Достапни линкови

Соопштението на Иванов - лажна конструктивност


Претседателот Ѓорге Иванов на средба со професорите од Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование, односно професорскиот контра-пленум.
Претседателот Ѓорге Иванов на средба со професорите од Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование, односно професорскиот контра-пленум.

Нема никаква логика да потпишувате нешто за кое самите признавате дека не е целосно и не е финален резултат на разговори кои се водат рамноправно со другата страна, оценува Арсим Зеколи за вчерашното соопштение на Претседателот Иванов, кој ги потпиша указите на законите за образование.

Во последен момент од законски предвидениот рок од седум дена, претседателот Ѓорге Иванов синоќа преку неговиот кабинет соопшти дека ги потпишал указите за прогласување на законите од областа на образованието, вклучително и за високото, за кои студентите и професорите побараа од него да стави вето.

Тоа е апсолутно истиот оперативен модус кој претходно се употреби кон медиумите, лекарите и кон сите други еснафи кои се дрзнаа да бараат што им следува, а за што очигледно власта има некои други планови и интереси да не им дозволува.
Арсим Зеколи, политички аналитичар.

Во соопштението на Иванов се наведува дека тој добил цврсто уверување од предлагачот на законите дека во наредниот период ќе биде организирана сеопфатна стручна расправа за најсуштествените прашања од сферата на високото образование со релевантните субјекти од оваа област, претставници на студентите и меѓународни експерти за високо образование. Од сите овие активности и, како што е наведено, инклузивниот дијалог, ќе произлезел целосно нов закон за високо образование, наведува кабинетот на шефот на државата.

Протест на Професорскиот и Студентскиот пленум пред Собранието.
Протест на Професорскиот и Студентскиот пленум пред Собранието.

Нема никаква логика да потпишувате нешто за кое и самите признавате дека не е целосно и не е финален резултат на разговори кои би требало да се водат рамноправно со другата страна, оценува аналитичарот Арсим Зеколи.

Оваа изјава е само уште еден доказ дека целата работа е избрзана и дека нашите политичари мораат да научат што значи демократска процедура и да се држат до неа.
Денко Малески, универзитетски професор.

„Универзитетот, високото образование се води од еден и единствен врвен и универзален принцип кој важи насекаде, а тоа е автономија на универзитетот од политиката и државата. Сето друго, па и потписот на претседателот Иванов е само драмолетка на лажна конструктивност и обид за купување доволно време за разводнување на студентските барања и за наоѓање начини за провоцирање поделби во академската заедница. Тоа е апсолутно истиот оперативен модус кој претходно се употреби кон медиумите, лекарите и кон сите други еснафи кои се дрзнаа да бараат што им следува, а за што очигледно власта има некои други планови и интереси да не им дозволува“, вели Зеколи.

Според професор Денко Малески, донесувањето закони во демократски земји е сложен процес во кој не се брза за да се стаса до гласањето во парламентот до моментот додека не се организира широка расправа со засегнатите од која ќе произлезат предлози преточени во закон.

„Според тоа, оваа изјава е само уште еден доказ дека целата работа е избрзана и дека нашите политичари мораат да научат што значи демократска процедура и да се држат до неа. Секакво повторување само ја комплицира работата и внесува еден сериозен метеж, како и што се случи со последните настани, но и ќе продолжи сега, кога овој закон ќе треба да се применува“, вели Малески.

Инаку, синоќа, веднаш по објавата од кабинетот на Иванов, Студентскиот пленум на својата Фејсбук страница напиша „ниту државнички, ниту професорски“, прашувајќи ги студентите дали се спремни да го покажат револтот повторно, но и поинаку. Од Професорскиот пленум претходно, пак, најавија дека ќе пристапат кон граѓанска непослушност ако законот стапи во сила, за што формите и начинот ќе го договореле дополнително.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG