Достапни линкови

МНР го плати долгот кон Обединетите Нации


На Македонија ѝ се одзема правото на глас во Советот за безбедност на ОН, поради тоа што не платила членарина од 25 илјади долари. Освен Македонија, казнети се и Коморските Острови, Гренада, Гвинеја Бисао, Киргистан, Либерија, Маршалските Острови, Руанда, Сао Томе и Принципе, Сомалија, Тонго, Вануату и Јемен.

Поради заостанат долг од 24.606 американски долари кон Обединетите нации, на Македонија и се заканува да остане без право на глас на Генералното собрание на Светската организација, беше објавено вчера попладнето. Министерството за надворешни работи, пак, денеска соопштува дека Република Македонија не го изгубила правото на глас.

„Во однос на плаќањето по основ на контрибуции кон ОН, неопходниот износ е подмирен и тоа во скоро време ќе биде нотирано во ОН“, велат во МНР.

Во писмото испратено од генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун до претседателот на Генералното собрание, меѓу наведените земји кои должат членарина е и Македонија и поради тоа, како што се наведува, ѝ се заканува одземање на правото на глас.

Просто е чудно каква е тоа немарност од страна на министерството и на нашата мисија во Њујорк, да се пропушти да се уплатат во основа симболични пари, имајќи предвид какви сè трошења гледаме во последните години дома.

Поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески вели дека е исклучително важно за една држава да има добар углед во светската организација, а за тоа се цени и редовното плаќање на обврските. Тој додава и дека членството во ОН пред 23 години ни ги отворило вратите на светската политика и дека е особено важно таму да се биде на добар глас.

Генералното собрание на ОН.

Генералното собрание на ОН.

„Просто е чудно каква е тоа немарност од страна на министерството и на нашата мисија во Њујорк, да се пропушти да се уплатат во основа симболични пари, имајќи предвид какви сè трошења гледаме во последните години дома. Оттаму навистина ова би требало да биде една сериозна поука“, вели Малески.

Овој настан не е само од техничка природа, бидејќи тоа покажува со колку голема маргинализација се оди во Министерството за надворешни работи.

Поранешниот амбасадор во НАТО Нано Ружин вели дека ваквата опомена од ОН е многу лоша за која било држава и, како што додава, претставува жолт картон за Македонија.

„Сметам дека е недозволиво во денешните услови на Република Македонија, која се фали дека е меѓу првите 15-20 држави во Дуинг бизнис, дека е меѓу 5-6 држави со највисока стапка на економски раст во Европа, ни се случува еден таков гаф и затоа е сериозна опомена за владата на господин Груевски, меѓутоа овој настан не е само од техничка природа, бидејќи тоа покажува со колку голема маргинализација се оди во Министерството за надворешни работи, слично е и со Министерството за одбрана, каде што целокупните буџетски средства се практично преполовени“, вели Ружин.

Инаку во писмото испратено на 12 месецов од генералниот секретар Бан Ки-мун до претседателот на Генералното собрание се наведува дека 13 земји-членки на организацијата не платиле членарина и поради тоа нема да можат да гласаат. Покрај Македонија, во листата се наведени Коморските Острови, Гренада, Гвинеја Бисао, Киргистан, Либерија, Маршалските Острови, Руанда, Сао Томе и Принципе, Сомалија, Тонго, Вануату и Јемен. Поранешните дипломати велат дека вообичаена практика на меѓународните организации е пред тоа да го објават јавно и да преземат мерки како одземање на гласот е да ги опоменат државите интерно, така што веројатно дипломатите досега не можеле, а да не знаат за долгот кон ОН.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG