Достапни линкови

Фотоизложбата „Полска во објективот“ на пат по Македонија


„Полска во објективот“ е насловена фотоизложбата што од 15 јануари ќе се одржи во Изложбениот салон на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Станува збор за постановка која ја чинат дела на 13 автори од богатата „Шлонска колекција на фотографии“ и зад која како организатори стојат Македонско-полското културно друштво „Вардар“ и Амбасадата на Република Полска во Република Македонија. Во периодот што следува изложбата е планирано да ја видат и љубителите на оваа уметност во Струмица, Прилеп, Битола и Охрид.

Не многу по првичното декемвриско претставување во Културно-информативниот центар во Скопје, фотоизложбата „Полска во објективот“, чии потписници се Македонско-полското културно друштво „Вардар“ и Амбасадата на Република Полска во Република Македонија, од 15 до 29 јануари, ќе имаат можност да ја видат и кумановчани. Постановката, која ја чинат дела од богатата „Шлонска колекција на фотографии“ на 13 тамошни творци како Михал Кала, Аркадиуш Гола, Кшиштоф Голуч, Марчин Горски, Марек Лохер, Катажина Лата – Врона, Јоана Новицка и други, ќе се најде во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

Тоа е еден зборник на разгледници чија задача не би била да ги потстрекне туристите да ја посетат Полска. Нити е некој потполн објективен лик за Полска. Таа е плод на една, би рекол, прониклива опсервација на околниот свет.

Станува збор за избор на фотографии од галеријата во Катовице, чии сопственици се членовите на Здружението на полски уметници фотографи, оддел Шлонски. Одделот датира од 1934 година, основан е од познатиот Јузеф Хавличек, а Галеријата работи повеќе од 30 години. За тоа време има организирано над 300 изложби на фотографии и тековно, скоро секој месец, е домаќин на авторите кои што се издвојуваат со својот творечки ракопис.

„Попусто на Изложбата ќе се бараат некои колоритни фотографии или прекрасни релефни фотографии типични за оние од туристичките каталози. Тоа е еден зборник на разгледници чија задача не би била да ги потстрекне туристите да ја посетат Полска. Нити е некој потполн објективен лик за Полска. Таа е плод на една, би рекол, прониклива опсервација на околниот свет. Дури понекогаш таа се обидува да најде одговор на најгорливите прашања на Полјаците или да се согледа она што е под тепихот. Тоа е, како што еден од нив вели, громогласен хорски извик – Полска е интересна земја и Полска е нашиот дом. Дури под тоа мото е и изложбата „Полска е наш крај!“, истакнува Јордан Самарџиски, претседател на Македонско-полското културно друштво „Вардар“.

Тој дополнува дека Друштвото постои и активно делува 25 години и дека во тој период имаат реализирано десетици изложби и други културни активности кои го збогатуваат традиционалното македонско-полско пријателсто. Како посебност ја издвојува извонредно успешната постановка на светски прочуениот полски плакат која беше прикажана во повеќе градови во земјава.

За периодов што следува Самарџиски вели дека, во соработка со Амбасадата на Република Полска, подготвуват обемна културна програма со која сакаат наново да го анимираат вниманието на граѓаните.

„Во март некаде го очекуваме доаѓањето на г-ѓа Кристина Шаламаха. Станува збор за една млада и нова уметница. Повеќе стилистка отколку било што друго, но едно со друго е поврзано така да планираме со неа да направиме работилница во Скопје, а можеби и на некое друго место во Македонија.“

Згора на тоа, во рамките на претставувањето на полската традиција, музика и култура, Македонско-полското културно друштво „Вардар“ планира, слично како и минатата година, да го продолжи проектот за промоција на тамошната актуелна звуковност. Притоа , како убава можност, се споменува евентуалното доаѓање на оркестарот „Худоба“ од Вроцлав кој исполнува стара, стилизирана полска музика и кој некаде во август би настапил во неколку градови во нашава земја.

Конечно, веќе е извесно дека, по Скопје и Куманово, фотоизложбата „Полска во објективот“ ќе ја видат и љубителите на оваа уметност во Струмица, Прилеп, Битола и Охрид.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG