Достапни линкови

Кумановските стечајци со празни џебови и малку надеж


Протест на стечајци во Куманово.

Протест на стечајци во Куманово.

Стечајците се надеваат дека надлежните во државава ќе се „разбудат“ и ќе им помогнат. Но, полека и надежта исчезнува.

Кумановските стечајци и овие празници ги пречекаа без денар во џебовите, на празни трпези. Повеќето од нив немаат струја, огрев, немаат за парче леб, за лекови. Сите се болни, а како што велат, речиси стотина починале. Членуваат во Здружението УНИТ, ја споделуваат заедничката мака што им надвиснала над плеќите откако нивните фирми биле продадени, приватизирани, ограбени, а тие избркани.

Ништо не очекуваме. Ние како да не постоиме во оваа држава. Кога има избори не викаат да гласаме. Штом ќе заврши гласањето се се заборава.

Сакаат да се надеваат дека надлежните во државава ќе се „разбудат“ и ќе им помогнат. Но, полека и надежта исчезнува. Стечајниот стаж на повеќето од нив им е подолг од работниот. А предлог-законот за обесштетување до ново вработување или пензионирање во износ од шест илјади денари, никако да биде усвоен.

За својот тежок живот стечајците раскажуваат.

„Живееме од тоа што ќе ни помогнат од фамилијата. Немаме ниту социјална, ниту некоја друга помош.“

Ништо нема да добиеме. Грујо не дава. Не мисли тој за овој народ. Нему не му треба народ, не му треба младина. Фабрики отвора, а фабрики има, не може ниту да ги окречи. Машините ги упропастија.

РСЕ: Што очекувате?

„Очекуваме подобри резултати, но ништо нема.“

„Ништо не очекуваме. Ние како да не постоиме во оваа држава. Кога има избори не викаат да гласаме. Штом ќе заврши гласањето се се заборава.“

„Ништо нема да добиеме. Грујо не дава. Не мисли тој за овој народ. Нему не му треба народ, не му треба младина. Фабрики отвора, а фабрики има, не може ниту да ги окречи. Машините ги упропастија. Ги претопија во Грција. Грабеж, што да кажам. Живееме многу лошо. Децата ми избегаа. Гледа да не уништи. Не брка по патиштата. Една гранка да исечеш ќе ти ја земе. Тоа е катастрофа. Да произведеш нешто и тоа ќе ти го одземе. Нема излез“, велат запрашаните стечајци.

Разочарани се и револтирани стечајците, од кои и по две децении се на улица и без егзистенција. Понекогаш добиваат помош од локалната самоуправа, но и тоа е како што велат, на лажиче, зашто ним им треба работа на која ќе си заработуваат.

Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово додаваат дека не можат да им помогнат. Советникот во Советот од оваа партија Драган Петковски за стечајците вели дека во изминатиот период се донесени неколку закони за обесштетување на оние кои останале без работа од државни фирми.

„Ова Здружение на стечајци ги опфаќа работниците кои станаа стечајци од приватните фирми и колку што знам, државата не е надлежна да им ги решава проблемите.“

Кумановските стечајци се исправени пред голема неизвесност. Среќни ќе бидат оние кои ќе ја доживеат пензијата. За вработување, како што раскажуваат приватните стопанственици им велат дека се стари.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG