Достапни линкови

Евроскептицизмот во Македонија се поголем


Евроамбасадорот Аиво Орав и вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.
Евроамбасадорот Аиво Орав и вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.

Кај сите клучни прашања во однос на пристапувањето кон ЕУ, најголем е јазот меѓу симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и Албанците, додека пак Албанците имат слични ставови за ЕУ со симпатизерите на СДСМ, покажува истражувањето на МЦЕО.

Над 90 проценти од граѓаните Албанци во земјава сметаат дека членството во ЕУ би била добра работа, додека тоа мислење го делат 54 проценти од испитаните Македонци, покажува истражувањето на Македонскиот центар за европско образование. Каj Македонците пак ставот кон ЕУ е детерминиран од паријата, па така симпатизерите на СДСМ имаат сличен став како Албанците, односно за 68 проценти од нив членството во Унијата било подобра работа, додека кај симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ тој процент изнесува 53 отсто.

Кај сите клучни прашања во однос на пристапувањето кон ЕУ, најголем е јазот меѓу симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и Албанците.
Љупчо Поповски, МЦЕО.

Сличност во погледите меѓу Албанците и симпатизерите на СДСМ има и на прашањето дали ЕУ е најдобрата алтернатива за земјата или треба да се бара некој модел надвор од Унијата. Кај Албанците 75 отсто сметаат дека ЕУ е најдобрата алтернатива, 21 процент дека земјата треба да бара модел за развој надвор од ЕУ. Тие што се блиску до СДСМ, 60 проценти сметаат дека иднината е во ЕУ, а 30 отсто дека треба да се бара друг модел, додека оние кои се поблиску до ВМРО-ДПМНЕ , 36 проценти сметаат дека иднината на земјата е во ЕУ, а 56 проценти дека земјата треба да бара друга алтернатива. Диспаритет кај Албанците и кај Македонците има и околу прашањето дали Македонија не може да влезе во ЕУ поради спорот за името.

„Кај сите клучни прашања во однос на пристапувањето кон ЕУ, најголем е јазот меѓу симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и Албанците. Три четвртини од Албанците сметаат дека владата го користи спорот за името за да не ги спроведува реформите. Сличен процент, на исто мислење постои и кај поблиските на СДСМ, повторно имаме дека симпатизерите на СДСМ и Албанците во однос на клучните политички прашања во однос на ЕУ да се поблиски “, објаснува Љупчо Поповски од МЦЕО.

Со изземањето на интересите на помалиот, условно речено, коалициски партнер, секако дека можат да се појават, а веќе се појавуваат, бар во албанската јавност, прашања на механизмите со кои можат нивните интереси да се заштитат и да се промовираат од нивните политички претставници.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Разликите во погледите кон ЕУ зависат и од возраста на испитаниците. Па така што тие се повозрасни толку повеќе сметаат дека пречка за влез во Унијата е името и Грција, исто така повозрасните повеќе сметаат и дека односот на ЕУ кон земјата е нефер.

Владејачката партија кај Албанците исто така се застапува за влез во ЕУ и како што велат евроинтеграциите им се на врвот на нивните приоритетите, а години наназад вицепремиерот за евроинтеграции е токму од нивните редови, но и покрај се напредок нема.

Аналитичарот Алберт Муслиу дека доколку некои прашање на се одблокираат, ќе се појавуваат и потешки прашања.

„Со изземањето на интересите на помалиот, условно речено, коалициски партнер, секако дека можат да се појават, а веќе се појавуваат, бар во албанската јавност, прашања на механизмите со кои можат нивните интереси да се заштитат и да се промовираат од нивните политички претставници, така да до кога тоа ќе се случува верувам дека ќе зависи и од реакциите на јавноста и од потегањето на овие прашања.“

Од 2007, кога над 75 проценти од испитаниците сметале дека членството во ЕУ е добра работа, таа поддршка сега се стопила на 50 проценти, но и покрај намалувањето на поддршката, граѓаните на Македонија сè уште имаат најпозитивно мислење за членството, споредено со граѓаните на другите држави кандидатки. Сепак, намалувањето на перцепцијата дека членството би било добра работа не се претворило директно во негативна перцепција, туку се зголемил бројот на оние кои велат дека членството не би било „ниту добра ниту лоша работа“, како и процентот на оние кои немаат став.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG