Достапни линкови

Штом опозицијата отвори уста, власта тужи


Заканите со тужби за клевета станаа главно оружје на власта против секоја критика или посочување на незаконско работење.

Министерот Миле Јанакиески го раскина договорот за закуп со фирмата „Лудвиг Фајфер“, а најави и тужба за портпаролот на СДСМ Петре Шилегов. Тој го обвини раководството на партијата дека во недостаток на идеи и проекти за граѓаните се уште ја држеле отворена темата за некаков наводен скандал. Тужба веќе поднесе и министерот за финансии Зоран Ставрески, а Јанакиески, пак, ги повика антикорупционерите да го проучат случајот.

Секогаш веднаш брзо реагираат, но реагираат без аргументи. Да се реагира какао било, на кој било начин за да се постигне саканиот пропаганден ефект дека ние демек работиме чесно, опозицијата е таа којашто не работи добро , којашто нема свои програми, не знае како треба да работи.
Темелко Ристески, универзитетски професор.

Ова е последното обвинување од опозицијата на која претставниците на власта реагираат слично - со контранапад дека политичките опоненти не работат ништо, закана за тужба и повик до институциите да реагираат.

Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.
Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.

Според професор Темелко Ристески, префрлувањето на вината без истакнување аргументи е обид да се постигне пропаганден ефект преку кој ќе им се покаже на граѓаните дека тие се во право.

„Секогаш веднаш брзо реагираат, но реагираат без аргументи. Да се реагира како било, на кој било начин за да се постигне саканиот пропаганден ефект дека ние демек работиме чесно, опозицијата е таа којашто не работи добро , којашто нема свои програми, не знае како треба да работи“, вели Ристески.

За жал, она што се случува дека реакциите на институциите ја следат реакцијата на политиката.
Слаѓана Тасева, антикорупционерка.

Во однос на повикот и реакцијата на институциите, професорот смета дека тие се под контрола на владејачките партии и затоа не реагираат или, пак, ако тоа го сторат го прават млако и во страв да не се замерат со гарнитурата што е на власт.

„Они кои треба да реагираат и сакаат да реагираат, честопати се соочуваат, претпоставуваме, со таа логика – па што и да правиме, како и да реагираме, таа наша реакција нема да има никакви резултати, па поарно да не реагираме и да се замеруваме со владејачката гарнитура“, вели Ристески.

Според поранешниот член на државната антикорупциска комисија, Слаѓана Тасева, за последниот случај со министерот Јанакиески не треба да реагираат само антикорупционерите, туку треба да се третира и од аспект на други одредби од кривичниот законик.

„За жал, она што се случува дека реакциите на институциите ја следат реакцијата на политиката. Политиката е политика и политичарите можат да имаат реакции како што тие вообичаено ги прават за да отстрануваат или да напаѓаат на другата страна, меѓутоа не треба да заборавиме дека ние сепак сме правна држава и држава која потпишала многу меѓународни конвенции и којашто ги формирала сите овие институции токму заради примена на тоа меѓународно право и во национални рамки“, вели Тасева.

Инаку досега обвинителството се изјасни за случајот Македонска банка и за т.н. афера пари во кеш кои како што тврдеше опозицијата ги примила Гордана Јанкулоска како партиски кадар. И во двата случаи беше објавено дека нема да се поведе истрага.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG