Достапни линкови

Македонија извозник на безбедност


Мисијата ИСАФ заврши по 12 години. Учеството на војниците во Авганистан, беше оценето како успешно. Тие остануваат и натаму во Кабул како дел од новата мировна мисија „Одлучна поддршка“.

Најубави зборови со пофалба за делата и херојството кои ги покажале на терен, денеска беа упатени до сите 2.700 припадници на АРМ кои во изминатите дванаесет години учествуваа во мисијата на ИСАФ во Авганистан. На свечената церемонија по повод завршувањето на оваа мисија, беше речено дека со учество во вакви меѓународни операции, Македонија стана извозник на безбедноста.

Иако де јуре Македонија не е членка на НАТО со нашиот придонес во ИСАФ мисијата можам слободно да кажам дека де факто сме дел од НАТО. Ние сме сојузник на кој можете да му верувате и да се ослоните.

„Иако де јуре Македонија не е членка на НАТО со нашиот придонес во ИСАФ мисијата можам слободно да кажам дека де факто сме дел од НАТО. Ние сме сојузник на кој можете да му верувате и да се ослоните“, рече министерот за одбрана Зоран Јолевски.

Покажавме дека сме рамноправен партнер со останатите армии без разлика дали тие биле дел од НАТО или не, рече началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески обидувајќи се да ја објасни смислата и значењето на учеството во ваква мисија.

Со подобра глобална безбедност ќе имаме подобра национална безбедност. Научените лекции и искуства во реалната ситуација никогаш не можат да се научат и вистински да се доживеат на полигоните и вежбалиштата.

„Со подобра глобална безбедност ќе имаме подобра национална безбедност. Научените лекции и искуства во реалната ситуација никогаш не можат да се научат и вистински да се доживеат на полигоните и вежбалиштата. Дејствувајќи заедно и борејќи се за истите вредности и принципи станувавме појаки и поуспешни и со поголема самодоверба.“

Амбасадорот на Соединетите Држави во заминување, Пол Волерс упати благодарност до македонските војници за нивната улога во мисијата на ИСАФ, но и на војниците кои се уште таму како дел од мисијата „Одлучна поддршка“ предводена од НАТО. Вашиот придонес во овие операции го поплочија патот кон мир и стабилност во овие региони со насилство во светот, рече Волерс.

Рамо до рамо, година по година, македонските војници исчекорија и се одѕваа на повикот да бидат испратени во странство и да се борат. И САД и нашите партнери се горди да служат со вас во оваа борба.

„Рамо до рамо, година по година, македонските војници исчекорија и се одѕваа на повикот да бидат испратени во странство и да се борат. И САД и нашите партнери се горди да служат со вас во оваа борба. Во септември во 2011 година кога другите избегаа од жестокиот напад на нашата амбасада во Кабул, вие останавте и заедно се боревме против непријателот. За овие и многу други акции македонските војници го заслужија почитувањето и воодушевувањето на тие кои служеа со нив“, рече Волерс.

Турскиот амбасадор во земјава Омур Шолендил чија амбасада е контакт-амбасада за НАТО порача дека Турција останува силен поддржувач на македонските аспирации во НАТО.

„Познато е дека од самиот почеток Турција е силен поддржувач на аспирациите на Македонија за членство во НАТО. Турција е убедена дека Македонија ги исполни сите критериуми потребни за членство во НАТО и затоа заслужува фер и еднаков третман како и секоја друга земја аспирант“, рече Шолендил.

Инаку, Армијата на Република Македонија учествува во мисијата ИСАФ во Авганистан од 2002 година. Во 2010 година Република Македонија беше четврта земја-придонесувач во ИСАФ, по глава на жител. Во оваа мисија, во периодот од 12 години учествуваа над 2.700 припадници на АРМ.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG