Достапни линкови

ЛГБТИ со порака до власта - Битката е однапред изгубена, нас не има насекаде


Протест на ЛГБТ против дискриминацијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:47 0:00

На протестот пред Јавното обвинителство ЛГБТИ заедницата изрази незадоволство од новите уставните измени особено од амандманот 33 кој се однесува на бракот.

Потребно е реално согледување на општествените околности и потребата од обезбедување ефикасен пристап до правда за сите граѓани без разлика на нивните различности, порачаа денеска преку мирен протест пред Јавното обвинителство припадниците на ЛГБТИ заедницата во Македонија. Изразија незадоволство од новите уставните измени особено од амандманот 33, со кој се регулира бракот исклучиво како заедница меѓу еден маж и една жена, а за којшто сметаат дека е дискриминирачки.

Во неколку наврати министерот за правда рече дека во целост се испочитувани забелешките на Венецијанската комисија, кога станува збор за амандманот 33 тоа едноставно не е вистина.
Павле Богоевски, Национална мрежа против хомофобија и трансфобија.

„Во неколку наврати министерот за правда рече дека во целост се испочитувани забелешките на Венецијанската комисија, кога станува збор за амандманот 33 тоа едноставно не е вистина. Во своето образложениевладата само наведува дека комисијата забележала дека државата е слободна во дефинирањето и заштитата на бракот. Да, тоа е точно, меѓутоа никаде не пишува дека подигнувањето на оваа заштита на уставно ниво е правно целосно непотребен чекор, како што рече Венецијанската комисија, ниту пак дека истополовите парови имаат иста потреба од правно регулирање како што тоа го имаат различно половите вонбрачни парови“, изјави Павле Богоевски од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

Ваквата формулација на амандманот и зголемувањето на бројот на пратенички гласови потребни за регулирање на овие области не само што не се во согласност со Венецијанската комисија, туку само ги зацврстува веќе постоечките дискриминирачки закони во земјата, порача Богоевски. Од ЛГБТ регираат и на начинот на кој се донесуваат новите уставни измени. Сметаат дека со дво-третинско мнозинство гласови се регулираат само суштинските прашања за територијалниот интегритет, суверенитет и функционирањето на државата.

Јас би сакал да им порачам на предлагачот на измените и на пратениците дека оваа битка им е однапред изгубена затоа што нас не има насекаде, нас не има правници, економисти, политичари, бизнисмени, трговци, продавачи на пазар, чувари, уметници, професори, студенти, нас не има Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, нас не има стари и млади.
Антонио Михајлов, Субверзивен фронт.

Апсурдно и неинтелигентно е гласањето за ваквиот амандман, во услови на политичка криза, кога опозицијата е надвор од парламентот и кога има низа други уставни прекршувања, кога расте сиромаштијата и невработеноста и кога случаите со примена на физичко насилство врз припадниците на ЛГБТИ се неразрешени повеќе од две години, изјави Антонио Михајлов од невладината организација Субверзивен фронт.

„Јас би сакал да им порачам на предлагачот на измените и на пратениците дека оваа битка им е однапред изгубена затоа што нас не има насекаде, нас не има правници, економисти, политичари, бизнисмени, трговци, продавачи на пазар, чувари, уметници, професори, студенти, нас не има Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, нас не има стари и млади.“

Колку и да се мали и незначајни нашите победи тие се од суштинско значење зошто сведочат за енормните количини на бес, на гнев и срам и страв кои ние ги имаме почувствувано, истакна Михајлов.

„Ќе дојде ден кога ваквите политики на дискриминација, на исклучување, на пресија, на угнетување, на уценување и уплашување ќе бидат срушени еднаш за секогаш. Ќе дојде денот кога овие настани ќе сведочат за тоа како граѓаните на Република Македонија учеа како да бидат политички активни и општествено одговорни. Ќе дојде денот кога ние граѓаните ќе победиме.“

Со соопштение до јавноста деновиве се огласи и Амнести интернешнал, апелирајќи дека одобрувањето во македонскиот парламент на уставниот амандман со кој се забрануваат истополови бракови ќе ја зацврсти дискриминацијата во земјата.

Заменик директорот за Европа во Амнести, Гаури Ван Гулик изјави дека гласањето е уште еден придонес кон дискриминација, насилство и нетолеранција во Македонија врз база на сексуалната ориентација и побара од Македонија да ги повлече дискриминаторските закони.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG