Достапни линкови

ЕУ ги продолжува санкциите против Русија


ЕУ реши да ги продолжи санкциите врз Русија и проруските бунтовници поради продолжувањето на борбите во источна Украина. Одлуката ја донесоа сите земји членки, вклучувајќи ја и Грција чија нова влада претходно изрази сомневања во врска со санкциите.

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини по состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел изјави дека санкциите кои требаше до важат до март годинава ќе бидат продолжени за уште шест месеци.

„Решивме да ги прошириме рестриктивните мерки врз личности и ентитети што беа воведени во март минатата година, до септември годинава“, изјави Могерини.

Министрите се согласија да биде подготвен и список на нови личности врз кои тие санкции ќе важат.

Новиот список би требало да биде одобрен на следната министерска средба на 9 идниот месец. Како и да е, тие ги отфрлија претходните најави за можни нови порестриктивни мерки што се појавија во текстот што беше подготвен за нивниот вчерашен состанок.

Но, за една работа јас можам да бидам среќна вечерва, а тоа е дека го зачувавме единството за кое секогаш велиме дека е нашата сила и покажавме дека Унијата е подготвена да презема натамошни мерки во следните недели, доколку не се подобри ситуацијата на теренот.

Могерини изјави дека одлуката за такви мерки ќе треба да ја донесат лидерите на Европската унија на нивниот состанок во февруари.

Германија соопшти дека тоа би зависело од ситуацијата на теренот, односно дека на секое поголемо напредување на проруските бунтовници би било одговорено со поостри санкции.

Министерскиот состанок беше свикан итно со оглед на новите бунтовнички акции во источна Украина.

Состанокот се одвиваше под сомневање во врска со позицијата на Грција, чиј нов премиер Алексис Ципрас се пожали дека неговата влада не била консултирана за можноста од нови санкции против Москва. Но, на средбата новиот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕиас брзо ги отфрли сугестиите оти Грција би можело да ги торпедира санкциите.

„Не сакаме да има раскол меѓу Европската унија и Русија. Затоа им дадовме последна шанса на разговорите меѓу двете страни. Затоа прифативме само да бидат продолжени старите санкции. Ние бевме против донесување нови санкции денеска“, изјави Коѕиас. Могерини не го криеше задоволството од постигнатото.

„Но, за една работа јас можам да бидам среќна вечерва, а тоа е дека го зачувавме единството за кое секогаш велиме дека е нашата сила и покажавме дека Унијата е подготвена да презема натамошни мерки во следните недели, доколку не се подобри ситуацијата на теренот“, рече Могерини.

Состанокот беше и прв поголем тест оваа година за тешко добиената едногласност што европските претставници, предводени од Германија ја постигнаа во казнувањето на нивниот најголем снабдувач со енергија, Русија околу нејзините акции во Украина.

Ова беа и први разговори на Европа со новата грчка влада која победи на ветувањето дека ќе ги отфрли острите мерки за штедење наметнати од Берлин, а спроведени од Брисел како услов за спасувачкиот пакет за Грција.

Од дипломатски извори се дознава дека на вчерашниот состанок во Брисел не станало збор за грчкиот долг.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG