Достапни линкови

САД ќе и обезбеди на Украина заем од 2 милијарди долари


САД денеска потпишаа договор за кредитен заем преку кој на Украина ќе и бидат обезбедени 2 милијарди долари, предвидени за помош на земјата за „социјална потрошувачка на близок рок“.

Договорот за заемот беше потпишан во Киев од страна на американскиот Министер за финансии, Џек Лу и украинската Министерка за финансии Наталија Јарешко. Европската унија на почетокот на јануари се заложи да и обезбеди заем од 1,8 милајрди евра, за зајакнување на украинската економија.

По потпишувањето, Лу рече дека САД се подготвени да ги засилат санкциите против Русија доколку тоа е неопходно. Вчера, американскиот претседател, Барак Обама и германската канцеларка, Ангела Меркел, телефонски разговараа за важноста за финализирање на „пакетот за финансиска поддршка“ за Украина. Тие исто така разговараа за значителното зголемување на насилството во источна Украина.

Белата Куќа соопшти дека Обама и Меркел се согласиле за потребата Русија да се одржува одговорна за нејзината поддршка на сепаратистите и нејзиниот неуспех да ги исполни своите обврски од мировниот договор. Вчера лидерите на ЕУ побараа од своите министри за надворешни работи, при нивната утрешна средба да разгледаат нови можности за санкции против Русија.

XS
SM
MD
LG