Достапни линкови

Алма Малер - Претстава некаде помеѓу театарот и животот


Праизведбата на претставата „Алма Малер“, драмската адаптација на истоимениот роман на Сашо Димоски во режија на Васил Зафирчев, оваа среда, на 28 јануари, премиерно ќе биде изведена во балетската сала на Македонскиот народен театар. Главниот лик, влијателната сопруга на големиот австриски композитор и диригент Густав Малер, во различни етапи од нејзиниот живот го толкуваат актерките Милица Стојанова и Звезда Ангеловска.

Романот е структуриран во 10 глави кои соодветствуваат со десетте симфонии кои ги напишал Густав Малер, а со тоа е поставена и главната нарација на делото - ќе рече авторот Сашо Димоски во пресрет на праизведбата на драматизацијата на неговиот роман „Алма Малер“ што треба, како копродукција помеѓу „Арт-маркетинг“ и МНТ, да се случи оваа среда, на 28 јануари, во балетската сала на нашата национална институција.

Романот е структуриран во десет глави кои соодветствуваат со десетте симфонии кои ги напишал Густав Малер. Десет аспекти, десет моменти, десет начини на чувствување и сочувствување со љубовта. Музиката како љубов. Љубовта сама за себе како доволен животен феномен.

„Романот е структуриран во десет глави кои соодветствуваат со десетте симфонии кои ги напишал Густав Малер. Десет аспекти, десет моменти, десет начини на чувствување и сочувствување со љубовта. Музиката како љубов. Љубовта сама за себе како доволен животен феномен. Принцип по кој секој човек живее, расне, создава и оди понатаму од себеси. Станува некој тип поинаков човек. Некаков условен натчовек“, истакнува Димоски.

Тој дополнува дека самиот ја сторил авторската драматизација, дека потем режисерот Васил Зафирчев се погрижил за театарската драматизација, а дека проектот бил заокружен со сугестиите на актерките Милица Стојанова и Звезда Ангеловска кои се задолжени за ликот на влијателната сопруга на големиот австриски композитор и диригент Густав Малер, во различни етапи од нејзиниот живот. Вели дека за него било благодет да се соработува со вакви уметници, со творци кои му носат на делото квалитет повеќе.

Втората работа што целата оваа тема, и на романот и на претставата, ја прави исто така естетички исклучок е токму изборот на актерките. Апсолутен куриозитет е на сцената да споите две големи актерки од различни генерации.

„Алма Малер никогаш немаше да застане, да биде поставена на театарската сцена доколку не беше прочитот, односно концептот на Васил и двете актерки кои ја направија претставата нешто повеќе од театарски производ. Нешто повеќе од принцип на примање театарски лик, принцип на градење театарски лик. Ја однесоа, ја прескокнаа таа рампа која во театарот и тоа како е важна и ја поставија „Алма Малер“ некаде помеѓу театарот и животот“, вели Димоски.

Режисерот Зафирчев, пак, говорејќи за провокацијата од романот да се направи претстава, ќе забележи дека „Алма Малер“ и тематски и естетски е скроз различна од она што е и книжевна и театарска конвенција во овој наш балкански и македонски концепт на читање, правење, гледање и особено толкување театар. Вели дека последново, да толкува театар, на нашиот театар најмногу му недостига. Дополнува дека станува збор за грандиозна тема и дека воопшто книжевноста и драмската литература, не само кај нас, туку и пошироко, многу ретко се занимаваат со третирање на вака моќни, раскошни и богати женски биографии, каква што е биографијата на Алма Малер, една од најголемите и највлијателни европски дами на крајот на 19 и почетокот на 20 век. Појаснува дека како и во романот, користена е постапката на центристички поставен лик, што е исто така ретка и особина на големите драмски автори - да создадат претстава чие дејство може да се раскаже само преку суштествувањето на еден театарски лик.

„Втората работа што целата оваа тема, и на романот и на претставата, ја прави исто така естетички исклучок е токму изборот на актерките. Апсолутен куриозитет е на сцената да споите две големи актерки од различни генерации. Во таа смисла, Милица Стојанова, без најмалку скромност ќе можам да кажам, нашата најголема жива актерка, припадник на генерацијата на доајените или основоположниците на театарот кој денес го живееме, да ја ставите во еден апсолутно курентен, актуелен и модерен театарски прочит, работен по принципи на автотематизација, автореференцијалност, во некаков пост-пазарен естетички и етички концепт на правење театар и од друга страна Звезда Ангеловска, исто така голема наша актерка, припадник на средната млада генерација, двете со неверојатно богат и раскошен актерски талент кој многупати го докажале и потврдиле во многу големи светски дела и други театарски постановки на исто така големи режисери. Но она што за мене беше најпровокативно, зошто токму ги избрав Милица и Ѕвезда, беше не само нивниот актерски сензибилитет, туку пред сè нивниот сериозен животен багаж, затоа што длабоко во себе бев уверен дека тоа е пресудното за да може да се изгради еден лик каков што е Алма Малер онака како што е напишан. Тие двете се актерски навистина и многу слични и многу различни со свој автентичен автохтон изграден актерски манир. Тој ги прави апсолутно препознатливи“, вели тој.

Зафирчев нагласува дека во потрагата тие не се бавеле со биографскиот третман на Алма Малер туку дека се решиле да изградат нивно читање на тој лик, односно да постават некакви нивни принципи за тоа како тој лик треба да се интерпретира и толкува во театарски контекст. Вели дека во таа насока Алма Малер е океан од можности, сечија женска приказна. Апсолутно универзална во поимањето и толкувањето.

Истакнува дека драмската предлошка жанровски е дефинирана како „монодрама за две жени и дуплиран симфониски оркестар“. Притоа ќе рече дека се обиделе да го третираат феноменот на смртта наспроти животот како суштествен дел од нашето секојдневно живеење, како нешто што се случува сега и овде. Притоа ликот кој го толкува Стојанова е старата Алма Малер, само неколку часа пред нејзината смрт обидувајќи да се помири со себе и едновремено со Густав Малер.

„Пред година и нешто ми понудија да ја играм оваа улога. Прво ме фати паника од комплексноста на улогата, но откако го прочитав текстот ме зароби до тој степен што јас не знаев кога е ден кога е ноќ. Се обидов да живеам со Алма, да се обидам да ги почувствувам сите нејзини случувања во тој живот нејзин, сите нејзини трауми, задоволства и трпеливост да го изживее животот за конечно, јас го велам тоа со еден наш израз по „борбата со мртво куче“, на крајот ја кажам сета своја траума, сиот оној професионално и лично, емотивно професионален промашен живот на Алма Малер. Да се надеваме дека не сум изневерила, неспокојна сум секако, но не се кријам зад возраста. Напротив“, вели Милица Стојанова.

Од друга страна, Звезда Ангеловска Алма Малер ја толкува во златните години на нејзиниот живот. Кога таа стоела рамо до рамо со еден од најголемите европски и светски композитори, гордоста на австриската уметност и култура и авторот за кој теоретичарите и музичките критичари ќе кажат дека е „човекот кој не пишувал земска музика туку музика со која разговараат вселенските тела“. Затоа нималку не чуди кога таа вели дека овде всушност се работи за претстава каде темата е уметност.

„Ако жената Алма Малер, односно сопругата на Густав Малер, која била талентирана, морала да го препознае тој талент, музичар, композитор Густав Малер, сигурно таа жена, таа душа е голема провокација за актерки вклучени во оваа голема тема. Тоа е една таква комплексна биографија која со секоја нова изведба се надевам ќе ни открива и нови простори“, истакнува актерката.

Инаку за сценографијата во претставата се погрижил Васил Зафирчев, костимите се на Тања Кокев, а одбирот на музиката од Малеровите симфонии го сториле режисерот и авторот Димоски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG