме, собравме пари, еве и од државните станови ќе собереме, но после што?“, прашува Витанов.

Владата во 2015 година ќе го троши најголемиот буџет досега. Владата, според проекциите, планира да потроши речиси 3 милијарди евра, што е за 4 проценти повеќе од минатата година. Економскиот раст е проектиран на 4 проценти, а дефицитот на 3,5 отсто или нешто повеќе од 300 милиони евра. Во делот на расходите за капитални инвестиции, за разлика од годинава, се предвидени помалку пари или речиси 345 милиони евра.

Професор Биљал Касами вели дека се знае на што треба фискалната политика да се потпре во една стабилна држава, а тоа е реалниот сектор. Ваквиот начин на собирање приходи е краткорочен.

„Ако има раст, ако има пораст на БДП-то од тоа ќе има зголемување и на даноците кон државата. Во овие околности кога државата речиси 20 години е во транзиција и никако да излеземе од оваа бескрајна транзиција државата е иновативна во делот на собирање на јавни приходи кои за жал не се во склоп на развојните политики и во склоп на помагање на реалниот сектор од каде потоа би имал позитивен ефект“, вели Касами.

Ваквите мерки, според Најдовски, се само за закрпување на дупките во буџетот.

„Но, колку и да се обидува владата со оглед на тоа што не може да се контролира во трошењето, односно во расходите, поради тоа и понатаму дупките само ќе растат, ќе се зголемуваат, а ние еден ден цената ќе ја платиме и таа ќе биде многу голема“, вели Најдовски.

Според плановите објавени во Фискалната стратегија за 2015, Владата треба да отплати долг од 425 милиони евра што доспева годинава. Од нив, 325 милиони евра се кон странски кредитори, а 100 милиони евра кон домашни. За камати, пак, годинава државата треба да плати 97 милиони евра. Најголем дел од парите за раздолжување се обезбедија уште минатата година преку задолжување со еврообвзницата од 500 милиони евра. Со сите задолжувања и раздолжувања, Владата проценува дека јавниот долг на земјата до крајот на годинава ќе остане на сегашното ниво од 45,5 проценти од БДП. На среден и долг рок, според Фискалната стратегија, јавниот долг нема да надмине 60 проценти од БДП, лимит што од 2017 година ќе биде и уставно правило.

Според Узунов, годинава почнуваат да стасуваат големи обврски за враќање на долговите и тоа значи дека треба да се намалат расходите за други ставки во буџетот.

„Владата нема намера, нема желба таква политика да води, да ги намали другите расходи за да може да ги враќа долговите и сега треба да создаде уште повеќе пари во буџетот, значи буџетот немаше да биде празен ако имаше нормална ситуација, тука е празен затоа што обврските што достасуваат од минатите години врз основа на потреби за враќање на кредити, ја прават ситуацијата во буџетот многу стегната, многу очајничка за владата и таа мора да прибегне кон сите начини на можно собирање на пари во буџетот.“

Најдовски смета дека по исцрпувањето на ваквите мерки има две решенија, нови задолжувања, кои, кога ќе го достигнат плафонот, тогаш сакала или не владата ќе мора да ги крати трошоците кои пред сè ќе одат на штета на граѓаните.

„Во прв ред на оние кои користат буџетски средства, во тој дел мислам на администрацијата, на социјалните фондови, пензиите, здравството, со што ние и понатаму ќе останеме на дното по сите стандарди коишто значат квалитет на живеење“, вели Најдовски.

Ако се гледа долгорочно, според Касами, државниот имот не може вечно да се продава, а причината, како што вели народот, е да се живее од денеска за утре.

„Државата има две можности во овој дел, или да ги намали јавните трошоци кои се непродуктивни и од друга страна да престане со овој вид на капитални инвестиции кои се понепродуктивни од тековите јавни расходи и да најде начин и како да го стимулира реалниот сектор за да има развој и од тоа да може да собере пари.“

Узунов смета дека еден ден оваа влада или некоја друга ќе мора да почне да ги намалува расходите кои нема да можат да се покријат, бидејќи долговите ќе мора да се вратат.

„Тоа е невозможно да се одржи, бидејќи очигледно дека кога беа земени кредитите и досега парите што беа трошени од буџетот не резултираа со толку големо раздвижување, зголемување на економијата за да сега приходите бидат доволно големи да можат да се вратат сите нараснати потреби и ќе мора да дојде до кратење, ама владата тоа го развлекува, купува време за спроведување на таа политика.“

Витанов очекува дека Македонија во иднина ја чека грчкото сценарио, односно земјата ќе се соочи со банкрот.

„Меѓутоа Македонија е многу покревка од Грција, има многу повеќе волци околу Македонија, отколку Грција и ја се плашам дека кога си многу економски зависен, прашање е дали како држава ќе опстанете, ќе дојде во прашање и политичкиот опстанок на државата, комплетната иднина ни е доведена во прашање. Од економијата почнува се и со економијата завршува се, политиката е само последица и ги следи економските здрави логики, а ние ја испуштивме економијата, особено оваа влада. На оваа влада фасадите и се поважни од темелите, па кажете ми кој домаќин кој не поставил темели се грижи за фасадата?“

Касами вели дека Македонија не е како Грција да имаме острови за продажба или државно земјиште кое може да се даде под концесија на странски инвеститори.

„Владата со овие мерки може да помине неколку години, но тоа ќе има негативни реперкусии во иднина. Секоја нова влада што ќе дојде ќе има проблеми со покривање на тие јавни трошоци, јавни давачи. Сериозна влада креира јавни добра, а не да ги продава тие што ги имаме.“

Најдовски смета дека со таков пристап на буџетската политика нема простор за оптимизам и доколку не се направи различен приод во однос на трошоците земјата и понатаму ќе биде во незавидна ситуација.

„Бидејќи редовните приходи не се доволни да ги покријат расходите и затоа ќе имаме измислување на нови давачки, ќе имаме притисоци кон даночните обврзници во вид на инспекции, разновидни казни и сето тоа за жал не нуди некоја перспектива за развој на македонското општество.“

Во меѓувреме се продава и државно земјиште со почетна цена од едно евро по метар квадратен за изградба на хотели и катни гаражи. Граѓаните, пак, дополнително се оптоварени со казни и новата мерка за плаќање на придонеси за хонорарците. Според проекциите на Министерството за финансии, се очекува оваа година од даноци и придонеси заедно да се слеат во буџетот околу 2,2 милијарди евра. Додека преку ставката за неданочни приходи, во која се вклучени и казните, речиси 300 милиони евра. На списокот на нови давачки е и бизнис секторот со зголемувањето на опфатот на фирми обврзници за плаќање на данок на додадена вредност.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG