Достапни линкови

logo-print

Само се мери загадувањето, се спомнуваат препораки, се префрлаат одговорности, а граѓаните и понатаму се гушат во нечист воздух.

Загаденоста на воздухот во Скопје и во останатите поголеми градови низ Македонија деновиве е на алармантно ниво. Од град Скопје излегоа со низа препораки како граѓаните да се заштитат од загаденоста. Тие се однесуваат на намалување на движењето на отворен простор, да не се проветруваат просториите, да се користи јавен превоз и да ги одложат активностите со корозивни хемикалии и да не користат недифинирани горива и отпадни материи.

Граѓаните би требало да се обратат до Општината и од својот градоначалник да побараат одговорност и инспекција на овие мали загадувачи на кои општината издала дозвола за истите да функционираат.

Ана Чоловиќ Лешовска од невладината Екосвест вели дека одговорноста за справувањето со загаденоста во однос на големите загадувачи е кај министерството за животна средина и просторно планирање.

„Постојат загадувачи од голем размер, ако може така да ги кажеме, кадешто надлежноста од загаденоста од нив лежи во Министерството за животна средина и просторно планирање и оттука дилемата дали Макстил не загадува или не не загадува, минатата година главниот аргумент беше дека тоа е од Макстил, сега Макстил не работи и го имаме повторно истиот проблем, а најмногу го приметуваат тоа жителите на Ново Лисиче и Аеродром.

Според неа, постојат и огромен број на мали загадувачи, а дозволата за нивно работење ја даваат локалните власти.

„Граѓаните би требало да се обратат до Општината и од својот градоначалник да побараат одговорност и инспекција на овие мали загадувачи на кои општината издала дозвола за истите да функционираат. Многу е важно општините доследно да си ги спроведуваат мерките, да има редовна инспекција и мерења дали тие загадуваат. Јас лично верувам дека тоа е така.“

Затоа е многу важно секој град да има серија на мерки и акционен план за кризни состојби.

Александра Бујаровска од невладината Фронт 21/42 вели дека мерките зависат од тоа од каде потекнува загадувањето, како на пример во Скопје од транспортот, затоплувањето и индустријата, а во други градови примарна е индустријата.

„Затоа е многу важно секој град да има серија на мерки и акционен план за кризни состојби, како што е сега со денови кога ќе се направи таква една состојба да не може да се исчисти воздухот сам од себе, и дополнително тие долгорочни мерки кои се однесуваат на соодветно урбанистичко планирање со поставување на што поголемо зеленило.“

Еколошките невладини уште минатата година предложиле низа мерки меѓудругото за намалување на сообраќајот, зголемување на зеленилото и набавка на калциум магнезиум ацетат. Според Екосвест, град Скопје прифатил да го набави средството, но се уште немаат информации дали тоа се реализирало.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG