Достапни линкови

Пад на политичките слободи во Македонија


Илустрација.
Илустрација.

Земјава бележи пад во оценката за политичките слободи, покажува новиот извештај на Фрудом хаус, додека во делот на граѓанските слoбоди ја држи истата позиција како лани и останува делумно слободна земја.

Македонија останува во групата на делумно слободни земји, покажува најновиот извештај на Фридом Хаус. Земјава бележи пад во оценката за политичките слободи во однос на претходниот извештај, додека во делот на граѓанските слoбоди ја држи истата позиција како лани. Падот во политичките слободи од 3 на 4 се должи на сериозните недостатоци на изборите во април и е поврзан со бојкотот од страна на опозицијата, се вели во последниот извештај за слободите во светот.

Стилот на водење на политика во Македонија, политика на победници и губитници, неминовно создава политичка поларизација и отсуство на политички дијалог.
Сашо Клековски, политички аналитичар.

Домашните експерти не се изненадени од најновите податоци во извештајот. Политичкиот аналитичар Сашо Клековски вели дека Македонија и земјите од западниот Балкан се наоѓаат во момент на избор меѓу натамошна европеизација или јакнење на авторитарните тенденции. Во такви услови постои ризик од позициите на Македонија во однос на политичките слободи, вели Клековски.

„Стилот на водење на политика во Македонија, политика на победници и губитници, неминовно создава политичка поларизација и отсуство на политички дијалог“, вели Клековски.

Политичките слободи не може ни да бидат окарактеризирани како слободи што се практикуваат во Република Македонија, бидејќи власта за време на изборите ги користи сите свои институции за повторно освојување на власта.
Уранија Пировска, Хелсиншки комитет на Македонија.

Од Хелсиншкиот комитет изразуваат загриженост за ваквата состојба дома. Уранија Пировска вели дека причините за лошата оценка за политичките слободи во земјата ја отсликуваат лошата изборна постапка и насилството, кое, како што вели, власта во тие моменти го применува врз администрацијата.

„Политичките слободи не може ни да бидат окарактеризирани како слободи што се практикуваат во Република Македонија, бидејќи власта за време на изборите ги користи сите свои институции за повторно освојување на власта“, вели Пировска.

Она што ни недостасува на сите нас е способноста за дијалог со кој може да се обезбеди подобра околина за сите, потенцира Клековски, според кого постојат два пристапа кои можат да ја подобрат состојбата. Едниот пристап, кој подразбира влез во Европската унија и неминовно наметнува поинакви стандарди на однесување, во моментот е затворен поради спорот со името, вели Клековски и додава:

„Вториот пристап е од доле нагоре, односно промена на политичката култура во Македонија, и тоа не само на политичките партии и на лидерите, туку и на граѓаните“, вели Клековски.

Пировска вели дека сè додека не се почитуваат правата на граѓаните да го дадат својот глас за онаа партија за која ценат дека треба да го дадат и сè додека не се почитуваат законските процедури за време на изборниот период, не може да зборуваме за некаков напредок во однос на слободите во земјава.

„Сето ова е симптом на овој манир на власта да се справува и да го добива она што го сака на еден мошне бескрупулозен начин. Веќе не можеме да зборуваме ниту за суптилни, туку за мошне транспарентни повреди на човековите права“, вели Пировска.

Во групата делумно слободни земји се меѓу другите и Босна и Херцеговина, Косово, Украина и Молдавија. Од регионот во групата слободни земји се Србија, Хрватска и Црна Гора.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG