Достапни линкови

logo-print

Граѓаните не сакаат владата да им ѕирка во паричникот


Со предложените измени во Законот за банки се предвидува Министерството за труд и социјала, Агенцијата за вработување и Фондот за здравство да имаат увид во сметките на граѓаните.

Преку последниот предлог закон за изменување и дополнување на Законот за банки, со кој на неколку институции ќе им биде овозможено да имаат увид во сметките на граѓаните баратели на социјална помош, Владата навлегува во нивната приватност, а ова право го крши и преку низа други донесени закони во изминатиов период, велат граѓаните што ги анкетиравме во рубриката Хајд Парк на Радио Слободна Европа. Еве какви се нивните реакции за ваквите регулативи.

Каде е таа банкарска тајност? Значи на секој што ќе му текне ќе ми везе во сметката!

„Во последниве неколку години, секој закон што го носат е грубо влегување во приватната сфера на граѓаните на Македонија и тоа оди од закон на закон само порадикално. Не знам што може да очекуваме во 2015 година, но почнете од тоа како заврши 2014 година со квази законот за високо образование, законот за хонорарците – 35 отсто, така што досега, сè што донесоа се едни популистички мерки коишто го распаднаа целиот граѓански сектор и на сите ни влегоа дома.“

„Каде е таа банкарска тајност? Значи на секој што ќе му текне ќе ми влезе во сметката! Тие сега се вадат, кобајаги нема да биде за сите, туку само за оние што земаат социјално. Значи штом може на него да му влезе, може и кај мене и на секому да му влезе. Тоа е исто како да ми влегуваат дома!“

„Со кампањите за абортус што беа многу грозоморни, со законот за абортус што ги нарушува женските права, со коишто не ни се дава право да имаме личен избор и не ни се дава право да имаме сопственост врз нашето тело и тоа е апсурдно во 21 век.“

„Зошто секој да може да гледа во вашата сметка со колку пари располагате? Со тоа може да ја злоупотребуваат самата информација. Сега има софистицирани облици на рекетирање.“

„Јас лично мислам дека не треба да се ѕирка во сметките на кого било, не само кај социјалците. Ајде на пример сега да ѕирнете во сметките на некој министер или на некој пратеник! Како ќе помине тој што ќе ѕирне таму? А, зошто таму да не може да се гледа, а овде да може, што е прашањето?“

„Сметам дека дефинитивно се нарушува приватноста! Едноставно луѓето нема да можат да имаат приватност, ќе има некој што нон стоп ќе ги контролира, едноставно не е ОК. Не знам!“, велат анкетираните граѓани.

Дали Владата навлегува во приватноста на граѓаните?, е прашањето во нашата рубрика Хајд Парк. Погледнете ја анкетата и коментирајте овде.

Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за банки, кој предвидува Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и Фондот за здравственото осигурување да имаат увид во сметките на граѓаните, изминатиот понеделник беше на прво читање на собраниската комисија за финансирање и буџет.

Јасно е дека кој било орган ќе дојде до таквиот увид. Меѓутоа, не смееме да го прескокнеме судот, бидејќи судот е оној којшто мора да одлучи по таквото барање.

Андреа Стојковски, кој е правник - истражувач од Македонскиот центар за европско образование, вели дека со оваа мерка се повредуваат и Законот за заштита на лични податоци, но и уставно загарантираната приватност на граѓаните. Стојковски посочува дека само судот може да одлучи дали постои интерес, поради кој треба да му се дозволи на некој орган да направи увид во банкарската состојба на граѓанинот.

„Во Македонија не постои банкарска тајност, не во онаа смисла во којашто истата е развиена во Швајцарија или во Луксембург. Од тие причини јасно е дека кој било орган ќе дојде до таквиот увид. Меѓутоа, не смееме да го прескокнеме судот, бидејќи судот е оној којшто мора да одлучи по таквото барање. Вториот проблематичен момент е дека станува збор за остварување на права на граѓаните во рамките на управна постапка. Не станува збор за загрозување на општествениот поредок, ниту, пак, станува збор за кривични дела поради коишто судот би требало да дозволи увид во состојбата на сметката. Зошто би требало да се дозволат посебни истражни мерки, ако не станува збор за некакво кривично дело?“, вели тој.

Стојковски додава дека доколку некој граѓанин се одлучи да ја бара правдата, после повеќе години би можел да добие пред Европскиот суд за човекови права кој би утврдил повреда на Конвенцијата, бидејќи како што вели, не очекува од Уставниот суд во Македонија да одлучи дека оваа мерка е противуставна.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG