Достапни линкови

Дневен печат - Кежаровски и потписот на Иванов


Протестот за Кежаровски, потписот од страна на претседателот на Законот за образование, Белата книга за странските инвестиции, штрајкот на наставниците, загадениот воздух се дел од темите во фокусот на весниците.

Како да се исплаши власта од реакциите, иако не онолку масовни како што заслужува, во врска со случајот Кежаровски, па го пушти од затвор новинарот изутрината пред најавениот протест. Информирајќи за протестот пред судот, потоа пред Собранието и Владата, Утрински со наслов: „Меѓународна поддршка за Кежаровски“, наведувајќи дека Меѓународната федерација на новинари бара да се обезбедат услови за независна експертиза за случајот со новинарот и тој да биде ослободен. Дури и Вечер објави: „Новинарите протестираа за слобода на Кежо!“.

Меѓународната федерација на новинари бара да се обезбедат услови за независна експертиза за случајот со новинарот и тој да биде ослободен.

Утрински информира: „Судството и медиумите повторно на тапет во Брисел - дебатата во Европскиот парламент покажа сериозна загриженост од политизација на државните институции и сè полошата ситуација во медиумите во Македонија“. Исто така Утрински објави резултати од анализите на повеќе домашни истражувачки центри кои покажуваат: „Поддршката за ЕУ сè уште висока, но полека се топи - проблемот со името особено влијае врз ставовите на македонските граѓани во однос на Унијата и предизвикува расцепи по етничка линија“.

Вечер со истакнување на постапката на претседателот Иванов: „Иванов притисна - Македонија ќе добие нов Закон за високо образование“. И Утрински објави дека, како и што се очекуваше, претседателот Иванов ги потпиша указите за законите од образованието.

Едни наставници беа на час, други седеа в канцеларија.
Нова Македонија.

Сто и десет странски инвеститори објавија „Бела книга“ со забелешките за условите во државава поврзани со нивната работа: „И странските инвеститори против оданочувањето на хонорарците - бавна администрација, чести измени на закони, несоодветно образование, корупција, високи казни... се дел од „Белата книга“, информира само Утрински.

Нова Македонија пишува за штајкот на просветарите: „Едни наставници беа на час, други седеа в канцеларија„. Дневник забележува: „Попустите ги вратија купувачите во текстилниот град - наместо на шопинг во Солун, на „Штипинг“ во Штип“.

И Слободен печат ја регистрира загаденоста на скопскиот и тетовскиот воздух: под фотографијата на еден скопјанец со медицинска маска на лицето пишува: „Воздухот стана повидлив од мерките за заштита“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG