Достапни линкови

Повлекување или „план за окупација“ на Украина


Шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер изјави дека Русија и Украина се договориле за повлекување на тешкото оружје од источна Украина. Од друга страна американската амбасадорката во ОН Саманта Пауерс оцени дека рускиот мировен план бил „план за окупација на Украина“.

Ова тој го соопшти по четиричасовните разговори во Берлин меѓу шефовите на дипломатиите од таканаречената кризна група што ја сочинуваат Германија, Франција, Русија и Украина. Договорено е оружјето да биде повлечено на 15 километри од линијата на раздвојување дефинирана со спогодбата за примирје постигната во минатиот септември во Минск.

Штајнмаер оцени дека овој договор претставува напредок, но не и пробив во напорите да се постигне мировна спогодба за источна Украина каде што со месеци траат борбите меѓу украинските сили и проруските сепаратисти.

Тој најави дека таканаречена контакт група во која се вклучени и лидерите на сепаратистите во Луганск и Доњецк во наредниве денови ќе ги договори деталите и временската рамка за повлекувањето на оружјето. До разговорите во Берлин дојде по извештаите дека проруските бунтовници добиле засилување во источниот дел на Украина.

Москва неколку пати со една рака нудеше маслиново гранче, а со друга им делеше ракети и тенкови на украинските сепаратисти.

Според украинскиот претседател Петро Порошенко, околу 9 илјади руски војници окупирале 7 oтсто од територија на Украина.

Во меѓувреме, американската амбасадорка во Обединетите нации Саманта Пауерс изјави дека најновиот план на Русија за решавање на кризата во Украина не бил ништо друго од „окупациски план“.

Таа во Советот за безбедност оцени дека сегашната ситуација била опасна и ја повика Русија да ја спроведе спогодбата за примирје постигната пред неколку месеци во Минск.

украинскиот претседател Петро Порошенко

украинскиот претседател Петро Порошенко

Таа додаде дека новиот план на рускиот претседател Владимир Путин ја ослободува Москва од обврските што ги презеде со спогодбата од Минск.

„Москва неколку пати со една рака нудеше маслиново гранче, а со друга им делеше ракети и тенкови на украинските сепаратисти“, изјави Пауерс.

Рускиот амбасадор во Обединетите нации Виталиј Чуркин изјави дека Москва ја почитува спогодбата од Минск и ги обвини украинските власти за најновите насилства.

Британскиот амбасадор во Њујорк Марк Грант исто така ја критикуваше Русија за нејзиниот вообичаен начин на дејствување, „одбивање и дезинформирање“.

Тој побара од Москва да не ги користи хуманитарните конвои за да ги снабдува бунтовниците со оружје.

Командантот на американската војска во Европа, генерал Бен Хоџис за време на посетата на Киев изјави дека од спогодбата за примирје постигната во септември лани досега, Русија ја дуплирала помошта за сепаратистите во источна Украина.

„Непобитно е дека тие добиваат директна помош од Москва“, рече тој.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG