Достапни линкови

Кежаровски дојде на протестот против неговото осудување


Неколку стотини новинари, медиумски работници, граѓани и лидери на политички партии денеска излегоа на протест пред Апелациониот суд во Скопје против пресудата од две години затвор за новинарот Томислав Кежаровски, по што се упатија кон македонската влада. Тој, пак, им се придружи на колегите на протестот, откако утрово беше привремено ослободен од затворот. Беше пречекан со извици „Победа“, „Победа“, „Доста беше молк“ и носејќи транспаренти „Слобода за Кежо“. Дел од учесниците на протестот носат маски со ликот на Томислав Кежаровски.

Веста за неговото пуштање од затвор ни ја потврди неговата сопруга Марина Кежаровска, која истакна дека на Кежаровски му било речено да се јави во затвор на 18 февруари.

Прекин на издржувањето на казната побарал директорот на затворот „Скопје“, а одлуката ја донел директорот на Управата за извршување на санкции.

Откако Апелациониот суд му ја намали казната од 4,5 на 2 години затвор, Кежаровски во петокот доцна вечерта беше однесен во затворот во Шутка. Според пресудата, му преостануваат уште три месеци од казната.

XS
SM
MD
LG