Достапни линкови

Шарли Ебдо во фокусот на неделниот печат


Терористичкиот напад врз францускиот сатиричен неделник Шарли Ебдо во Париз и последиците од него се предмет на анализа во домашните неделници.

Фокус - Макотрпна работа за враќање на нормалноста во Македонија

Ако судството ни е независно, Иванов се однесува државнички, Груевски одговорно, 'курири' се истражувачки новинари, сителовци 'Шарли', МТВ јавен сервис... тогаш јас сум сигурно Анџелина Џоли.

Реакциите и однесувањето на домашните политичари, медиуми и новинари за „Шарли Ебдо“, случувањата во врска со реформите во високото образование, аферата со странските кираџии на министерот Јанакиевски, пресудата на новинарот Кежаровски - сиве овие работи се инспирација за воведната колумна на главната уредничка на Фокус, „За нештата да станат појасни“. Па пишува: „Ако судството ни е независно, Иванов се однесува државнички, Груевски одговорно, 'курири' се истражувачки новинари, сителовци 'Шарли', МТВ јавен сервис... тогаш јас сум сигурно Анџелина Џоли“, пишува Фокус, па продолжува: „Да, критериумите и стандардите што оваа владејачка врхушка ги исфорсира, а ги доведе во својата спротивност, налагаат макотрпна работа на сите (не)нормални за враќање на нормалноста во Македонија“.

Република - Време е за Шеста република и за Втора Европа

Карикатурата не може да умре. Макар и кога некој ќе ја избрише од насловните страници на весниците, таа се појавува во огледало.

„Време е за Шеста република и за Втора Европа - Шарли од Црешево и од Радишани“ - гласи насловот на колумната во Република, во која, покрај другото, се наведува дека француското национално мото „Слобода, еднаквост и братство“ и европските вредности се под силен притисок, можеби најсилен од почетокот на Француската Петта Република основана од Шарл де Гол и од идеите на Жан Моне и на Роберт Шуман. А, криза во земја - основач на Европската унија, пишува во колумната на Република, „не може да биде добра ниту за Унијата, ниту за главниот француски партнер Германија, која повторно ќе мора да го преземе главниот товар во проблематичните години на подем на радикалната десница и на стравот од исламизација на Европа. А централната тема, покрај слободата на изразување и слободните медиуми, е почитувањето на различните културни вредности. Се чини дека Франција немаше храброст да признае дека по примањето на милиони луѓе од поранешните колонии од Африка и од Индокина, ги промени своите културни вредности, но како уште да живее во минатото“.

Глобус - Кога карикатурата умира

Глобус, пак, прави паралела со згаснувањето на карикатурата во домашните печатени медиуми. „Жално е што карикатурата како тема кај нас се враќа по ваков трагичен настан“, пишува неделникот во текстот насловен: „Кога карикатурата умира“. „Но, карикатурата не може да умре. Макар и кога некој ќе ја избрише од насловните страници на весниците, таа се појавува во огледало“.

„Солидарни со париските застрелани автори, заспани пред убиената домашна карикатура“ пишува во друг текст Глобус, во кој потсетува дека со својата разголена едноставност, карикатурата не одговараше на времето на политичко подаништво, какво и да е тоа. Затоа, таа во весниците во земјава најпрвин беше ставена во рубриката писма, како да се работи за обична илустрација, а потоа се прости од дружењето со верните читатели. За новите властодршци тоа беше една од првите работи што ја егзекутираа во маршот кон севластието“, пишува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG