Достапни линкови

Фридом хаус: Вознемирувачки пад на слободата во светот


Фридом хаус соопшти дека во минатата година бил забележан „вознемирувачки“ пад на слободата. Најмалку слободна земја е Сирија.

Во годишниот извештај, под наслов „Отфрлање на демократијата: Враќање на железната тупаница“ се додава дека зголемениот број терористички напади и интензивирањето на агресивните тактики што ги употребуваат авторитарните режими придонеле за пораст на презирањето на демократските стандарди во скоро сите региони во светот.

„Прифаќањето на демократијата како светска доминантна форма на владеење и на меѓународниот систем изграден врз демократски идеали е под зголемена опасност во скоро сите сфери во изминатите 25 години“, изјави потпретседателот на Фридом хаус, Арч Падингтон.

Во извештајот е оценето нивото на слобода во 195 земји и тоа во две категории - политичките права и граѓанските слободи. И покрај напредокот во некои земји како Куба и Тунис, Фридом хаус наведува дека во многу други земји имало пад на демократијата.

Прифаќањето на демократијата како светска доминантна форма на владеење и на меѓународниот систем изграден врз демократски идеали е под зголемена опасност во скоро сите сфери во изминатите 25 години.

Како водечки фактор се посочува тероризмот, при што се наведува дека исламски милитанти во повеќе региони масакрирале безбедносни сили и цивили, земале заложници и убивале припадници на други верски групи, вклучувајќи и муслимани.

Тероризмот, според Фридом хаус, имал катастрофални последици во Ирак, Сирија, Пакистан и Нигерија. Слободите бележат пад и во економски посилните земји како Русија, Азербејџан, Египет, Мексико и Турција.

„Руската инвазија врз Украина, вклучувајќи ја и анексијата на Крим, е едно од најголемите уназадувања на демократијата во минатата година“, оценува Фридом хаус, додавајќи дека и самата Русија не е слободна земја поради владините мерки против дисидентите, независните медиуми и невладините организации.

потпретседателот на Фридом хаус Арч Падингтон

потпретседателот на Фридом хаус Арч Падингтон

Во извештајот се забележува се поголемата централизација на власта во Кина и во Турција. Што се однесува до Европа, Фридом хаус оценува дека имало ограничено уназадување на демократијата во минатата година.

Од регионот во групата слободни земји се Србија, Хрватска и Црна Гора, а како делумно слободни земји се посочени Македонија, Босна и Херцеговина и Косово.

Во извештајот се посочуваат и минатогодишните протести во Соединетите Држави до кои дојде по случаите кога полицајци убиле невооружени Афроамериканци.

Од 195 земји во светот, 89 се оценети како слободни, 55 делумно слободни и 51 земји во кои нема слобода. Во нив се најдоа, меѓу другите, Централно Африканската Република, Еритреја, Северна Кореја, Саудиска Арабија, Сомалија, Судан и Сирија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG