Достапни линкови

Уставните измени на чекор до изгласување


Собранието на денешната седница утврди четири предлог уставни амандмани. За владејачкото мнозинство измените се добри, а ДПА се изјасни дека е против измени во ова време.

Собранието на денешната седница утврди четири предлог уставни амандмани. Пратениците го утврдија предлог-амандманот кој се однесува за бракот, амандманот за меѓународните финансиски зони, потоа предлог амандманот со кој се менува називот на Народната банка на Република Македонија во Банка на Република Македонија. Тие го утврдија и амандманот со кој Државниот завод за ревизија станува уставна категорија. Собранието ја заврши и расправата за предлог- амандманот 37 на Уставот, со кој се одредува дефицитот на Буџетот на Република Македонија да не може да го надмине прагот од три проценти, а јавниот долг да не може да биде поголем од 60 проценти од бруто домашниот производ. Претседателот на Собранието за утре во 13 часот најави продолжение на седницата.

Верувам дека сме успеале во тоа, иако можеби во одредени амандмани поради правно формалниот третман се направени одредени пропусти, но во целост општа оценка на Министерството за правда, но и на владата е дека, амандманите кои се денеска на дневен ред во Собранието се во целост усогласени со забелешките од Венецијанската комисија.

Министерот за правда Аднан Јашари образложувајќи ги амандманите, рече дека Министерството сторило сè да ги усогласи уставните амандмани со забелешките на Венецијанската комисија и на Европската комисија.

„Верувам дека сме успеале во тоа, иако можеби во одредени амандмани поради правно формалниот третман се направени одредени пропусти, но во целост општа оценка на Министерството за правда, но и на владата е дека амандманите кои се денеска на дневен ред во Собранието се во целост усогласени со забелешките од Венецијанската комисија“, рече Јашари.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека предложените уставни измени се резултат на опсежни и сериозни анализи меѓу сите коалициски партнери во Собранието и Владата и на темелни консултаци со стручнаци од повеќе области.

Денешните измени се први посериозни и поопсежни измени на Уставот коишто Република Македонија, Собранието, Владата и сите надлежни ги предлагаат самостојно без внатрешен или меѓународен притисок.

„Денешните измени се први посериозни и поопсежни измени на Уставот коишто Република Македонија, Собранието, Владата и сите надлежни ги предлагаат самостојно без внатрешен или меѓународен притисок. Затоа, сметам дека овие уставни измени се автентични и со цел да се подобри структурата на Уставот и да се подобри функционирањето на институциите, како и да се зголемат стандардите во повеќе области кои ги регулира Уставот“, рече Милошовски.

Пратеничката група на ДПА се изјасни дека е против менување на Уставот, во оваа време и за вакви теми.

Имаме еднострани уставни измени, дури и такви за прашања кои не требеше сега да ги отвораме, и тоа што е уште позначајно уставните измени не се носат со полн консензус, етнички и политички, меѓу поголемите политички сили во земјата, нормално ова се антиуставни измени.

„Имаме еднострани уставни измени, дури и такви за прашања кои не требеше сега да ги отвораме, и тоа што е уште позначајно уставните измени не се носат со полн консензус, етнички и политички, меѓу поголемите политички сили во земјата, нормално ова се антиуставни измени“, вели пратеникот Газменд Алиу.

Тој додава дека има многу поважни работи за кои треба да се разговара, а овие измени се само оттргнување од битните работи.

Независната пратеничка Солза Грчева вели дека не е време да се отвора Уставот, оти во Собранието нема претставници на сите луѓе. А освен што не е време, на некои измени не им е место во Уставот, вели таа.

„Не мораме толку свечено да се однесува кон овој чин, бидејќи не е таков, бидејќи истите ние овде коишто сега здушно ги браниме амандманите, утре со првиот закон посегаме многу лесно да ги прекршиме одредбите во истиот тој наш Библија Устав“, рече Грчева.

Пратеничката Роза Топузова Кареска, пак, вели дека за нејзе одредени измени се прифатливи.

Овие уставни амандмани предвидуваат дефинирање на бракот како заедница на еден маж и една жена, формирање на финансиски зони, воведување на уставна жалба, преименување на Народната банка во Банка на РМ. Еден од нив, пак, утврдува граница за ненадминување на јавниот долг на прагот од 60 отсто од БДП, а буџетскиот дефицит до 3 отсто од БДП, освен во екстремни ситуации.

Во изминативе 20-тина години Уставот претрпе вкупно 7 измени. Прв пат беа внесени амандмани со кои се тврди дека Македонија нема територијални претензии кон други држави и дека нема да се меша во внатрешните работи на други држави. Втор пат беше менуван во 1998 година кога притворот од 90 дена се зголеми на 6 месеци. Па потоа следуваше Рамковниот договор со измена на 15 амандмани. Во 2004- та беше легализирано прислушувањето само со судска одлука а во 2005 беа внесени реформите во судството. Последните измени се направени во 2009 и 2011 година кога во Уставот се внесени амандмани за намалување на цензусот за избор на претседател од 50 на 40 отсто и можноста за екстрадиција на македонските државјани.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG