Достапни линкови

Поповски со „Сон на летната ноќ“ за јубилејот на Турскиот театар


По безмалку четири години од постановката на Мартин Кочовски, шекспировата „Сон на летната ноќ“, наново ќе осамне на сцената на Турски театар. Премиерната изведба на претставата, што овојпат како режисер ја потпишува Александар Поповски, е закажана за утре, 28 јануари, и се совпаѓа со одбележувањето на 65-годишнината од основањето на нашата национална институција. Улогите ги толкуваат Атила Клинче, Сузан Акбелге, Тамер Ибрахим Осман Али и други.

Работејќи по прв пат паралелно, во Градскиот театар во Истанбул и во Турскиот театар во Скопје, режисерот Александар Поповски на сцената на нашата национална установа наново ја донесува шекспировата „Сон на летната ноќ“.

Секогаш ме фасцинирала таа линија којашто ги двои двата света. Кај Шекспир тоа е светот на Атина, светот на Градот, на законите. Атина во којашто владее еден диктатор кој што управува по свое, каде што нема многу простор за љубовта и Светот на шумата, односно Светот на слободата.
Александар Поповски, режисер.

Во пресрет на премиерната изведба, што патем е планирано да се случи оваа среда на 28 јануари, тој вели дека „работел по ист концепт, но дека сè друго е различно“. Појаснува дека модалитетите во обете постановки всушност зависат од играта на глумците и дека едвај чека да ги измеша двата ансамбла и да види каков резултат ќе добие. Вели дека станува збор за многу интересен експеримент, кој доколку се реализира на вистинскиот начин, ќе биде возбудлив не само за публиката, туку и за актерите кои настапуваат во него. Дополнува дека станува збор за многу изведуван текст, дека и самиот видел доста различни изведби и концепти, а честото посегнување по него го толкува поради тоа што смета дека „Сон на летната ноќ“ дава различни можности на толкување. Да се препрочитува и да му се даваат нови и нови значења.

Секогаш се прашував кој сè сонува во претставата. Ќе видите овде сонуваат повеќе ликови. Како да е таа сон во сон во сон. Како да се мултиплицира сонот на неколку нивоа.
Александар Поповски, режисер.

„Секогаш ме фасцинирала таа линија којашто ги двои двата света. Кај Шекспир тоа е светот на Атина, светот на Градот, на законите. Атина во којашто владее еден диктатор кој што управува по свое, каде што нема многу простор за љубовта и Светот на шумата, односно Светот на слободата каде што владеат некои други богови и каде што владеат некои други правила“, вели Поповски.

Александар Поповски, режисер.
Александар Поповски, режисер.

Од таму, заклучува тој, сценографијата на Свен Јонке (со кого работи во последниве неколку години и кој ја потпиша сценографијата и за „Балканот не е мртов“) е една завеса која што ги дели тие два света. Констатира дека е тоа убава симболика што ја користел поставувајќи го и Молиер и дека таа, всушност, ги дели уметниците од светот на законите. Сугерира луѓето што почесто „да одат во шума“, бидејќи таму ќе најдат еден друг тип на слобода.

Како што е одминато времето, како што технологијата е отидена напред, така и режисерот сите нас актери не измести во една скроз модерна варијанта на игра. Нешто што не се учи. Нешто што го имаш внатре и некој режисер ќе го извади, а некој не. Затоа дојдете да видите еден нов начин на игра. И на режија.
Селпин Керим, актерка.

„Во таа смисла оваа претстава има неколку нивоа на сон. Секогаш се прашував кој сè сонува во претставата. Ќе видите овде сонуваат повеќе ликови. Како да е таа сон во сон во сон. Како да се мултиплицира сонот на неколку нивоа“, вели Поповски.

Во оваа постановка на „Сон на летната ноќ“ настапуваат 15 актери од ансамблот на Турскиот театар, меѓу кои Атила Клинче, Сузан Акбелге, Тамер Ибрахим, Осман Али, Филиз Ахмет, Несрин Таир, Слаѓана Вујошевиќ и други, а Селпин Керим, која во случајов е задолжена за ликот на Хермија, вели дека на нејзиното четврто навраќање на една шекспирова класика во изминативе две децении сега потпишуваат една модерна претстава која и прилега на 2015-та.

„Како што е одминато времето, како што технологијата е отидена напред, така и режисерот сите нас актери не измести во една скроз модерна варијанта на игра. Нешто што не се учи. Нешто што го имаш внатре и некој режисер ќе го извади, а некој не. Затоа дојдете да видите еден нов начин на игра. И на режија“, вели Керим.

Инаку, за костимите во „Сон на летната ноќ“ на Поповски во Турски театар се погрижи Јелена Проковиќ, музиката е на Кирил Џајковски, а асистент на режија беше Ивана Ангеловска.

Од друга страна, „Сон на летната ноќ“ му е трета постановка на режисерот во оваа наша национална установа. Тој најнапред во 2004 ја постави шекспировата „Бура“, претставата која што беше прогласена за најдобра во „оф“-програмата на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и која со успех беше прикажана на ЕКСПОНТО, а потем и стринберговата „Госпоѓица Јулија“ со која театарот настапи на дури осум меѓународни манифестации и освои бројни награди.

И кога сме веќе тука, да кажеме и тоа дека Турскиот театар со „Сон на летната ноќ“ ќе настапи на затворањето на Балканскиот театарски фестивал во Бурса на 27 март годинава, а потем во почетокот на април проектот ќе биде прикажан и на големата манифестација во Адане.

Конечно проектот е од програмата на оваа установа од минатата година, а Турскиот театар одбележувањето на својот 65-годишен јубилеј од постоењето го продолжува со уште три премиери одобрени од Министерството за култура на Република Македонија и богато опремена монографија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG