Достапни линкови

Штрајк има, а до кога не зависи од СОНК, туку од власта


Власта го игнорира, но штрајк во образованието и во културата има и покрај притисоците, велат од СОНК. Од Министерството за образование засега нема одговор на нивните барања.

И покрај обидите на повеќето медиуми да креираат слика во јавноста дека наставата се одвива непречено и покрај повиците за штрајк од страна на СОНК, од ресорниот синдикат велат дека реалноста е поинаква. Информираат дека освен во Струмица и во Куманово, штајк има и во Центар, во Дебар, во училишта во Липково, Арачиново, Чаир, Бутел, Аеродром, Карпош, Сопиште, Сарај, Делчево.

Од нас не зависи до кога ќе трае штрајкот, но зависи од нив кога ќе прифатат преговори, кога максимално ќе вложат и енергија и почитување кон социјалниот партнер за да ги решаваат проблемите.

Целосен штрајк имало и во Гостивар и во Струга, а од денеска во знак на солидарност кон наставниците, кон штајкот се приклучиле и општините Кичево и Зајас. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков вели дека покрај училиштата штрајкуваат и поголемиот дел од градинките и културните установи.

„Ние постојано апелираме, меѓудругото, тоа е и законска обврска двајцата социјални партнери проблемите да ги решаваат на заедничка маса. За жал, нашето барање за продолжување на преговорите од страна на ресорните министерства наидуваат на затворена врата. Најодговорно тврдам дека на 2 јануари кога за последен пат со Министерството за образование имавме работна средба до ден денеска немаме никакви контакти. Со Министерството за труд и социјална политика многу порано завршија преговорите и контакти, со Министерството за култура воопшто и нема, повеќе од половина година никакви контакти“, изјави Неделков.

Од Министерството за образование пак засега нема одговор на барањата на СОНК. Оттаму велат дека став за овој проблем треба да донесе министерот за образование Абдилаќим Адеми и дека засега нема конкретен план како ќе постапи ресорното министерство.

Неделков од друга страна пак тврди дека членовите на Синдикатот се под постојани жестоки притисоци. Уверува дека и покрај се, нивната стратегија е да се опстои во генерален штрајк се додека не се седне на заедничка маса за да се преговара.

„Од нас не зависи до кога ќе трае штрајкот, но зависи од нив кога ќе прифатат преговори, кога максимално ќе вложат и енергија и почитување кон социјалниот партнер за да ги решаваат проблемите. Притисоците се со јавувања на партиски моќници, општински моќници итн., притисоците се со секојдневни посети на просветни инспектори коишто доаѓаат во училиштата и во градинките, притисоците се со носење на заменски наставници“, вели Неделков.

Неделков уверува дека единството во СОНК е на највисоко ниво, наспроти шпекулациите во медиумите дека членството во синдикатот е разединето.

Барањата на Синдикатот се познати. Суспендирање на паричните казни за наставниците според резултатите од екстерното оценување на учениците, зголемување на основицата за 25 проценти од јануари, рационализација на педагошката евиденција, укинување на паричните казни по разни основи и примена на коефициентите по колективниот договор во градинките се само дел од нив.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG